Свет
Расте бројот на престрелки во Шведска и покрај акциите против насилството и пандемијата
Бројот на престрелки се зголемува во Шведска и покрај националните напори да се спречи насилството меѓу бандите во екот на епидемијата на коронавирусот, пренесува СВТ.
Иако од 1 јануари до 15 април годинава се застрелани вкупно 15 лица во земјата со над 10 милиони жотели, што е целосно споредливо со истиот период лани, вкупниот број на престрелки и повредени, 86 и 32, се зголемил.
Овој неповолен тренд продолжува и покрај националната кампања за спречување на насилството меѓу бандите – во тек е операцијата „Харфрост“. Нејзината цел е да се намали насилството со ставање на криминалните банди под притисок.
„Можам со сигурност да кажам дека спречивме сериозни насилнички злосторства, затоа велам дека го намаливме смртоносното насилство“, вели Стефан Хектор, национален командант на операцијата „Харфрост“, за СВТ.
За време на операцијата „Харфрост“, што критичарите ја нарекоа „операција Снегулка“, полицијата спроведе стотици претреси во куќи, заплени 545 парчиња оружја, 100 кг експлозив, 2,3 милиона шведски круни во готово (околу 200.000 долари) и уапси повеќе од 200 лица за разни кривични дела.
Полицијата исто така посочи дека епидемија на коронавирусот, спротивно на очекувањата на некои луѓе, немала големо влијание врз криминалот. Ова веројатно се должи на фактот дека Шведска, за разлика од повеќето европски нации, не воведе режим на ограничено движење.
Дури и протокот на дрога не е нарушен во голема мера, вели полицијата. Сепак, сè уште постои ризик дека намалениот пристап до дрога може да го зголеми насилството.
„Видовме дека во случаи кога снабдувањето со дрога се намалува, стануваме сведоци на изнудувањето како метод за добивање пари во криминалната средина. И тоа обично се спроведува преку насилство“, рече Хектор.
Во последните години бомбардирањата и пукањата толку редовно го нарушуваа мирот на најголемите градови во земјата, како Стокхолм, Гетеборг и Малме, што локалното население се навикнало на тоа.
Дури и шефот на шведската полиција, Андерс Торнберг, насилството меѓу бандитего нарече „ново нормално“ и им рече на своите сонародници да се навикнат на тоа. Според него, смртоносните престрелки се тесно поврзани со трговијата со дрога.
Една студија од 2018 година покажа дека ризикот да станете жртва на насилство од огнено оружје е зголемен петпати од 1996 година, а вината се префрла на недоволните напори за спречување на криминалот. Истата студија заклучи дека стапката на насилство со огнено оружје во Шведска е 10 пати поголема отколку во Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.
Свет
Им го украл автомобилот, па добиле казна оти крадецот возел без појас
Брачниот пар Лејла и Хамид од Голд Кост, Австралија, прво станале жртви на кражба во нивниот дом, а потоа добиле и казна од околу 3.750 евра. Казната ја добиле затоа што крадецот кој им го украл автомобилот, Lexus SUV, не бил врзан со безбедносен појас.
Како што пренесува 9 Now Australia’s Today, маскирана група крадци влегла ноќе во нивниот дом додека брачниот пар спиел. Хамид се разбудил од бучавата, успеал да ги истера крадците и да повика полиција. Тврди дека полицијата не дошла, а крадците наскоро се вратиле и овој пат го украле нивниот Lexus SUV.
Хамид вели дека полицијата ја повикал и вторпат, но ни тогаш никој не дошол на адресата. Три недели по инцидентот, тврди тој, полицијата сè уште не го посетила нивниот дом. Наместо помош, парот добил – казна. Сообраќајна камера го снимила крадецот зад воланот на нивниот SUV без безбедносен појас, а паричната казна автоматски им била издадена на сопствениците на возилото. Ако не го платат износот до 3 март, им се закануваат дополнителни трошоци.
Хамид се прашува како е можно системот да го сними прекршокот и да ги казни сопствениците, но не и да ја идентификува лицето кое управувало со украдениот автомобил.
Според податоците на Австралискиот завод за статистика (ABS), во Австралија се краде еден автомобил на секои 11 минути. Во периодот 2023/2024 се украдени повеќе од 60.000 возила, околу 17.000 повеќе од претходната година. Барањата за отштета по кражби речиси се удвоиле од 2015 година и во 2024 достигнале 428 милиони долари.

