Свет
Русија: Сè поблиску сме до заедничко производство на оружје со Индија
Русија и Индија постигнаа конкретен напредок во разговорите за плановите за заедничко производство на воена опрема, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по разговорите со неговиот индиски колега Субрахмањам Џаишанкар во Москва.
На прес-конференцијата Лавров ваквата соработка ја нарече стратешка и рече дека таа е во интерес на двете земји и дека ќе помогне да се обезбеди безбедност на евроазискиот континент. Тој рече дека Москва ја почитува желбата на Индија да ја прошири својата листа на доставувачи на воена опрема, но исто така е подготвена да ја поддржи желбата на Њу Делхи да произведува работи што ѝ се потребни на Индија во Индија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата меѓу Џаишанкар и рускиот претседател Владимир Путин е договорена подоцна во текот на денот.
Џаишанкар рече дека в година се очекува и средба меѓу Путин и индискиот премиер Нарендра Моди. Тој додаде дека со Лавров разговарале за конфликтите во Украина и Газа, како и за билатералната трговија и инвестиции.
Откако Западот воведе обемни санкции кон Москва во 2022 година поради војната во Украина, Индија стана еден од главните економски партнери на Русија. Имено, Русија пренасочи голем дел од извозот на нафта во Индија и ја зајакна дипломатијата во рамките на групата на нациите БРИКС, група за економска соработка основана од двете земји, во која се и Бразил, Кина и Јужноафриканската Република.
Според Џаишанкар, вредноста на трговијата меѓу Индија и Русија се очекува да надмине 50 милијарди долари оваа година. Тој рече дека Њу Делхи има намера да потпише билатерален договор за инвестиции со Русија, како и договор за слободна трговија со Евроазиската економска унија предводена од Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин го смени министерот за одбрана
Рускиот претседател Владимир Путин предложи смена на министерот за одбрана и долгогодишен сојузник Сергеј Шојгу по повеќе од две години војна во Украина, објави Горниот дом на парламентот.
Путин го назначи Шојгу за секретар на рускиот Совет за безбедност, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
Шојгу беше на чело на руското Министерство за одбрана повеќе од 11 години. Путин го предложи Андреј Белоусов – поранешен вицепремиер, за нов министер за одбрана.
Путин, исто така, предложи Сергеј Лавров да остане министер за надворешни работи.
Шојгу беше критикуван за лошо управување со војната во Украина. Тој беше остро критикуван и јавно прозван од Евгениј Пригожин, шефот на Вагнер, кој се пожали дека руската армија не ги снабдувала неговите платеници со доволно оружје за војната.
Регион
(Видео) „Немаме претензии кон Грција“ – Рама на собир со дијаспората во Атина откако доби дозвола од Мицотакис
Албанскиот премиер Еди Рама е во Грција, каде на собир одржан во Атина рече дека односите меѓу двете земји не можат „да се удават во лажица вода што ја носи секојдневната политика“, и дека Албанија нема претензии кон Грција.
Рама претходно доби дозвола од грчките власти за да одржи собир со албанските граѓани. Грчката опозиција се спротивстави на посетата на албанскиот премиер, но Рама на крајот доби дозвола од премиерот Киријакос Мицотакис кој искоментира дека посетата е непотребна, пишува „Еуроњуз“.
„Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува. Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време. Но, како и да е, да не му даваме и поголема важност“, рече Мицотакис.
Рама на средбата со Албанците во Атина истакна дека тие станале гордост на Албанија во тој дел од Европа.
„Вие сте најголемиот, најсилниот, најубавиот доказ за оваа поврзаност со милиони нераскинливи нишки на два народа“, рече Рама.
Тој изјави дека на грчките граѓани во Албанија не им е ускратено правото да гласаат поради нивното етничко потекло.
„Ниту еден ваш проблем не се разликува од било кој проблем на граѓаните на Албанија. Во ниту еден случај албанската држава на етничките Грци не им го ускрати правото на вера, јазик или имот. Никогаш не им беше ускратено правото на глас поради нивното потекло“, продолжи тој.
Рама истакна дека политиката мора да знае дека судбините на Албанија и Грција се неразделни. Тој ги повика Грците да дојдат во Албанија не само на одмор, туку и да инвестираат.
„Грците беа, се и ќе бидат добредојдени во Албанија не само да се одморат туку и да работат, да отвораат продавници, да основаат фирми, да отвораат инвестициски линии за да имаат корист од многу помал даночен режим отколку во Грција. Албанија е толку добредојдена за Грците што не им прави никакви проблеми“, рече Рама.
Тој додаде дека Албанија нема претензии кон Грција.
„Албанија нема претензии кон Грција, освен меѓусебно почитување, взаемна грижа за сонародниците кои живеат во нашите две земји, меѓусебни односи на пријателство и добрососедство. И не само тоа, Албанија ја гледа Грција како природен стратешки партнер, било за прашања кои треба да се решат меѓу нас или за големите предизвици на оваа нова ера, можности, но и закани за Балканот, Европа и демократскиот свет. Ги гледаме како причина да се зближиме и подобро да се запознаеме“, рече Рама и најави дека ќе се формира Албанско-грчка стопанска комора.
Свет
САД: Израел нема убедлив план за заштита на цивилите во Рафа
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска ја бранеше одлуката за одложување на испораката на 3.500 бомби на Израел поради загриженоста дека тие ќе бидат користени во напад врз градот Рафа во јужна Газа, велејќи дека Израел нема убедлив план за заштита на 1,4 милиони цивили кои се засолниле таму.
Зборувајќи за „Еј-би-си њуз“, Блинкен рече дека Џо Бајден останува посветен да му помогне на Израел да се одбрани и дека испораката на 3.500 бомби со тежина од 900 и 230 килограми е единствениот американски пакет со оружје што е задржан.
„Бајден јасно стави до знаење дека ако Израел „покрене голема операција во Рафа, тогаш постојат одредени системи што нема да ги поддржиме и да ги снабдуваме за таа операција“, рече Блинкен.
„Навистина сме загрижени за начинот на кој тие се користат“, продолжи тој. Израел мора да „има јасен, убедлив план за заштита на цивилите, што сè уште не сме го виделе“.
1,4 милиони Палестинци се засолниле во Рафа, од кои многумина беа раселени од другите делови на Газа каде што побегнаа од борбите и израелските бомбардирања, поради големиот недостиг на храна и вода.
Најмалку 35.000 Палестинци се убиени во израелската воена операција во Газа, според Министерството за здравство на енклавата.
Војната почна со напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе, а 250 беа киднапирани. Израел тврди дека во борбите загинале 620 војници.