Свет
Рекордни 49 степени во Тунис, во Сицилија 47

Топлотен бран се шири од Северна Африка кон јужна Европа, објави на Твитер шкотскиот метеоролог Скот Данкан.
Вчера во Tунис беше измерена температура од неверојатни 49 Целзиусови степени, што e историски рекорд за температура.
Просечните температури во Тунис во август се околу 30 Целзиусови степени, а вчерашното мерење го собори рекордот од 47,4 Целзиусови степени измерен во јули 1943 година.
„Ова е само почеток на суровиот топлотен бран“, напиша метеорологот.
Вчера, на италијанскиот остров Сицилија, најголемиот остров на Медитеранот, беше измерена температура од дури 47 степени Целзиусови.
Скот вели дека Шпанија ќе биде следна земја која ќе биде погодена од топлотниот бран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ вели дека нема шанси за враќање на окупираните територии на Украина

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија нема намера да и врати ниту еден дел од окупираната територија на Украина.
„Тоа се територии кои станаа дел од Русија и се вклучени во нашата државна уставна одредба како неотуѓив дел од Русија. Тоа е факт што ние апсолутно не можеме да го негираме или да разговараме“, рече Песков на дневниот брифинг со новинарите.
Според рускиот устав, Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје се дел од Русија, иако руските сили не ги контролираат целосно овие региони, а Украина и меѓународната заедница ги сметаат за дел од Украина.
Изјавите на портпаролот на Кремљ доаѓаат еден ден откако и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров посочи дека Русија бара целосна контрола врз четирите региони.
Регион
Oсуммина уапсени во Брчко поради трговија со деца: вклучен и Европол

Полицијата на округот Брчко на БиХ уапси осум лица под сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на дете кога вчера во куќа во тој град на крајниот североисточен дел на Босна и Херцеговина беа пронајдени 31 дете на возраст под 12 години.
Портпаролката на окружната полиција, Џевида Хукичевиќ, за новинарите изјави дека истрагата е сложена и вклучува неколку линии на дејствување.
„Во врска со ова, под надзор на односниот обвинител, полициските службеници на окружната полиција им даваат приоритет на сите потребни доказни дејства, при што беше постигната соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), МУП (на субјектот на БиХ) на Република Српска и МУП на Херцеговина, како и со меѓународната соработка со Европол“, вели таа.
Во меѓувреме, децата се пренесени на безбедно место.
Според медиумите, уапсени се судскиот полицаец и мајка му, како и една жена со италијанско државјанство. Хрватската полиција соопшти дека меѓу пронајдените деца во Брчко шест имале хрватски документи.
Со прелиминарните идентификациски проверки утврдиле дека овие деца не се пријавени за исчезнати во Хрватска. Иако документите што ги придружуваат децата се во согласност со хрватските закони, полицијата ќе преземе дополнителни проверки на автентичноста на документите и идентитетот.
Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина ги повика надлежните органи итно да почнат темелна истрага и да ги гонат одговорните.
„Истовремено, неопходно е да се обезбедат сеопфатна заштита и поддршка на жртвит имајќи го предвид фактот дека се малолетни. Силен одговор од надлежните институции е предуслов за спречување криминални дела од овој тип, но и за заштита на најранливите членови на општеството и зачувување на владеењето на правото“, се наведува во соопштението за печатот на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина.
Регион
Песков: Пресудата против Додик е политичка

Кремљ ја осуди едногодишната затворска казна што вчера му беше изречена на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, нарекувајќи го обвинителството против него политичко.
„Прогонот на Додик е целосно политички по природа и е насочен не само против него, туку и против сите патриотски сили“, рече на прес-конференција портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно, американскиот Стејт департмент соопшти дека има сознанија за пресудата донесена од Судот на Босна и Херцеговина во средата против лидерот на босанските Срби и изрази противење на преземање чекори што ќе ја поткопаат безбедноста на земјата.
Милорад Додик вчера со првостепена одлука на Судот на БиХ беше осуден на една година затвор, заедно со шестгодишна забрана за политичка активност, поради непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит.
Одбраната на Додик и обвинителството имаат можност да поднесат жалба на оваа одлука, а правните и политичките последици нема да стапат на сила до конечната пресуда.