Свет
Руската сајбер-шпионка од скандалот со велешките лажни интернет-страници приведена во Минск
Руската државјанка и осомничена сајбер-шпионка, Ана Богачева, на која САД ѝ наметнаа санкции поради наводно мешање во изборите и чие име се споменуваше и во истрагата за скандалот со веб-страниците за лажни вести од Велес за изборите во САД, е приведена во Минск.
„Богачева беше приведена во хотел во Минск завчера околу 22 часот. Таа беше со сопругот и нивното мало дете, со кои била на одмор. Адвокатот на Богачева вели дека таа е притворена на барање на САД, како дел од случајот мешање во изборите, вели изворот на „Спутник“.
Богачева наводно веќе е во контакт со руската амбасада во Белорусија, но сè уште нема официјална потврда за тоа.
Името на Богачева се поврзуваше и со групата во Велес, која за време на американските избори предизвика скандал со веб-страниците со лажни вести за што беше отворена и истрага. Една недела пред денот на изборите во САД во 2016 година, „Базфид“ откри дека во Велес се регистрирани повеќе од сто веб-страници, кои објавуваа лажни вести за поддршка на тогаш кандидатот за претседател, Доналд Трамп.
Последователното истражување спроведено од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), „Базфид“ и Истражувачката репортерска лабораторија – Македонија откри дека припадници на руските т.н. трол-фабрики, кои се дел од обвиниението на специјалниот иследник од САД, Роберт Милер, доаѓале во Македонија само три месеци пред креирањето на првите интернет-страници со лажни вести.
Истрагата откри дека барем еден член на руската фабрика на тролови, Ана Богачева, била во Македонија пред да биде регистриран првиот веб-домен. Имиграциските записи покажуваат дека Богачева била во Македонија во средината на 2015 година, ја напуштила земјата преку копно во Грција на 26 јуни таа година, но нема записи за нејзиното влегување во земјата.
Новинарите не најдоа доказ што го поврза доаѓањето на Богачева со велешките веб-страници, но македонските разузнавачки и правосудни агенции сега наводно соработуваат со правосудни органи и агенции од САД во најмалку две западноевропски држави со намера да истражат дали можеби постојат евентуални врски со Русија.
Богачева е една од 13-те руски државјани обвинети за наводно мешање во изборите во САД од страна на Милер. Обвинението се фокусирало на улогата на фабриката за нарушување на углед со седиште во Санкт Петербург. Станува збор за Агенцијата за истражување на интернетот, која создавала онлајн-пропагандни материјали и ширела пораки преку социјалните мрежи за да му помогнат на Трамп до изборна победа.
Во обвинението стои дека Богачева во минатото раководела со одделението за анализа на податоци во таа Агенција. Во соработка со друга вработена во Агенцијата, Богачева наводно патувала низ САД во период од три недели во текот на јуни 2014 година создавајќи разузнавачки извештаи што ги проследувала до претпоставените во Агенцијата. Точно една година подоцна Богачева допатувала во Македонија.
На новинарски прашања поставени преку VKontakte да ги објасни причините за посетата на Македонија во 2015, Богачева одбила да одговара на прашања со коментар дека не разговара за прашања поврзани со својата работа.
Русија во неколку наврати беше обвинета за манипулирање со гласовите на САД во 2016 и 2018 година преку дослух со претседателот Доналд Трамп и неговата кампања. Последователната двегодишна истрага за тврдењето поведено од американскиот специјален советник Роберт Милер заврши оваа пролет, но не откри докази за дослух меѓу Москва и Трамп.
Без одговор се и прашањата со кого Богачова имала контакти во Македонија, кој ѝ дозволил да ја напушти земјата ако веќе немало запис дека легално влегла и каква е нејзината улога во креирањето други фабрики на тролови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН: Откритијата во досиејата на Епстин може да претставуваат злосторства против човештвото
Таканаречените „досиеја на Епстин“ неодамна објавени од Министерството за правда на САД содржат вознемирувачки и веродостојни докази за систематска и голема сексуална злоупотреба, трговија со луѓе и експлоатација на жени и девојчиња, што може да се окарактеризира како злосторства против човештвото, објавија денес експертите на ОН.
Како што наведуваат, овие дела може да се сметаат за сексуално ропство, репродуктивно насилство, присилно исчезнување, тортура, нечовечки и понижувачки третман и фемицид.
