Свет
Русија трет ден по ред бележи рекорден број на починати од Ковид-19

Во Русија трет ден по ред е забележан рекорден број на смртни случаи од коронавирусот.
Во последните 24 часа 867 лица починале како последица на инфекцијата, а вчера имаше 857.
Во изминатото деноноќие пријавени се и 23.888 нови случаи, најмногу од крајот на јули.
Смртноста во Русија почна да расте минатата недела кога на 24 септември бројот на смртни случаи во еден ден беше 828, пренесува „Интерфакс“.
Дневниот број на новозаразени почна да расте кон средината на септември.
Од почетокот на пандемијата во Русија се регистрирани 7.511.026 случаи на коронавирус, а 207.255 луѓе починале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Новиот директор на ФБИ го повика Конгресот да истражи како биле искористени парите испратени во Украина

Новоименуваниот директор на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), Каш Пател, го повика американскиот Конгрес да истражи како биле искористени парите испратени во Украина, објави „Епох тајмс“.
„Побарав од Конгресот да истражи каде отишле тие пари. На американскиот народ му се должи тој одговор, бидејќи тоа се наши пари. Ова се долари на нашите даночни обврзници“, рече Пател.
Тој, исто така, го критикуваше обемот на американската помош за Украина.
„Не се работи за тоа САД да испратат милијарда долари, туку износот испратен во една земја е сто пати поголем од милијарда“, рече тој.
Пател потоа го доведе во прашање кредибилитетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и го спомена ракетниот инцидент во Полска.
„Зеленски излезе на светската сцена и рече: ‘Русија истрела проектил кон Полска’, што би било воен чин. Излегува дека Русија не истрелала таков проектил“, изјави Пател, пренесе „Киев Индипендент“.
Полска лани неколкупати ги подигаше авионите поради руските напади врз Украина, откако проектилите испратени во западна Украина го нарушија полскиот воздушен простор.
Свет
(Видео) Напад со нож на автобуска станица во Израел, најмалку еден убиен

Едно лице е убиено, а четворица се повредени во напад со нож на автобуска постојка во близина на трговски центар во израелскиот град Хаифа.
Според соопштението на израелската служба за итни случаи, едно лице загина, а четворица се повредени, од кои тројца потешко, во напад со нож на автобуска постојка во близина на трговскиот центар Лев Хамифрац.
Повредените се пренесени во болницата Рамбам. Израелската државна телевизија „Кан“ објави дека чувар го неутрализирал напаѓачот на местото на настанот.
На местото на настанот пристигнаа екипи на израелската полиција и домашната разузнавачка агенција Шин-Бет, а во тек се операции за да се утврди дали има и други осомничени вмешани во нападот.
Свет
Песков: Западот се распаѓа

Кавгата меѓу украинскиот претседател Владимир Зеленски и американскиот лидер Доналд Трамп покажа колку тешко ќе биде да се реши ситуацијата во Украина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Киевскиот режим и Зеленски не сакаат мир, тие сакаат војната да продолжи. Затоа, во оваа ситуација, се разбира, напорите на Вашингтон и подготвеноста на Москва да го реши проблемот очигледно нема да бидат доволни“, рече Песков.
Според него, сега може да се види дека „колективниот Запад делумно почна да го губи колективитетот“.
„Остануваат групи земји кои ја сочинуваат воената група. Тие не велат дека треба што поскоро да преминеме во мирни услови“, додаде Песков.
Зборувајќи за реакцијата на рускиот претседател Владимир Путин на конфликтот, Песков истакна дека претседателот е свесен за суштината на она што се случи и го зема предвид.
„Тој ги знае сите нијанси. Настан без преседан. Се разбира, Зеленски покажа целосен недостаток на дипломатски вештини на многу начини“, додаде Песков.
Прес секретарот на Путин ја нарече ситуацијата тешка за решавање. Неподготвеноста на Владимир Зеленски да отстапи територија е поврзана со неговата неподготвеност да ја прифати реалноста на теренот, додаде тој.
Песков посочи дека Москва го продолжува дијалогот со Вашингтон со цел нормализирање на билатералните односи и создавање услови за нормално функционирање на дипломатските претставништва.
„Немаше никакви контакти меѓу Путин и Трамп кои треба да бидат објавени. Русија продолжува со специјалната воена операција за да ги постигне своите цели“, рече Песков.