Свет
Путин ја обвини ЕУ за „пљачка сред бел ден“ на рускиот имот
Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Европската Унија за обид за кражба на руски имот сред бел ден.
Путин изјави дека на Украина и на Европа е да го направат следниот чекор кон мир.
„Претседателот Трамп вложува сериозни напори да го запре овој конфликт. Тој го прави тоа со целосна искреност“, рече Путин.
„Топката целосно е во полето на нашите западни противници, пред сè на водачите на киевскиот режим, а во овој случај, пред сè на нивните европски спонзори. Подготвени сме и за преговори и за мирно решавање на конфликтот“, додаде рускиот претседател.
Трамп се залага за мировен договор, но Украина и нејзините европски сојузници стравуваат дека условите за мир би биле наклонети кон Русија.
Путин се обрати на годишната конференција за медиуми и во телефонското јавување на „директната линија“, кои траеја речиси четири и пол часа. Тој предупреди против каква било закана за блокада на руската ексклава Калининград, велејќи дека Москва би се спротивставила на таквите потези и дека се ризикува „судир од големи размери“.
Руските претставници го обвинија Западот дека сака да го изолира Калининград, кој се наоѓа на балтичкиот брег и е сместен меѓу членките на НАТО и Европската Унија – Литванија и Полска, и во кој е стационирана руската Балтичка флота.
Путин изјави дека Русија би била подготвена веднаш да ја запре војната во Украина доколку добие безбедносни гаранции, додавајќи дека Москва нема намера да ја напаѓа Европа.
Тој рече и дека Русија е отворена за соработка под еднакви услови со Западот.
Путин повтори дека руските услови за завршување на војната во Украина се оние што ги изнесе во говорот во јуни 2024 година, кога побара Украина да се откаже од амбицијата за членство во НАТО и целосно да се повлече од четирите региони кои Русија ги смета за своја територија.
Киев порачува дека нема да се откаже од териториите што руските сили не успеале да ги освојат во речиси четири години војна.
Путин изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не е легитимен лидер. Русија би била подготвена да разгледа прекин на нападите длабоко во Украина за време на изборите. Тој додаде дека на пет до десет милиони Украинци кои живеат во Русија треба да им се овозможи да учествуваат на изборите.
Путин одговараше на прашања неколку часа откако лидерите на Европската Унија го одложија планот за користење на замрзнатиот руски имот како гаранција за заем за Украина, одлучувајќи наместо тоа да позајмат готовина за да ѝ помогнат во финансирањето на одбраната во следните две години.
Лидерите на ЕУ изјавија дека го задржуваат правото да го користат рускиот имот за отплата на заемот доколку Москва не плати воена отштета на Украина.
Путин рече дека блокот од 27 земји се откажал од првичниот план затоа што би се соочил со сериозни последици, додавајќи дека веќе е нарушен имиџот на ЕУ како безбедно место за чување имот.
„Кражба не е соодветен израз… Ова е пљачка сред бел ден. Зошто оваа пљачка не може да се спроведе? Затоа што последиците би можеле да бидат тешки за пљачкашите“, рече тој.
Кремљ соопшти дека однапред примил повеќе од 2,6 милиони прашања за годишната конференција на Путин со медиумите, нарекувајќи го настанот демонстрација на неговата отвореност да одговара на прашања за која било тема.
Путин, 73-годишниот претседател кој е разведен, потврдно одговори на прашањето на еден учесник дали е вљубен, но не откри детали. Тој му рече на едно момче дека понекогаш тајно се вози низ Москва за да разбере што се случува во Русија.
Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

