Свет
Рамзан Кадиров ги испраќа своите малолетни синови во војна
Лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, најави дека тројца негови малолетни синови набргу ќе заминат на фронтот во Украина.
„Тоа што се малолетни не треба да влијае на обуката на оние што ја бранат нашата татковина. Внуците на првиот претседател на Чеченија, Ахмат Кадиров – Ахмат, Ели и Адам – имаат 16, 15 и 14 години. Меѓутоа, нивната воена обука почна многу одамна, кога беа многу мали“, рече Кадиров.
Според него, во базата на рускиот Универзитет за специјални сили во Гудермес „тие учат како да ракуваат со разни оружја, како да го користат на која било далечина и на теоретска основа“, а Ахмат, Ели и Адам се „подготвени да ги применат своите вештини во зоната на НВО“.
„Не се шегувам. Дојде време да се покажат во вистинска борба и само ја поздравувам нивната желба. Набргу ќе бидат на линијата на фронтот и ќе бидат во најтешките области“, рече Кадиров.
Тој испрати порака и до, како што наведе, лежерните луѓе, кои тврдат дека неговите роднини не учествуваат во војната.
„Во блиска иднина ќе имате можност да заземете позиции со момчињата и сами да се уверите дека Ахмат е сила! Убедени сме дека и малолетните деца ќе може да те скршат на парчиња бидејќи немаш ни дух, ни чест ни достоинство. Чекај!“, напиша лидерот на Чеченија, пренесе „Телеграф.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украина е подготвена за мировниот договор со САД и Европа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена да продолжи напред со рамката за мировен договор во соработка со Соединетите Американски Држави и Европа, пишува Ројтерс.
Повикувајќи се на текст од говор во кој имал увид, Ројтерс наведува дека украинскиот лидер им порачал на сојузничките земји дека сите безбедносни одлуки што се однесуваат на Европа мора да ги вклучуваат и европските држави.
Зеленски истакнал дека е подготвен да разговара за чувствителните точки од мировниот договор со Доналд Трамп, но нагласил дека на тој состанок мора да учествуваат и европските лидери.
На крајот порача дека сојузниците на Киев треба да продолжат да ја поддржуваат Украина сè додека Русија не покаже подготвеност да ја заврши својата инвазија.
Регион
Захарова ѝ одговори на фон дер Лајен: Западот насилно ги прекрои границите на Србија
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги нарече условите на Европската унија за постигнување мир во Украина апсурдни.
„По средбата со лидерите на ЕУ, Урсула фон дер Лајен ги изнесе условите на ЕУ за постигнување мир во Украина“, напиша Захарова на својот канал на Телеграм.
Конкретно, ЕУ во своите услови нагласува дека границите не можат да се менуваат со сила.
„Урсула не можеше да не слушнала за Косово. Западот прогласи и со сила спроведе еднострано прекројување на границите на Србија, спротивно на волјата на српскиот народ“, предупреди Захарова, пренесе руската државна новинска агенција РИА Новости.
Во врска со ограничувањето на големината на украинската армија, Захарова потсети дека Германија во историјата прифатила слични ограничувања за својата војска, нагласувајќи дека фон дер Лајен, како Германка, би требало да го знае тоа.
Изјавата дека Украина ја одбрала европската иднина, Захарова ја нарече најапсурдна.
„Сите добро се сеќаваме како легитимно избраниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, изјави дека земјата што тогаш легитимно ја водеше го суспендира договорот за европски интеграции затоа што ‘украинската економија и законодавство не беа подготвени за приклучување кон Европската унија’“, истакна таа.
„Во исто време, Западот го покрена Мајдан, што доведе до неуставен пуч во 2014 година и, на крајот, до воспоставување на неонацистички режим во Киев под водство на глобалното малцинство“, додаде Захарова.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата порача дека украинските граници не можат да се менуваат со сила, дека украинската армија не смее да се намалува и да се остави ранлива на напад, како и дека Европската унија мора да има централна улога во мировниот договор за Украина.
„Секој веродостоен и одржлив мировен план треба пред сè да го запре убивањето и да го заврши војувањето, а не да посее семе за идни конфликт“, наведе шефицата на Европската комисија.
Свет
Стармер и Зеленски разговараа пред состанокот на коалицијата на подготвените
Британскиот премиер Кеир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа во пресрет на состанокот на „коалицијата на подготвените“ земји, која ќе понуди поддршка за Украина додека продолжуваат напорите за постигнување мировен договор со Русија.
Украина и понатаму е изложена на руски напади, при што загинаа најмалку шест лица, а делови од Киев останаа без вода и струја. Украинските сили, пак, изведоа дрон-напад врз руската Ростовска област, при што, според наводите, загинале три лица, а осум биле повредени.
Нападите следат по викенд-разговорите во Женева меѓу американски и украински претставници за мировниот план што го предлага администрацијата на Доналд Трамп.
Зеленски соопшти дека имал „добар и многу продуктивен“ разговор со Стармер и дека биле координирани ставовите за денешниот состанок на коалицијата, како и следните чекори во процесот.
Во меѓувреме, американскиот секретар за армија Ден Дрискал во Абу Даби разговарал со руски претставници за последните случувања по женевските разговори. Се очекува Зеленски да отпатува во Вашингтон до крајот на ноември за да ги финализира чекорите и да постигне договор со претседателот Трамп, соопшти украинскиот функционер Рустем Умеров.

