Свет
Руските морнари киднапирани од крајбрежјето на Камерун, најверојатно, се во Нигерија

Тројцата руски морнари кои неодамна беа киднапирани од пиратите крај брегот на Камерун, најверојатно, се во Нигерија, изјави извор во компанијата за вработување, пренесува „Спутник“.
„Никој не е повреден, никој не е болен. Тие добиле облека и лекови против маларија“, вели изворот.
На прашањето каде се киднапираните морнари, изворот рече дека, најверојатно, се во Нигерија прецизирајќи дека сите киднапирани членови на екипажот се чуваат на истата локација.
Според изворот, морнарите ги оценуваат условите таму како нормални. Тој посочи дека претходно истиот ден бил воспоставен контакт со пиратите, но тие не ги кажале своите барања.
Повеќенаменскиот карго-брод „Мармалаита“ на германската компанија „Мар консулт Шифахерт“, кој плови под знамето на Антигва и Барбуда, беше нападнат од пиратите во близина на пристаништето Дуала на 15 август. Пиратите киднапирале осум од вкупно 12 члена на екипажот. Бродот не беше запленет и сè уште е закотвен во пристаништето.
Германската компанија сопственик на бродот рече дека прави сè што може за да се справи со случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Германските католици се плашат од конзервативен папа: „Ризикот постои и не е мал“

Шефот на Централниот комитет на германските католици (ZdK) изрази надеж дека следниот папа ќе го продолжи наследството на отвореност што го следи папата Франциско, предупредувајќи дека изборот на конзервативна личност би можел да претставува предизвик за Црквата во Германија.
Претседателката на ЗдК, Ирма Штетер-Карп, за агенцијата ДПА изјави дека на Црквата ѝ е потребно лидерство способно да одговори на барањата на 21 век. Таа рече дека изборот на конзервативен папа веројатно би претставувал значаен предизвик за Католичката црква во Германија.
Таа предупреди на присуството на сили во рамките на Католичката црква кои сакаат да ја задржат свештеничката моќ и ја сметаат преголемата слобода за верниците за закана за единството на Црквата.
„Тој ризик постои и не е мал“, рече таа.
Анкетите постојано покажуваат дека мнозинството германски католици ги поддржуваат либералните реформи, вклучувајќи ги поголемите права за жените и промената на ставот на Црквата за сексуалниот морал.
Свет
Кина го егзекутира мажот кој го избоде јапонско дете до смрт

Кина погуби маж за убиство на 10-годишно јапонско момче во септември минатата година, соопшти јапонската амбасада во Пекинг, пренесува Би-би-си.
Жонг Чангчун беше осуден на смрт во јануари откако избоде момче кое одеше кон јапонско училиште во градот Шенжен, во југоисточна Кина.
Тој случај ги потресе двете земји и дополнително ги подигна дипломатските тензии, со сомневање дека станува збор за ксенофобичен напад.
„Јапонската влада го смета убиството на целосно невино дете за непростливо злосторство и на оваа егзекуција гледа со најголема сериозност“, се вели во соопштението на јапонската амбасада за Би-би-си.
„Поради овој инцидент, јапонската влада ќе продолжи да ги презема сите можни безбедносни мерки и силно ќе ја повика кинеската страна да ја обезбеди сигурноста на јапонските граѓани во Кина“, додаваат оттаму и појаснуваат дека за егзекуцијата биле информирани од кинеското Министерство за надворешни работи.
Свет
Зеленски: Украина стои зад понудата да не се напаѓа цивилна инфраструктура

Украина стои зад својот предлог да не се напаѓа барем цивилната инфраструктура и очекува јасен одговор од Москва, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој истакна дека Русија го отфрлила не само американскиот предлог за целосно и безусловно примирје, туку и вчерашниот предлог – „предлогот за продолжување на активностите насочени кон мир по Велигден“.
Тој истакна дека руските напади продолжиле и денес по целата фронтова линија.
„До средината на денешниот ден, во 13:00 часот, имаше речиси 3.000 гранатирања и други напади. Имаше употреба на руски ракети, „шахеда“, речиси 90 воздушни бомби, употреба на тешко оружје и беспилотни летала. Руските напади продолжуваат на целиот фронт“, рече Зеленски.
Тој исто така нагласи дека главната задача на украинските претставници на претстојниот состанок во Лондон, кој ќе се одржи оваа недела, ќе биде постигнување безусловно примирје.
„Мирот доаѓа во тишина. И само кога има вистинско примирје и кога луѓето имаат доверба во целиот процес на преговори, тогаш можат да се решат суштинските прашања“, заклучи Зеленски.