Свет
Реакции на заканата од Трамп: Американските производители на виски, француската козметика и германската хемиска индустрија повикуваат на ублажување на тензиите
Откако Доналд Трамп повторно се закани дека ќе ја ескалира трговската војна и препорача воведување царина од 50 проценти за стоките од Европската Унија од 1 јуни, пристигнаа првите реакции од економските сектори од двете страни на Атлантикот.
Американските производители на виски ја поздравуваат одлуката на ЕУ засега да не воведува царини
Американските производители на алкохолни пијалаци ја поздравија одлуката на Европската Унија сепак да не воведува високи царини за американското виски. Крис Свонгер, претседател и извршен директор на Советот за дестилирани пијалоци на САД (Дискус), изјави:
„Американските производители на виски неодамна со големо олеснување ја дочекаа одлуката на ЕУ да не воведува царина од 50% на американското виски како дел од спорот за челикот и алуминиумот. Одлуката понуди зрак надеж дека САД и ЕУ би можеле да најдат заедничка основа и да избегнат понатамошно ескалирање на царините.“
Француската козметичка индустрија бара брз и избалансиран договор
Француското здружение на козметичката индустрија (FEBEA) повика на брзо постигнување на договор за избалансирана трговија меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Во соопштението, тие рекоа:
„Козметичката индустрија бара избалансиран договор со Соединетите Американски Држави. Остануваме смирени и им веруваме на европските преговарачи брзо да го склучат договорот меѓу ЕУ и САД, бидејќи тоа е, пред сè, европско прашање. Американскиот пазар е нашиот најголем извозен пазар надвор од Европската Унија.“
Германската хемиска индустрија е претпазливо оптимистичка
Германската хемиска и фармацевтска индустрија продолжува да се надева на напредок во трансатлантската трговија. Волфганг Гросе Ентруп, извршен директор на Германското здружение на хемиската индустрија (VCI), изјави:
„Германската хемиска и фармацевтска индустрија сè уште се надева дека САД и ЕУ ќе постигнат договор за намалување на пречките во трансатлантската трговија. Во исто време, јасно е дека ситуацијата е сè уште кревка, а неизвесноста е голема. Заедно со успешните преговори со САД, клучно е и зајакнувањето на европската индустрија, внатрешниот пазар на ЕУ и продлабочувањето на односите со другите региони.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина се противи на конфискацијата на замрзнатиот руски имот
Кина е против какви било еднострани дејства што го кршат меѓународното право и не се одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, коментирајќи ја ситуацијата во врска со конфискацијата на замрзнатите руски средства.
Гуо изјави за „Спутник“ дека сите страни треба да создадат позитивна атмосфера и позитивни услови за решавање на украинската криза, а не обратно.
Тој истакна дека Кина води независна и мирна надворешна политика и дека нејзината позиција во врска со украинскиот конфликт е конзистентна и јасна, односно дека ги поддржува сите напори насочени кон постигнување фер, траен мировен договор што е можно побргу преку дијалог и преговори.
На 12 декември Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на руските средства.
Европската комисија очекува дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра замрзнати руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани во Euroclear во Белгија.
Белгија се спротивставува на конфискацијата и бара од земјите членки на ЕУ гаранции дека земјите ќе го споделат ризикот во случај на последици од таков потег.
ЕУ ѝ понуди на Белгија три гаранции во врска со конфискацијата на руски средства со цел да ја поддржи Украина, но белгиските власти сметаат дека тоа не е доволно за земјата да се одлучи за таков чекор, објави „Политико“, пренесува „Танјуг“.
Во меѓувреме, Централната банка на Русија поднесе тужба против Euroclear за сума од речиси 193 милијарди евра поради обидот на Европската Унија да заплени замрзнати руски средства.
Фото: депозитфотос
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Свет
Фон дер Лајен: Обврска на Европа е да биде одговорна за сопствената безбедност
Европа мора да биде одговорна за сопствената безбедност, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова повеќе не е опција. Тоа е обврска“, изјави Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, објави „Ројтерс“.
Таа објави дека Европа „не може да си дозволи да им одобри на другите да го дефинираат нејзиниот поглед на светот“.
Таа исто така додаде дека иако стратегијата за национална безбедност на САД е точна кога вели дека уделот на Европа во глобалниот БДП се намалува, САД исто така, како што изјави таа, се на истиот пат.
Во новата стратегија за безбедност на САД, што неодамна беше објавена, европските земји се опишани како ослабени сили што го отстапиле својот суверенитет на Европската Унија.
Во документот Европа е повикана и да преземе одговорност за сопствената одбрана, пренесува „Танјуг“.
Фото: депозитфотос

