Регион
Рама: Преговорите со Атина минаа напорно и тензично
Официјална Тирана оценува дека преговорите за текстот на спогодбата помеѓу Албанија и Грција за надминување на билатералните проблеми биле тешки и со нагласени тензии. Албанскиот премиер, Еди Рама, коментирајќи го финализирањето на текстот за спогодбата на Албанија со Грција, изјави дека преговорите со Грција минале тензично. Рама додаде дека неговата влада се обидувала да ги надмине досегашните прашања што создавале тензии меѓу двете земји по соборувањето на комунистичкиот режим во Албанија.
„Инвестиравме за да се создадат стратешки долгорочни односи со Грција. Тоа не беше толку лесно бидејќи во текот на преговорите имаше големи тензии, но не поради тоа што сакавме да ги расипеме односите со Грција, туку да ги поправиме сите односи што беа создадени по промената на системот за на крајот сè да излезе на добар пат“, нагласи Рама.
Според него, од историско значење е што Атина разбра дека законот за војна со Албанија е апсурден и дека тој ќе биде наважечки. Рама оцени дека добро е и решението за морската граница помеѓу Албанија и Грција додавајќи дека не држат критиките на опозицијата оти договорот за морската граница е на штета на Албанија.
Изјавата на премиерот на Албанија доаѓа по финализирање на текстот на спогодбата помеѓу Албанија и Грција за надминување на билатералните проблеми од страна на министрите за надворешни работи на Албанија и Грција на островот Родос и во пресрет на потпишувањето на овој документ за време на одржувањето на самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни од страна на премиерите на Албанија и Грција.
К. М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Синиша Каран нов претседател на Република Српска, Додик запеа на прославата
Синиша Каран од Сојузот на независни социјалдемократи (СНДС) е избран за нов претседател на Република Српска. Опозицијата објави дека ќе поднесе приговори поради нерегуларности и ќе побара повторување на изборите во Зворник, Добој и Лакташи, објави „Дневни аваз“.
Овие избори се карактеризираа со ниска излезност од 35,72 проценти, што е дури 18 проценти пониско од изборите во 2022 година.
„По којзнае кој пат, кога беше најтешко, победи српскиот народ“, рече Каран, откако партијата прогласи негова победа.
„Благодарност до сите што го препознаа овој момент и благодарност до претседателот Додик, и до сите што не се членови на нашата партија, но го препознаа овој момент. Српскиот народ даде решителен одговор на странскиот окупатор“, рече тој.
„Убеден сум дека администрацијата на Трамп ќе остане доследна и нема да се занимава со други земји, како што е Босна и Херцеговина. Тие сакаа да се ослободат од Додик, а сега добија двајца Додикови“, рече Каран.
Прославата во СНСД траеше до доцна во ноќта, а Додик го зграпчи микрофонот и запеа.
Милорад Додик никад веселији, издајник Вукановић никад тужнији! pic.twitter.com/XhlxnswOxx
— Саша Шарчевић (@saarcevic2901) November 23, 2025
Според прелиминарните податоци, Каран победи со три проценти повеќе гласови од неговиот главен противник, Бранко Блануша од Српската демократска партија (СДС).
Регион
Еден загинат во поплавите во Албанија по обилните дождови
Најмалку едно лице загина во Албанија во поплавите предизвикани од обилните дождови што паѓаат во изминатите неколку дена, соопшти денес албанската полиција.
Полицијата објави дека тело на жена (76) е пронајдено откако нивото на водата се повлекло во поплавената југоисточна општина Девол.
Поплавите предизвикаа најголема штета во руралните региони на југот на Албанија, а во селото Душар 30 семејства беа отсечени, бидејќи патиштата беа непроодни поради поплавите.
Регион
Фатална грешка направиле млади луѓе во опожарената „Вјесник“: „Не викај пожарникари, ќе дојде и полицијата“
Пожарот што го зафати облакодерот на Вјесник, Загреб, и го претвори во огнена стихија наводно е последица на невнимателно однесување на група тинејџери кои се занимаваат со таканаречен „урбекс“ – истражување напуштени објекти за објави на социјалните мрежи. Според неофицијални информации, реконструирани се настаните што му претходеле на пожарот, а во нив биле вклучени четворица малолетници и двајца 18-годишници.
Влегување во зградата низ прозорец
Групата, составена претежно од малолетници, во понеделник попладне влегла во облакодерот на Вјесник така што се протнала низ скршен прозорец од страната која гледа кон улицата Одранска. Во зградата поминале неколку часа, разгледувајќи 15 ката, напуштени канцеларии и палeјќи и гасејќи светла. Нашле фрижидер со алкохол, а за време на престојот пушеле и ги гаселе опушоците. Истовремено снимале фотографии за објави на социјалните мрежи, пишува „Индекс“.
Цел им било да стигнат до кровната тераса за да направат атрактивни снимки од градот, но на 15. кат наишле на метални плочи што не успеале да ги поместат. Тогаш еден од малолетниците го повикал 18-годишник познат по „Јутуб“ содржини од напуштени објекти.
Повикале двајца полнолетни
Повиканиот млад човек пристигнал околу 21:50 часот во придружба на уште еден 18-годишник. Ја прескокнале оградата и се искачиле до 15. кат, каде се придружиле на групата, но ни тие не успеале да ја отстранат пречката. Во меѓувреме двајца малолетници од првичната група ја напуштиле зградата и заминале дома.
Според сомнежите на истражителите, по неуспешниот обид да се искачат на кровот, еден од 18-годишниците запалил фрлена кутија со документи. Другиот наводно му помогнал така што смачкал хартија, ја запалил и ја фрлил во кутијата. Пожарот многу брзо се проширил, поради што една малолетна девојка побегнала. Еден малолетник се обидувал да ја изгаси огнот и ги убедувал постарите да ги повикаат пожарникарите.
Наводно, тие му одговориле дека заедно со пожарникарите би дошла и полицијата, па сите тројца решиле да ја напуштат зградата. Облакодерот останал во пламен, а двајцата 18-годишници од синоќа се во истражен притвор.

