Свет
Русиja: Бројот на загинати во украинскиот напад се искачи на пет лица

Бројот на загинати во украинскиот напад во руската област Курск се искачи на пет, изјави денеска локалниот гувернер.
Александар Хинштајн претходно објави дека три лица се убиени, а девет се ранети по удар во трговски центар во селото Белаја.
Претходно, руското Министерство за одбрана објави дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 337 украински беспилотни летала, што се смета за најголем напад со украински беспилотни летала врз Русија во последните три години.
Најмногу беспилотни летала, 126, биле соборени над областа Курск, додека 91 биле соборени во регионот на Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп воведува царини до 245 отсто за Кина

Трговската војна меѓу двете најголеми светски економии нагло ескалира. Белата куќа објави дека Кина сега може да биде погодена со царини од дури 245 отсто за извозот во САД како резултат на нејзините одмазднички мерки, пренесува „Анадолија“.
Ова е највисоката царинска стапка досега спомната, која е наведена во документ штотуку објавен, заедно со извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп. Регулативата најави истрага за ризиците за националната безбедност на САД поради зависноста од увоз на преработени критични минерали и сродни производи.
🔥 245% tariff for China? Or is it just a typo?https://t.co/WsEKErVTPn pic.twitter.com/DYBQcFweXv
— Byron Wan (@Byron_Wan) April 16, 2025
На денешната прес-конференција портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, беше прашан за тарифната стапка од 245 проценти. Тој одговори дека „за конкретни бројки треба да контактирате со американската страна“, објави кинескиот државен весник „Глобал тајмс“.
Трамп претходно воведе основна царина од 10 отсто на увозот од сите земји, но привремено ги замрзна дополнителните реципрочни царински стапки, кои требаше да се одредуваат поединечно за земјите во зависност од бариерите што ги поставуваат за американските производи.
Единствената земја изземена од таа пауза е Кина, која сега се соочува со дополнителен бран царини. Администрацијата на Доналд Трамп претходно ги предупреди земјите да не возвраќаат на американските царини велејќи дека оние што ќе се воздржат од одмазда ќе бидат наградени во идните трговски преговори.
Свет
Дали „Харвард“ може да ја издржи битката против Трамп: „Ова е напад од чиста злоба“

Универзитетот „Харвард“ одби да ги исполни барањата на претседателот Доналд Трамп и покрај заканата дека ќе го прекине федералното финансирање, што беше бргу спроведено.
Администрацијата на Трамп го замрзна финансирањето од 2,2 милијарди долари откога „Харвард“ не се согласи со списокот на барања на Белата куќа, што вклучува насоки за управување, вработување и настава.
Претседателот на „Харвард“, Алан Гарбер, јасно стави до знаење: „Ниедна влада, без разлика која партија е на власт, не треба да диктира што може да предаваат приватните универзитети“.
Иако овој потег предизвика сериозни финансиски последици, многу сегашни и поранешни студенти ја поддржаа одлуката на универзитетот да не попушти под притисокот. Меѓу нив е и поранешниот американски претседател Барак Обама, кој одлуката на Трамп ја нарече незаконска и го пофали „Харвард“ како пример за другите високообразовни институции.
Администрацијата на Трамп претходно се насочи кон неколку универзитети, особено по минатогодишните пропалестински протести во кампусите. Антисемитскиот истражен тим на владата идентификува повеќе од 60 универзитети за ревизија.
Универзитетот „Колумбија“, на пример, се согласи на многубројни барања откога му беа одбиени 400 милиони долари. „Харвард“ исто така направи одредени отстапки: ја откажа иницијативата „Религија, конфликт и мир“ и го отпушти раководството на Центарот за блискоисточни студии поради наводите за антиизраелска пристрасност.
Исто така, во јануари се спогоди со две тужби од еврејски студенти за антисемитизам – иако не беше призната вината.
Но, „Харвард“ ја повлече линијата во петокот и отфрли поширок список од Белата куќа за кој вели дека е во спротивност со академската автономија.
Иако „Харвард“ располага со огромна донација од 53,2 милијарди долари – поголема од БДП на многу помали земји – дури 70 % од тие пари се врзани за конкретни проекти што донаторите прецизно ги идентификувале. Според правилата за управување со Универзитетот, годишно не треба да се троши повеќе од 5 % од вкупниот фонд.
Ова значи дека за да се надомести изгубеното федерално финансирање од 2 милијарди долари, „Харвард“ ќе мора да ја зголеми својата донација за 40 милијарди долари, што, како што вели Стивен Блум од Американскиот совет за образование, „не е можно да се најде под карпа“.
Дополнителен удар би можел да биде предлогот на Трамп за одземање на статусот на „Харвард“ како непрофитна институција поради што избегнува даноци од стотици милиони долари годишно. Се проценува дека во 2023 година заштедил 158 милиони долари на недвижен имот само во пошироката област Бостон.
И додека „Харвард“ засега стои на својата одлука, многумина се прашуваат колку долго може да трае. „Ова е само почеток“, рече Метју Тобин од студентскиот совет. „Трамп не се обидува да му помогне на ‘Харвард’. Ова е напад од чиста злоба бидејќи тој го гледа Универзитетот како либерално упориште“, пренесе Би-би-си.
Според многумина аналитичари, конфликтот меѓу федералната влада и елитните универзитети како „Харвард“ може да трае со години и длабоко да влијае на автономијата на високото образование во САД.
Свет
Трговската војна меѓу САД и Кина може да го попречи глобалното снабдување со лекови што спасуваат животи

