Свет
Расте бројот на загинати и повредени во последниот руски напад врз Украина
Руските комбинирани напади, почнати денеска врз неколку градови во Украина, оставија најмалку десет мртви и десетици повредени, а бројот се очекува да се зголеми додека продолжуваат операциите за помош, соопштија украинските власти.
15-ина лица се повредени. Четворица загинаа во областа Днепропетровск, изјави нејзиниот гувернер Сергиј Лисак, а локалните власти пријавија два смртни случаја во Киев, двајца во Одеса, една смрт во Харков (североисточно), друга во Лавов (запад).
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека, според процените, Русија денеска лансирала околу 110 проектили во најголемиот воздушен напад врз Украина и дека повеќето од нив биле соборени.
Локалните власти соопштија дека во рускиот напад врз градот Днипро загинале четири лица. Регионалниот лидер Серхиј Лисак рече дека меѓу десетината повредени во нападите има и загинати. Тој додаде дека пожарот избувнал во трговскиот центар, а оштетени се родилиштето и шесткатницата.
Украинското Министерство за здравство соопшти дека неидентификувана медицинска установа во градот е тешко оштетена, но дека сите пациенти и персоналот успеале да најдат засолниште. Две лица загинаа, а најмалку 15 се повредени кога проектил погодил станбени згради во јужниот град Одеса, изјави регионалниот гувернер.
Во Лавов руските воздушни напади врз станбена зграда убиле едно лице, а три други биле повредени, според локалните власти. Последните руски напади покажуваат дека на Украина ѝ треба повеќе помош, изјави советникот на украинскиот претседател, пренесува АФП.
Бранот комбинирани руски напади врз неколку украински градови покажува дека на земјата ѝ е потребна „повеќе меѓународна помош“, изјави Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател.
„Правиме сè што е во наша моќ да ја зајакнеме противвоздушната одбрана. Но, светот мора да види дека ни треба повеќе помош и повеќе ресурси за да го запреме овој терор“, напиша Јермак на социјалната мрежа „Телеграм“.
Украина денеска беше погодена од комбиниран воздушен напад со проектили и беспилотни летала, соопшти украинската армија.
Неколку градови во Украина беа цел на рускиот напад, вклучувајќи ги Киев, Лавов, Харков и Одеса.
Претходно, беше соопштено дека едно лице загинало, осум се повредени во Харков, а уште седум се повредени во Киев при масовни руски ракетни напади.
Оштетена е зградата на метро-станицата во главниот град на Украина, која се користеше како засолниште, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на апликацијата за пораки „Телеграм“.
Во Харков се регистрирани 22 руски напади, во кои беа оштетени болница, станбени згради и индустриска фабрика, изјави градоначалникот Ихор Терехов.
Засега нема коментари од Русија за воздушните напади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски се обрати до нацијата: Се браниме кај Харков, во Доњецк е исклучително тешко
Украинските сили продолжуваат со одбранбените операции околу северните погранични населби во регионот Харков, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.
„Нашите сили извршуваат контранапади и ја штитат украинската територија веќе втор ден“, рече Зеленски.
Украинската војска претходно соопшти дека руските сили се задржани во пограничните села во „сивата зона“, додека Русија објави дека зазела пет локални населби.
Ситуацијата, рече Зеленски, е особено напната во регионот на Доњецк, поточно во правец на Покровское, кај селата Семенивка и Нетаилова.
Зеленски додаде дека попречувањето на руските офанзивни акции сега е задача број еден.
Свет
Макрон: Се надевам дека Французите нема да мора да се борат во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш не ја исклучи можноста за интервенција на француската армија во Украина, но истовремено изрази надеж дека неговата земја нема да мора да војува и да испраќа свои војници во војна.
Како што пренесува „Украинска правда“, Емануел Макрон рече дека во одреден момент Европејците треба да бидат подготвени да ја спречат Русија да напредува понатаму во Украина, но тој најискрено се надева дека нема да мора да се борат.
„Ако сакаме мир, мораме да го заштитиме. Затоа треба да се вооружиме и затоа треба да бидеме средство за одвраќање и убедување. Ако одите предалеку и ги загрозувате нашите интереси и нашата безбедност, тогаш јас не исклучувам интервенци во конфликтот“, рече Макрон.
Тој нагласи дека украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет се под закана, но истовремено владеењето на правото и општите правила се под закана.
„И ако оставиме сè како што е во Украина, тогаш ќе победи правото на посилниот. И не можеме да бидеме сигурни бидејќи тоа се случува на 1.500 километри. Значи, во Украина нашата иднина и нашата безбедност се во прашање“, заклучи францускиот претседател.
Свет
Големи пропалестински протести во Малме пред евровизиското финале, се бара исклучување на Израел од натпреварот
Денеска во центарот на Малме, Шведска се одржува масовен пропалестински протест поради учеството на Израел на овогодинешното натпреварување.
Голем број луѓе почнаа да се собираат на главниот плоштад во Малме од 16 часот.
Протестот почна на главниот плоштад во Малме, а насобраните од ова место се упатија кон арената Малме, каде што се одржува Евровизија.
Во четвртокот, кога претставничката на Израел настапи во втората полуфинална вечер, на улиците на Малме протестираа повеќе од 30.000 луѓе, според проценките на шведската полиција.
Барањата се исти – бојкот на Евровизија и исклучување на Израел од натпреварувањето.