„Овие злосторства се извршени во контекст на супремацистички верувања, расизам, корупција, екстремна мизогинија и комодификација и дехуманизација на жени и девојчиња од различни делови на светот“, наведоа експертите на ОН во соопштение објавено на веб-страницата на Канцеларијата на ОН за човекови права, пренесува Танјуг.
Регион
Вучиќ за сојузот на Тирана, Загреб и Приштина: Целта е да нè окупираат
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во наредните месеци нема да има мир во Украина, ниту потпишан договор. Тој исто така предупреди дека се прават сојузи против Србија за еден ден да ја нападнат.
За време на церемонијата по повод Денот на српската државност и доделувањето на одликувања, тој истакна дека, кога станува збор за војната во Украина, таа нема да биде запрена ниту во наредните недели ниту месеци.
„Луѓе умираат секој ден. Нема да има мир ниту во Азија ниту на Блискиот Исток, каде што се соочуваат две цивилизации со различни погледи на светот. А оние што живеат во мир се подготвуваат за војна, а не за успех“, рече Александар Вучиќ.
Во согласност со сето тоа, додаде тој, Србија треба да научи некои лекции.
„Би го предложил во три точки. Прво, Србија мора да се обиде да го зачува мирот. Ние сме една од нациите што најмногу страдаат и треба да го зачуваме демографскиот капацитет“, рече Вучиќ, а потоа додаде:
„Под два, ќе бидеме притиснати посилно и повеќе од кога било. Сојузите што ги склучуваат против нас не беа направени за да бидат втора или петта вест во вестите, туку активно да дејствуваат против нас и да создадат единствено поле на дејствување без камче во чевелот, а Србија е камче во таа чевел.“
„Затоа мора да ја спасиме Србија бидејќи тие склучуваат сојузи за да ја нападнат Србија од различни насоки. Го кажувам она што го знам, а кога ќе избувне уште една поголема војна, целта е да имаме сили кои се способни да ја окупираат нашата земја“, истакна тој.
Поради ова, како што истакна, мора да бидеме подготвени да ги зајакнеме сите капацитети на земјата.
Вучиќ ѝ се заблагодари на СПЦ за зачувувањето на единството на народот. „Во периодот и во времето што доаѓа, треба да бидеме, ако не и обединети, затоа што ни треба демократија, не еднодушност, туку да се обидеме да најдеме и да разбереме што е заедничкиот именител и што е тоа што треба да го направиме заедно за буквално да преживееме, да ја зачуваме земјата и да можеме да одиме напред“, рече српскиот претседател.
Свет
Финскиот министер за одбрана: Русија ги зајакнува своите воени капацитети на Арктикот
Русија го интензивира своето воено присуство на Арктикот и гради нови воени објекти по границата со Финска, изјави финскиот министер за одбрана Анти Хаканен.
Тој истакна дека безбедноста на тој регион е од клучно значење за стабилноста на Европа и дека европското нуклеарно одвраќање не може да го замени НАТО.
Во интервју за „Јуроњуз“ на маргините на Минхенската безбедносна конференција, Хаканен изјави дека Русија има поголем дел од своите стратешки капацитети, вклучувајќи нуклеарни подморници и бомбардери со долг дострел, на полуостровот Кола.
Според него, Москва гради нови воени објекти по финската граница, што потсетува на периодот на Студената војна, поради што, како што оцени, е потребно да се зајакнат одбранбените капацитети на Арктикот заради одвраќање.
Тој нагласи дека финските вооружени сили се целосно обучени за арктички услови и се подготвени да го споделат своето искуство со сојузниците.
Финска, која се приклучи на НАТО по руската инвазија на Украина, го поздрави обновеното планирање на Алијансата за одбрана на северот, но Хаканен смета дека безбедноста на тој регион требало да биде приоритет порано.
Зборувајќи за финансирањето, Хаканен изјави дека Финска, како и 18 други членки на ЕУ, побарала средства од фондот на Унијата во вредност од 150 милијарди евра за одбранбени кредити, и дека барањето на Хелсинки во износ од 1 милијарда евра било одобрено минатиот месец. Поголемиот дел од средствата ќе бидат инвестирани во копнени сили, вклучително и купување оклопни возила и беспилотни летала.

