Свет
Разговор меѓу Путин и Ердоган, единствената надеж за продолжување на договорот за жито
Преговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Таип Ердоган остануваат единствената надеж за продолжување на црноморскиот договор за жито, што треба да истече следната недела, објави во понеделник руската новинска агенција РИА.
Договорот за жито, постигнат меѓу Русија и Украина со посредство на Обединетите нации и Турција во јули 2022 година, имаше цел да спречи глобална прехранбена криза со тоа што ќе се дозволи украинското жито заробено од руската инвазија безбедно да се извезува од пристаништата на Црното Море.
Цитирајќи неименуван извор, РИА објави дека нема оптимизам за продолжување на договорот, став што Москва често го повторува во последните недели.
„Нашата практика покажува дека преговорите меѓу двајцата лидери се тие што може да ја променат ситуацијата, сегашниот тежок период не е исклучок. Денес ова останува единствената надеж“, изјавија од РИА.
Ердоган во саботата рече дека врши притисок врз Русија да го продолжи договорот за жито, кој моментно истекува на 17 јули, и најави посета на Путин во август.
Кремљ соопшти дека за време на викендот немало закажан телефонски повик и дека нема сигурност за средбата на двајцата лидери.
Анкара ја налути Москва со нејзината одлука од 8 јули да ослободи петмина уапсени украински команданти на единицата што со недели бранеше челичарница во украинскиот град Мариупол, при што Кремљ рече дека Анкара ги прекршила договорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зголемени тензии меѓу Пекинг и Токио – Кина го блокира јапонскиот извоз на морска храна
Кина денес го известила Токио дека повторно ќе го забрани увозот на јапонски морски плодови, јавуваат медиумите. Одлуката доаѓа во момент на растечка дипломатска тензија меѓу двете земји, пренесе Ројтерс.
Причина за заострувањето беше изјавата на новата јапонска премиерка Санае Такаичи, која рече дека кинески напад на Тајван би претставувал закана за Јапонија. Пекинг побара повлекување на изјавата и ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Јапонија. Поради тоа, Кинезите масовно откажуваат резервации, што може да му наштети на јапонското стопанство.
Кина пред неколку месеци делумно ги ублажи ограничувањата за увоз на јапонска морска храна, воведени поради испуштањето пречистена вода од нуклеарката „Фукушима“ во океанот. Тогаш дозволи увоз од 37 префектури, а го забрани од 10 други.
Според извори на агенцијата Кјодо, повторната забрана е образложена со потреба од понатамошно следење на водата од нуклеарката. Кинеското министерство за трговија и царината не одговориле на барањата за коментар.
За јапонските извозници ова е тежок удар: Кина некогаш купувала над една петтина од вкупниот јапонски извоз на морски плодови. Околу 700 јапонски компании поднеле барање повторно да извезуваат во Кина, но досега се одобрени само три.
Свет
Европската комисија предлага воен шенген
Европската комисија денес го предложи новиот правилник за воена мобилност, со кој земјите членки ќе имаат рок од само три дена во време на мир, а уште пократок рок во вонредни ситуации – за да одобрат премин на војници и воена опрема преку своите граници.
Високата претставничка Каја Калас изјави дека е клучно војската и опремата да можат брзо да се преместуваат таму каде што се потребни. Комисијата најавува создавање „воен Шенген“ до 2027 година, а за инфраструктура со двојна намена во следниот буџетски период (2028–2034) предлага 17,65 милијарди евра.
Комесарот за транспорт Апостолос Цицикостас изјави дека за подобрување на воената мобилност се потребни околу 100 милијарди евра, и дека се идентификувани над 500 инфраструктурни проекти за побрзо движење на воена опрема низ ЕУ. Станува збор за проширување на тунели, зајакнување мостови, железнички траси, како и капацитети во пристаништа и аеродроми. Проектите треба да завршат до крајот на деценијата.
Дел од средствата ќе бидат од националните буџети, дел од кохезиските фондови и кредитите преку инструментот SAFE.
Комисијата предлага и отстранување на регулаторните пречки: усогласени правила за воена мобилност во ЕУ, поедноставени царински процедури и максимален рок за одобрение од три дена. Предвиден е и посебен итен механизам за забрзано движење на војска во рамки на ЕУ или НАТО.
Паралелно со ова, беше претставен и план за трансформација на европската одбранбена индустрија, со четири приоритети: инвестиции во одбранбени компании, забрзан развој на нови технологии, поголем пристап до одбранбени капацитети и поттикнување на потребните вештини во секторот.
Свет
Зеленски: Сите факти укажуваат на руска вмешаност во саботажата на полската железница
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес за време на разговорот со полскиот премиер Доналд Туск изјави дека сите факти поврзани со саботажата на железничката делница Варшава-Лублин укажуваат на руска вмешаност.
„Нашите информации се совпаѓаат: сите факти укажуваат на руска вмешаност во саботажата на полската железница. Никој освен Русите не е заинтересиран за нешто вакво. Украина е подготвена да соработува со Полска на различни нивоа и да ги сподели сите информации. Се согласивме да формираме украинско-полска група која ќе работи на спречување на слични ситуации“, објави Зеленски на својот X профил, пренесува Укринформ.
Украинскиот претседател рече дека социјалната платформа Телеграм била користена за организирање субверзивни активности и започнување кампања за дезинформација против Украина и потврди дека полскиот премиер Туск изразил сочувство до жртвите на руските воздушни напади врз Тернопол и други украински региони.
Фото: принтскрин

