Свет
Русија е подготвена да посредува во кризата во Венецуела
Русија е подготвена да ја даде сета можна помош во потрагата по компромис меѓу конфликтните политички сили на Венецуела, изјави вчера рускиот претставник на ОН, Василиј Небензја, во Советот за безбедност на ОН, пренесува ТАСС.
„Ние сме подготвени да помогнеме во потрагата по взаемно разбирање меѓу сите конструктивни и патриотски настроени сили во Венецуела”, рече тој.
Рускиот дипломат, исто така, предупреди за военото сценарио, велејќи дека тоа ќе повлече сериозни последици за регионот.
Небензја побара од сите земји во регионот цврсто да ја искажат својата поддршка за Повелбата на ОН, да ги отфрлат заканите за употреба на сила, употребата на сила и флагрантното мешање во внатрешните работи на суверена држава.
Тој, исто така, рече дека Русија подготвила нацрт-изјава до Советот за безбедност за Венецуела, слична на онаа усвоена за Хаити по американска иницијатива.
„На 21 февруари, делегацијата на САД излезе со нацрт-изјава во Советот за безбедност на ОН за настаните во Хаити, која доби едногласна поддршка од сите членови на СБ на ОН”, рече Небензја, обраќајќи му се на специјалниот претставник на САД за Венецуела, Елиот Абрамс.
„Дали нашите колеги од САД се подготвени да усвојат сличен текст во врска со Венецуела во форма на изјава од претседателот на Советот за безбедност на ОН? Тешко е да не се забележи дека текстот се однесува на речиси идентична ситуација. Единствената разлика е што во случајот на Хаити, Вашингтон одлучи да ја поддржи легитимната влада, барем засега”, додаде рускиот дипломат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Големи пожари во Аргентина, властите се сомневаат дека се подметнати
Шумски пожар во аргентинската Патагонија зафати речиси 15.000 хектари шума, а стотици пожарникари и поддршка од воздухопловните сили се борат со пожарите. Ситуацијата е најлоша во покраината Чубут, каде што властите се сомневаат дека еден од најразорните пожари е намерно подметнат, објавува Примјер Портал.
Најголемиот пожар, кој гори речиси една недела во планинскиот регион Чубут, уништи речиси 12.000 хектари грмушеста земја и автохтони и засадени шуми. Пожарот се шири неконтролирано, преминувајќи го државниот пат број 40 и сега се заканува на фабрика, училиште и рурални имоти. Иако причините сè уште не се официјално утврдени, гувернерот на Чубут, Игнасио Торес, е убеден дека пожарот е подметнат.
„Бедниците што го започнаа пожарот ќе завршат во затвор“, рече гувернерот на прес-конференција, најавувајќи награда од 50 милиони песоси (околу 34.000 долари) за информации што ќе доведат до апсење на одговорните.
Que cena triste. 😓
Quando uma tragédia combinada com negligência e intenções perversas, é esse o resultado.Patagônia – Argentina – 10/01/2026 pic.twitter.com/nIkw0CByXr
— Bruno Brezenski (@bbbrezenski) January 11, 2026
Обвинителот Карлос Дијаз Мајер ги потврди своите сомневања. „Пожарот започнал со забрзувач или бензин (нафта), што укажува дека некој навистина сакал да го запали пожарот“, рече тој, додавајќи дека Канцеларијата на државниот обвинител истражува.
Портпаролот на аргентинската влада, Мануел Адорни, извести дека во операцијата за гаснење биле распоредени 295 пожарникари, 15 воздухопловни единици, противпожарни возила 4×4 и логистичка поддршка од вооружените сили. Чилеанскиот претседател Габриел Борик, исто така, понудил помош, предлагајќи „заедничка работа“, за што му се заблагодарил аргентинскиот министер за надворешни работи Пабло Кирно.
Интересно е што само пред еден месец, владата на претседателот Милеи, преку истиот портпарол Адорни, објави измени во Законот за земјиште и шуми што ќе им овозможат на меѓународните инвеститори да купуваат изгорено земјиште за производство.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.

