Свет
Руските медиуми: Министерот се самоуби откога Путин го разреши; Кремљ: Шокирани сме
Кремљ денес објави дека е шокиран од ненадејната смрт на поранешниот руски министер за транспорт Роман Старовоит неколку часа откога претседателот Владимир Путин го разреши.
Старовоит беше пронајден мртов во својот автомобил надвор од Москва со прострелна рана, а водечката хипотеза е дека си го одзел животот, рекоа државните истражители.
Кога беше прашан за смртта на Старовоит, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин бил информиран за инцидентот и ја опиша веста како трагична и тажна. „Не може, а да не ги шокира обичните луѓе. Секако, и нас нè шокира. Во тек е истрага што ќе одговори на сите прашања“, рече Песков одбивајќи да шпекулира за причината за смртта на Старовоит.
Во претседателскиот декрет објавен вчера не е наведена причината за разрешувањето на Старовоит по нешто повеќе од една година на функцијата иако политичките аналитичари се сомневаат дека разрешувањето е поврзано со истрагата за корупција во Курскиот Регион, со кој тој некогаш управувал.
„Ројтерс“ не можеше независно да ги потврди овие сомневања, но извор од транспортната индустрија, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на случајот, рече дека позицијата на Старовоит била доведена во прашање со месеци поради скандалот со корупција.
Истрагата се фокусира на тоа дали 19,4 милијарди рубли (речиси 210 милиони евра), што беа наменети за зајакнување на границите на Русија со Украина во Курскиот Регион во 2022 година, биле правилно потрошени или дел од тие пари бил проневерен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

