Свет
Русија потврди дека извршила наменски напади врз украинскиот електроенергетски систем
Руските вооружени сили извршија високопрецизни ракетни и беспилотни напади врз украинските електроенергетски објекти, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
Воздухопловните сили синоќа извршија групен удар од воздух со високопрецизно оружје и беспилотни летала врз постројки за електрична енергија, капацитети за производство на гас и места каде што се склопуваат и тестираат поморските дронови, се наведува во соопштението, пренесено од руските медиуми.
Од руското Министерство за одбрана додаваат дека поради нападот, „дезорганизирана е работата на индустриските компании што произведуваат и поправаат оружје, воена опрема и муниција, како и дека е уништена воена опрема и оружје од странско производство, испорачани на Украина од земјите на НАТО. ”
Украинското Министерство за енергетика претходно денеска објави дека Украина нагло го зголемила увозот на електрична енергија и го прекина извозот по серијата руски воздушни напади со проектили и беспилотни летала врз објектите на електроенергетскиот систем.
„За денеска увозот на електрична енергија се предвидува на 14.900 мегават часови (Mwh) и не се очекува извоз“, се наведува во соопштението на Министерството, пренесено од британските медиуми.
Производните и преносните капацитети од пред два дена се на удар на руските сили, што предизвика бројни прекини на електричната енергија во многу региони, а рано утринава беа нападнати електроенергетските капацитети во три украински региони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Не се сигурен сојузник“: Белгискиот премиер го критикуваше односот на САД кон Европа
Белгискиот премиер Барт де Вевер изрази сомнежи за улогата на Соединетите Американски Држави како сојузник на Европа, наведувајќи дека на нивниот сојуз повеќе не може безусловно да се смета. Тој, исто така, остро се осврна на изјавите на Трамп за Гренланд и Русија, пишува „Гардијан“.
„Европа се наоѓа на раскрсница и мора да одлучи каква ќе биде нејзината политика. Досега се обидувавме да го смириме новиот претседател во Белата куќа. Бевме многу благи, вклучително и со царините. Бевме благи надевајќи се дека ќе ја добиеме неговата поддршка за војната во Украина. Но сега се преминуваат толку многу црвени линии што мора да се избере меѓу самопочитта. Едно е да бидеш среќен вазал. Но нешто сосема друго е да бидеш беден роб. Ако сега се откажеш, ќе го изгубиш достоинството. А тоа е, веројатно, најдрагоценото нешто што можеш да го имаш во една демократија“, изјави де Вевер.
Остро реагираше и на ставовите на Трамп за Русија и Гренланд, велејќи дека Европа мора да повлече граница: „Или ќе бидеме обединети, или ќе заврши 80-годишната ера на атлантизмот.“
Како пример наведе дека американски претставници на состанок за Украина рекле дека не сакаат да заземаат страна. „Ова го охрабрува Путин. Неговата сила е нашата поделба“, изјави де Вевер.
Свет
Зеленски останува во Украина, нема да патува во Давос
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека нема да патува на Светскиот економски форум во Давос, одлучувајќи да остане во земјата поради најновиот руски ноќен напад кој ја влоши енергетската криза.
„Без сомнение, во овој случај ја бирам Украина, а не економскиот форум“, изјави Зеленски. Тој додаде дека би размислил за присуство само ако постои реална можност да се донесат одлуки за дополнителни системи за противвоздушна одбрана и енергетска помош за Киев.
Во нападот загина едно лице, а три се повредени. Над 6000 згради во Киев останаа без греење, а делови од градот и без струја и вода. Зеленски изјави: „Имам план како да им помогнам на луѓето со енергетските проблеми.“
Фото: Depositphotos
Свет
„Би-би-си“: Европскиот парламент ќе го суспендира процесот за одобрување на трговскиот договор со САД
Европскиот парламент треба да го суспендира процесот на одобрување на трговскиот договор меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави, кој беше договорен во јули, дознава „Би-Би-Си“ од извори блиски до Комисијата за меѓународна трговија на Европскиот парламент.
Одлуката за суспензија, според истите извори, треба официјално да биде објавена утре попладне во Стразбур.
Како што пишува „Би-Би-Си“, станува збор за договорот што во јули го постигнаа американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, при средба на голф-игралиштето на Трамп во Шкотска.
Договорот предвидува намалување на американските царини на целиот увоз од Европската унија на 15 отсто. Во тој момент, договорот во Брисел беше оценет како поволен, со оглед на тоа што Трамп претходно се закануваше со воведување царини до 30 отсто на европска стока.
Меѓутоа, како што нагласува „Би-Би-Си“, договорот сè уште треба формално да добие одобрување од Европскиот парламент. Комисијата за меѓународна трговија досега нема завршено анализа на договорот, што сега доведе до одлука за привремена суспензија на процесот.
Дополнителен притисок врз договорот се појави во саботата, само неколку часа по новата закана на Трамп за воведување нови американски царини, поврзани со прашањето за Гренланд. Влијателниот германски пратеник во Европскиот парламент Манфред Вебер тогаш изјави дека „одобрување во овој момент не е можно“.
Во завршната фаза на преговорите за трговскиот договор, Европската унија, потсетува „Би-Би-Си“, привремено ги суспендираше сопствените контрамерки, односно царините на американска стока во вредност од 93 милијарди евра.
Таа суспензија истекува на 6 февруари. Ако до тој датум не дојде до продолжување на суспензијата или до парламентарно одобрување на договорот, европските царини на американска стока ќе стапат на сила веќе на 7 февруари.
„Би-Би-Си“ заклучува дека натамошниот развој на настаните би можел сериозно да ги искомплицира трговските односи меѓу Брисел и Вашингтон, во време кога трансатлантските односи веќе се под притисок поради бројни отворени политички и безбедносни прашања.

