Свет
Путин оди во посета на Северна Кореја

Рускиот претседател Владимир Путин утре и задутре ќе ја посети Северна Кореја, објави Кремљ, а тоа е исклучително ретко патување кое го истакнува сè посилното партнерство на Москва со таа нуклеарна држава.
Во септември минатата година, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, за време на неговата посета на Далечниот исток на Русија, го покани рускиот претседател да ја посети неговата земја.
Путин не го посетил Пјонгјанг од јули 2000 година.
„На покана на претседавачот за државни работи на КНДР, Ким Џонг Ун, Владимир Путин ќе престојува во пријателска државна посета на Демократска Народна Република Кореја од 18 до 19 јуни“, се вели во соопштението на Кремљ, во кое се додава дека, по Северен Кореја, Путин на 19 и 20 јуни ќе го посети Виетнам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Каде е Кралот Чарлс? Отсуството од погребот на папата Франциск ја откри вековната тајна на британската круна

Додека државни лидери, кралски височества и високи црковни великодостојници денеска му оддаваа последна почит на папата Франциск во Ватикан, отсуството на британскиот крал Чарлс привлече особено внимание и отвори бројни прашања: зошто монархот не присуствуваше на церемонијата?
Иако кралот Чарлс важи за еден од највлијателните светски лидери, неговото отсуство не е случајно – тоа е диктирано од вековна традиција и строги црковни протоколи што датираат уште од времето на кралот Хенри VIII. Како врховен поглавар на Англиканската црква, британскиот монарх не може да учествува на настани организирани од Римокатоличката црква во својство на крал.
Историските корени на овој став водат до 1534 година, кога кралот Хенри VIII ја основа Англиканската црква поради одбивањето на папата Климент VII да му дозволи развод. Оттогаш, секој британски владетел го носи статусот Врховен гувернер на Англиканската црква, а надбискупот на Кентербери е нејзин главен духовен водач.
Иако кралот Чарлс во минатото лично се сретнал со папата Франциск, неговото отсуство од денешната церемонија е во согласност со долгорочната политика на британската круна. Истата практика ја следеше и кралицата Елизабета II, која никогаш не присуствуваше на погреб на папа.
Во 2005 година, за време на погребот на папата Јован Павле II, тогашниот принц Чарлс присуствуваше како личен претставник на кралицата, непосредно пред сопствената венчавка со Камила. Овојпат, пак, кралското семејство одлучи да го почитува традиционалниот протокол, па на церемонијата во Ватикан присуствуваше принцот Вилијам.
Вреди да се напомене дека кралот Чарлс беше последниот светски лидер кој се сретна со папата Франциск, само две недели пред неговата смрт, за време на државната посета на Италија. Со својата одлука да не присуствува, кралот уште еднаш ја истакна автономијата на Англиканската црква и важноста на почитувањето на историските традиции.
Свет
Убиени 10 лица, половина од нив деца во израелскиот напад на Газа

Најмалку 10 лица, меѓу кои три жени и пет деца, загинаа утрово во израелски воздушен напад врз трикатна зграда во западниот дел на градот Газа. Болницата Шифа, која ги прими телата, потврди дека половина од жртвите се деца.
Израелската армија соопшти дека целта на нападот било скривалиште на милитанти на Хамас, но бројот на цивилни жртви предизвика нов бран загриженост за состојбата на теренот.
Во меѓувреме, Хамас информираше дека испратил делегација во Каиро во обид да се обнови прекин на огнот, откако примирјето беше нарушено минатиот месец поради нов бран на израелско бомбардирање.
Од Израел пак, најавија дека воените операции ќе продолжат сè додека не бидат ослободени сите заложници и додека Хамас не биде целосно уништен или разоружан.
Регион
Намамил Црногорци дека ќе ги лекува и им зел 50.000 евра

Во голема полициска акција спроведена од Министерствата за внатрешни работи на Сараевскиот и Тузланскиот кантон, со поддршка на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина, беше уапсен 39-годишниот М.Х., осомничен за тешка кражба на околу 50.000 евра.
Според информациите од истрагата, М.Х. на 19 април 2025 година, во близина на Железничката станица во Сараево, украл пари од двајца државјани на Црна Гора. Осомничениот, познат како склон кон насилство и криминал, ги измамил жртвите така што им ветил дека ќе им помогне со алтернативни методи на лекување.
Под изговор дека ќе ги реши нивните здравствени проблеми, тој ги намамил на средба во Сараево, каде што им ги одзел парите.
По налог на обвинителството, полицијата извршила претрес на возилото, куќата и другите објекти што ги користел осомничениот во Лукавац, каде што бил и уапсен. При претресот биле пронајдени 20.500 евра, дел од украдените пари, како и „Порше Кајен“ вредно 28.000 евра, за кое постои сомнение дека било купено со присвоените средства.
Возилото е запленето, а М.Х. е пренесен во притвор на Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон, каде што против него продолжува кривичната постапка.