Свет
Разговорите за нормализација на Мароко и Израел почнале уште во 2018 година
Шефот на мароканската дипломатија, Насер Бурита, обелодени во интервју за израелскиот канал i24 News детали за мировниот договор меѓу неговата земја и Израел, пренесува „Мидл Ист монитор“.
Бурита изјави дека разговорите за нормализација со Израел почнале во 2018 година и дека клучниот играч за поддршка на овој процес бил кралот Мохамед Шести.
„Кралот имаше верба во процесот и се погрижи тој да биде стабилен во начинот на кој се чувствуваше најудобно. По обемна работа, резултатот беше позитивен и ги исполни очекувањата и беше во согласност со визијата на Мохамед Шести“, додаде Бурита.
Мароканскиот министер продолжи:
„Од 2018 година наваму имаше многу контакти, според упатствата на неговото височество. Неговото височество разговараше со американскиот претседател и испрати делегации во САД не само за да се сретне со американски претставници туку и со Израелците“.
Бурита истакна дека односите со Израел не се косат со поддршката и застапувањето на Мароко за палестинската кауза, истовремено поздравувајќи го американското признавање на суверенитетот на Мароко над Западна Сахара и поддршката на Вашингтон за позицијата на Рабат по ова прашање.
„Одбраната на палестинската кауза не е во спротивност со нормализирање на односите со Израел. Мароко ја докажа својата ефикасна улога по ова прашање во текот на историјата и ова не е прв пат Мароко да објавува односи со Израел зашто како и секогаш овие односи треба да им служат на соработката и мирот во регионот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина остро го осуди убиството на Хамнеи, повика на прекин на воените дејствија
Кина соопшти дека „остро го осудува“ убиството на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи од страна на САД и Израел и повторно повика на прекин на воените дејствија, пренесува „Гардијан“.
Министерството за надворешни работи во Пекинг наведе дека станува збор за „тешко кршење на суверенитетот и безбедноста на Иран, како и на целите и принципите на Повелбата на ОН и основните норми на меѓународните односи“.
„Кина решително се спротивставува и остро го осудува тоа“, се додава во соопштението, со повик за „итен прекин на воените операции“.
Осудата следеше по телефонски разговор меѓу кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и рускиот министер Сергеј Лавров, за кој кинеските државни медиуми јавија дека бил инициран од руската страна. Ванг изјавил дека „дрското убиство на суверен лидер и поттикнувањето на промена на режим“ од страна на САД и Израел е „неприфатливо“.
Фото: depositphotos
Свет
Франција со резерва околу легитимноста на нападот врз Иран, но задоволна од исходот: „Хамнеи беше крвав диктатор“
Француската влада објави дека има резерви во врска со легалноста на воените операции на Израел и САД против Иран, но дека е задоволна од смртта на крвавиот диктатор, Али Хамнеи.
„Уште еднаш, очигледно, тоа не беше во согласност со меѓународното право. Она што е важно сега е што ќе се случи следниот ден“, изјави портпаролката на француската влада Мод Брежон, пренесе „Индекс“.
Сепак, таа истакна дека Франција може да биде задоволна со смртта на врховниот лидер на Иран затоа што тој бил крвав диктатор.
„Хамнеи беше крвав диктатор кој го угнетуваше својот народ, ги понижуваше жените, младите, малцинствата и неодамна беше одговорен за смртта на илјадници цивили во неговата земја и во регионот. Затоа, можеме да бидеме задоволни само со неговото исчезнување“, рече таа за Гранд.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили во неделата одби експлицитно да ги поддржи нападите на САД и Израел врз Иран, велејќи дека на САД е да ја презентираат правната основа за преземените дејствија.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Напад врз израелски град близу Ерусалим, има повредени
Најмалку шест лица загинале во удар на ирански балистички проектил врз израелскиот град Беит Шемеш, во близина на Ерусалим.
Според израелската Итна помош, повредени се 23 лица, од кои две се во тешка состојба, две со сериозни повреди, а 18 со полесни повреди.
Magen David Adom says its medics are treating several injuries following an Iranian ballistic missile impact in Beit Shemesh.
Among the injuries is a girl in serious condition, MDA says. https://t.co/nCbhWohNYB pic.twitter.com/2NjiS5QR1k
— Emanuel (Mannie) Fabian (@manniefabian) March 1, 2026
Израелската војска соопшти дека на местото на нападот испратила спасувачки и медицински тимови, како и хеликоптер за евакуација на повредените.
Беит Шемеш се наоѓа во централниот дел на Израел, западно од Ерусалим, и има околу 150.000 жители.
Фото: Depositphotos

