Свет
Референдумот за антикорупциски мерки во Колумбија не успеа
Референдумот во Колумбија за седум антикорупциски мерки не успеа денес, иако секоја од овие мерки доби 99 отсто поддршка од гласачите.
Референдумот не успеа бидејќи не излегол доволен број гласачи, а за да биде признаен резултатот за секое прашање, треба да добие 12,1 милиони гласови, а само 11,6 милиони гласачи излегле да гласаат, што е под една третина од вкупниот број гласачи, објави агенцијата „Ројтерс“.
Во Колумбија право на глас имаат 36,5 милиони луѓе.
На референдумот, меѓу другото, беа поставени и прашањата за намалување на платите на пратениците, ограничување на јавните овластувања, забрана за извршување на казните од домашен притвор за корупција.
Корупцијата во последните години стана главна тема во Колумбија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавена е конечната листа: 305 светски познати личности поврзани со Џефри Епстин
Министерството за правда на САД ги објави сите досиеја поврзани со Џефри Епстин, вклучувајќи и дефинитивен список од 305 истакнати имиња што се појавија во документите.
Главниот обвинител на САД, Пам Бонди, објави дека сите досиеја поврзани со Џефри Епстин се официјално објавени, вклучувајќи милиони е-мејлови, фотографии и документи поврзани со еден од најконтроверзните кривични случаи во последните децении.

Како дел од официјалниот извештај доставен до Конгресот на 14 февруари, Министерството за правда објави конечен список од 305 истакнати поединци кои се појавиле барем еднаш во документите.

На списокот се наоѓаат политичари, претприемачи, актери, пејачи и други јавни личности – живи и починати. Меѓу имињата што привлекоа најголемо внимание се Доналд Трамп, Џеј Ди Венс, Мишел Обама, Марко Рубио, Клинтонови, Бил Гејтс, Бијонсе, Шер, Брус Спрингстин, Џеј Зи, Роберт Де Ниро, Дајана Рос, Мелинда Гејтс, Такер Карлсон и Меган Маркл.

Министерството јасно истакнува:
„Да бидеш именуван во досиејата на Епстин не подразбира никаква вина или поврзаност со неговите гнасни злосторства на сексуална злоупотреба на деца.“
Бонди и нејзиниот заменик, Тод Бланш, дополнително нагласија дека имињата се појавуваат во широк спектар на контексти, што значи дека самото споменување не подразбира кривична одговорност.
Регион
Киднаперите на Кајмакоски и по една недела сè уште не се пронајдени, во тек е потрага
Потрагата по киднаперите на Даниел Кајмакоски влезе во осмиoт ден, а и покрај обемната полициска акција, на осомничените и понатаму им се губи секоја трага. Иако теренот околу местото каде што со возилото удриле во заштитната ограда бил детално пребаран, бегалците како да пропаднале во земја.
„Се преземаат сите оперативни мерки и активности со цел да се идентификуваат и пронајдат сторителите. Во овој момент тие сè уште се во бегство“. наведува извор на „Курир.рс“ и додава дека полицијата, по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, продолжува со потрагата.
Драмата почнала откако пејачот минатата недела го завршил настапот во Белград. Осомничените, за кои се верува дека се странски државјани, наводно од Турција, го пресретнале пејачот, му се заканиле со нож и пиштол, го врзале и го одвезле со неговиот автомобил, барајќи 20.000 евра.
Само неколку минути по тргнувањето од центарот на градот, полициска патрола при редовна контрола се обидела да го запре возилото. Сепак, возачот не застанал на дадениот знак.
„Во моментот кога му дадоа знак да застане, возачот продолжи и забрза до максимум. Никој не можеше да предвиди што ќе се случи“, открива извор близок до истрагата.
Во меѓувреме, пријател на пејачот го пријавил киднапирањето, по што била покрената обемна полициска акција. Потерата се одвивала покрај Палатата Србија и Белградската арена, а потоа и по автопатот кон Шид. Во потрагата биле вклучени бројни полициски единици.
Драмата кулминирала кај исклучувањето за Рума, каде што осомничените изгубиле контрола над возилото и удриле во заштитната ограда. Сè се случило за неколку секунди, а во настанатиот хаос киднаперите го напуштиле автомобилот и избегале пеш, додека во возилото бил пронајден врзаниот Кајмакоски.
„Осомничените избегале пеш, а во возилото бил затекнат пејачот. Постои можност маглата и лизгавиот коловоз да придонеле за губење на контролата врз возилото“, наведува изворот.
Иако припадниците на полицијата детално го пребарале поширокиот терен, вклучително и околните ниви и шумски појаси, засега нема потврда дека осомничените се лоцирани.
Свет
Братот на Џефри Епстин: Убиен е, знаеше премногу, наскоро се’ ќе биде откриено
Братот на осудениот американски сексуален престапник Џефри Епстин, Марк Епстин, го обвини Министерството за правда на САД дека стои зад прикривање на неговата смрт.
Џефри Епстин беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк на 10 август 2019 година. Тогашните официјални резултати од обдукцијата утврдија дека станува збор за самоубиство.
Во интервју за француската телевизија БФМ, Марк Епстин изјави дека е убеден дека неговиот брат бил убиен.
„Сега знам дека е убиен“, изјавил Марк Епстин, додавајќи дека по обдукцијата лекарите рекле дека не можат да заклучат дека станува збор за самоубиство, бидејќи околностите „премногу потсетувале на убиство“.
Тој навел дека во првичната потврда за смртта, во рубриката „причина за смрт“, стоела формулацијата „во очекување на дополнителни истраги“, а дека неколку дена подоцна биле објавени резултати според кои Епстин извршил самоубиство во ќелијата.
Марк Епстин изјавил дека неговиот брат „премногу знаел“.
„Во време на изборите во 2016 година, кога се натпреваруваа Хилари Клинтон и Доналд Трамп, Џефри рече: ‘Кога би го кажал она што го знам за двајцата кандидати, изборите би требало да се поништат’. Го обвинувам Министерството за правда дека го прикрило убиството на Џефри“, изјавил Марк Епстин за БФМ.
Француската телевизија наведува дека тој не е единствениот кој јавно изнесува такви тврдења. На 13 февруари, во британскиот „Телеграф“, д-р Мајкл Бејден, еден од лекарите кои присуствувале на обдукцијата како набљудувач во име на семејството Епстин, изјавил дека причината за смртта требало да биде предмет на повторна истрага.
„Мислам дека неговата смрт најверојатно е предизвикана од притисок при давење, а не од бесење. Со оглед на сите информации со кои моментално располагаме, подлабока истрага за причината и околностите на смртта е оправдана“, изјавил лекарот за британскиот весник.
Марк Епстин смета дека објавувањето на досиејата поврзани со случајот претставува „диверзија“.
„Мислам дека тоа е делумно диверзија за да се спречи интересот на јавноста за фактот дека тој е убиен“, изјавил тој.
Навел и дека е спроведена независна истрага за смртта на неговиот брат, која, според него, довела до заклучок дека станува збор за убиство, а резултатите од таа истрага, како што најавил, ќе бидат објавени за неколку месеци.