Одговорот на Кина на новите американски царини може да го отежне снабдувањето со важни лекови, покажа анализата на „Ројтерс“ на податоците од кинеските регулатори.
Пред околу две недели американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителна реципрочна царина од 34 отсто за увозот од Кина, со што вкупните давачки ќе достигнат 54 отсто.
Кина возврати со царини од 34 отсто на американскиот увоз, а Вашингтон одговори со уште повисоки давачки.
Ескалацијата на американско-кинескиот трговски конфликт резултира со зголемување на кинеските царини за американски стоки на 125 отсто, а американските царини за кинеските производи на 145 отсто.
Големите фармацевтски компании, вклучувајќи ги „Астра Зенека“, „Санофи“, ГСК и „Ели Лили“ имаат најмалку една производна локација во САД за лекови што ги продаваат во Кина, покажаа податоците од кинеската Управа за медицински производи.
Во погон во американската сојузна држава Индијана, „Астра Зенека“ го произведува лекот за рак „дурвалумаб“, а „Ели Лили“ таму го произведува лекот за дијабетес и слабеење „тирзепатид“, покажуваат податоците.
Американската држава Северна Каролина е наведена како локација на која „Астра Зенека“ и „Санофи“ го произведуваат антителото нирсевимаб за превенција на респираторниот синцицијален вирус (RSV). Погонот што го произведува лекот за ХИВ на ГСК со активни состојки ламивудин/долутегравир исто така се наоѓа таму. Податоците што ги анализира „Ројтерс“ не прецизираа колкав дел од лековите произведени во фабриките во САД се испорачуваат во Кина.
Како одговор на истрагата на „Ројтерс“ за кинеските тарифи и нивните ефекти, портпаролот на „Ели Лили“ рече дека тие сè уште ги разгледуваат деталите одбивајќи да коментира дополнително.
Ниту „Астра Зенека“ ниту ГСК не сакаа да ги коментираат кинеските тарифи, а „Санофи“ не одговори на барањето на „Ројтерс“ за коментар. Експертите предупредуваат дека кинеските царини за американските производи може да доведат до зголемување на цените или ограничување на набавката на некои лекови.
„Пациентите и потрошувачите во Кина исто така би можеле да ги почувствуваат ефектите од тарифите во зависност од производот бидејќи производството на лекови не може да се премести на краток рок“, рече Ерик Јандраситс, шеф за трговски работи во швајцарското деловно здружение за фармацевтска и биотехнологија „Сајанс индустриес“.