Свет
Путин се огласи по повод соборениот руски авион во Сирија
Рускиот претседател, Владимир Путин, се огласи по повод уривањето на рускиот воен авион над Сирија.
Тој посочи дека леталото од типот „II-20“ било соборено од страна на сириските сили и го опиша целиот настан како синџир трагични случајни околности.
Путин негира дека рускиот авион, во близина на Сирија, го срушиле израелски авиони, објави „Ројтерс“.
Рускиот претседател рече дека Кремљ ќе ги анализира околностите за уривањето на авионот и најави дека ќе ја зајакне безбедноста на руските трупи на сириска територија.
Претходно, Министерството за одбрана на Русија објави дека извидничкиот авион „II-20“ бил погоден од сириска ракета „земја-воздух“ над Средоземното Море ноќта помеѓу понеделникот и вторникот, објави АП.
Агенцијата додаде дека спасувачи ги барале урнатините од авионот, но дека не очекуваат да пронајдат преживеани.
Денеска руското Министерство објави дека авионот случајно бил погоден од еден проектил наменет за израелските борбени авиони „Ф-16“, кои вршеле напади врз цели во провинцијата Лакатија во Сирија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран ги предупреди американската војска и Израел дека ќе бидат „легитимни цели“ ако САД нападне поради протестите
Иранскиот парламент денеска се состана за да разговара за смртоносните антивладини протести кои беснеат повеќе од две недели. За време на парламентарната седница емитувана во живо на државната телевизија, претседателот на парламентот, Мохамед Багер Галибаф, предупреди дека американската војска и Израел ќе бидат „легитимни цели“ доколку САД ја нападне Исламската Република, како што се закани претседателот Доналд Трамп.
Галибаф, тврдокорен припадник кој во минатото се кандидираше за претседател, одржа говор во кој им аплаудираше на полицијата и на иранската паравоена Револуционерна гарда, за тоа што „стоеја цврсто“ за време на протестите.
„Народот на Иран треба да знае дека ќе се справиме со демонстрантите на најстрог начин и ќе ги казниме оние што се уапсени“, рече тој.
Тој продолжи директно да им се заканува на Израел, кој го нарече „окупирана територија“, и на американската војска, евентуално со превентивен напад.
„Во случај на напад врз Иран, и окупираната територија и сите американски воени центри, бази и бродови во регионот ќе бидат наши легитимни цели. Ние не сметаме дека сме ограничени само на реакција по акцијата и ќе дејствуваме врз основа на какви било објективни знаци на закана“, рече Галибаф.
Парламентарната седница, на која пратениците се упатија кон подиумот, извикувајќи: „Смрт за Америка“, се одржа откако американскиот новински веб-сајт „Аксиос“ објави дека американскиот државен секретар Марко Рубио разговарал со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за Газа, Сирија и протестите во Иран.
Иако американските и израелските претставници го потврдија телефонскиот повик, детали за темите не беа откриени.
Антирежимските протести продолжија во неколку ирански градови, а бројот на жртви во протестите се искачи на повеќе од 116.
Во меѓувреме, исклучувањето на интернетот во Иран останува на сила и трае повеќе од 60 часа.
Свет
Болниците во Иран преплавени со повредени од протестите, доктори опишуваат „ужасни сцени“
Протестите во Иран продолжуваат, а улиците на градовите, особено Техеран, се исполнети со илјадници демонстранти, и покрај блокадата на интернет и мобилните мрежи, јавуваат медиумите.
На новите протести, кои започнаа доцна синоќа во северниот дел на Техеран, демонстрантите извикувале: „Смрт за ајатолахот Али Хамнеи“ и „Да живее шахот“, а запалиле и една џамија.
Според американската организација „Активисти за човекови права“, утрово повеќе од 570 протести се одржале во сите 31 ирански провинции.
Здравствените работници во три болници во Иран велат дека нивните болници се преплавени со повредени и мртви од големите антивладини протести, објави Би-Би-Си. Според проценките на организациите за човекови права, најмалку 116 лица биле убиени во последните две недели.
Доктор во болница во Техеран опишал „ужасни сцени“, наведувајќи дека имало толку многу повредени што персоналот немал време да се справи со нив:
„Околу 38 луѓе починаа. Многумина дури и не стигнаа до болница. Бројот беше толку голем што немаше доволно место во мртовечницата. Телата беа едно врз друго. Откако мртовечницата се наполни, тие беа наредени едно врз друго во просторијата за молитва“, изјавил тој.
Според здравствениот работник, меѓу загинатите и повредените биле најмногу млади луѓе, на возраст од 20 до 25 години, а болниците морале да ги одложат сите неитни приеми и операции, за да можат да се грижат само за повредените од протестите.
Иранската полиција тврди дека никој не загинал во Техеран во петокот навечер, иако 26 згради биле запалени и предизвикале голема материјална штета.
Државната телевизија на Иран известува за жртви меѓу припадниците на безбедносните сили, додека демонстрантите сѐ почесто ги нарекува „терористи“.
САД повторија дека убиството на демонстранти може да предизвика воена интервенција, а Иран ги обвинува САД дека мирните протести ги претвориле во „насилни субверзивни акции и вандализам“.
Протестите започнаа на 28 декември поради падот на иранската валута и економските тешкотии.
Свет
„Добро сме, ние сме борци“ – порачал Мадуро од затворот во САД
Николас Мадуро Гера, син на уапсениот венецуелански претседател Николас Мадуро, изјави дека неговиот татко од затворската ќелија во САД порачал дека тој и неговата сопруга Силија Флорес се „добро“ и дека се „борци“.
„Добро сме. Ние сме борци. Не бидете тажни“, пренел Николас Мадуро Гера на видео-снимка објавена од владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела, наведувајќи дека тоа му го пренеле адвокатите на Мадуро, објави „Фигаро“.
Двајцата беа уапсени на 3 јануари во воена операција на американските специјални сили и се наоѓаат во притворска единица во Њујорк. На судењето што започна на 5 јануари, двајцата се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата за учество во нелегална трговија со дрога и оружје.
Времената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, порача дека „не ќе се смири додека не го вратат претседателот“ и дека ќе го „спаси“.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека го „откажал“ новиот напад врз Венецуела поради „соработката“ на Каракас, додека Вашингтон најави дека ќе „диктира“ одлуки, а Венецуела возврати дека не е „подредена ниту покорна“ на САД.
Американскиот Стејт департмент ги повика граѓаните на САД да не патуваат во Венецуела и оние што веќе се таму да ја „напуштат земјата“ поради нестабилната безбедносна ситуација и присуството на вооружени милиции, познати како „колективос“.

