Свет
Руски војници преку видео бараат помош: „Немаме оружје, а нè праќаат во напад“
Во слабо осветлена просторија десетина мажи во руски воени униформи и скриени лица стоеја околу војник кој читаше писмо упатено до претседателот Владимир Путин.
„Ние сè уште не сме добиле оружје и муниција до денес“, рече човекот, чија единица сега е стационирана во Донецк, во источна Украина.
„Бараме нашите момчиња да се повлечат од овој напад бидејќи ги немаат потребната обука или искуство“, рече тој.
Неговиот глас беше компјутерски изменет за да се заштити неговиот идентитет.
„Почитуван Владимир Владимирович, ве молам, решете ја оваа ситуација“, рече тој.
Апелот, кој се појави на „Телеграм“ овој месец, беше само еден од серијата нови видеа што се појавија од средината на февруари, во кои неодамнешните руски регрути се жалат дека биле испратени да се борат и да загинат на првите линии во Украина користејќи термини, како што се „криминални наредби“ и „бесмислени напади“.
Еден руски медиум, „Вјорстка“, пресмета дека во рок од еден месец регрути од најмалку 16 региони во Русија се појавиле на видеа што повикуваат на интервенција на Путин. Во нив десетици регрути се жалат дека биле принудени да упаднат на украинските позиции, без доволно обука, муниција или оружје.
Регрутите се жалат и дека им било дадено оружје и им било кажано да трчаат кон непријателските позиции и да пукаат. Во едно видео, снимено на 7 март, војниците на единицата од Иркутск, град во Сибир, се жалат дека се „испратени на колење“, а ова е нивен трет јавен апел до Путин. Една група регрути од Калининград, Мурманск и од Архангелск, кои се претставија како „Единица 41698“ на 5. моторизирана бригада, изјавија дека во нивниот прв напад во само еден ров биле убиени дури шест соборци.
„Луѓето умираат за ништо. Ние не сме месо. Подготвени сме да се бориме достоинствено“, вели еден од нив.
Друго видео, наводно снимено од 1453. полк од Перм и Свердловската област на Урал на 11 март, зборува за „неоправдани загуби“ и вели дека четворица биле убиени, а 18 ранети за време на неодамнешниот напад.
Видеата исто така го откриваат неуспехот на Москва да се справи со критичните и срамни проблеми со снабдувањето, што доведе до вооружување на војниците со оружје и униформи од Втората светска војна. Некои од тие поплаки првпат беа емитувани минатата есен преку видеа што почнаа да се појавуваат набргу откако Русија почна делумна воена обврска.
Но, како што пишува „Вашингтон пост“, руските власти не одговориле на овие видеопораки, а засега нема знаци дека претседателот Путин ќе одговори на апелите. Во ноември, за време на договорената средба со група мајки на војници, Путин реагира многу негативно на видеата од тоа време: „Не треба целосно да му верувате на интернетот бидејќи тој е полн со секакви лажни приказни, измами и лаги, рече Путин.
Но, и после тоа, мајките и ќерките на мобилизираните борци снимиле нови пораки, кои ги испратиле до руските власти. Во едно видео, објавено на 12 март, дваесетина жени апелираа до Путин и до министерот за одбрана Сергеј Шојгу да ги тргнат своите мажи од линијата на огнот.
„Нашите луѓе се испратени како месо да напаѓаат добро одбранети точки, петмина против 100 добро вооружени непријатели. Тие се подготвени да ја почитуваат својата должност кон својата земја според специјализацијата за која се обучени, а не како јуришна пешадија“, рече една жена.
Исто така, во повеќето видеа регрутите внимаваат да кажат дека се посветени на воената должност и сакаат да продолжат да се борат за својата земја. Повеќето од регрутите презедоа чекори за да го скријат својот идентитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за апсењето на Ендрју: „Мислам дека тоа е срамота, многу е тажно“
Американскиот претседател Доналд Трамп го коментираше апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор, оценувајќи дека станува збор за срамота за британското кралско семејство.
„Мислам дека тоа е срамота. Многу е тажно. Тоа е толку лошо за кралското семејство. Навистина ми е многу, многу тажно“, изјави Трамп.
Тој изрази жалење и за последиците што случајот може да ги има врз кралот Чарлс III, за кого рече дека е фантастичен човек и дека наскоро треба да ги посети САД.
На прашање дали слични апсења може да се случат и во САД, Трамп избегна директен одговор и повтори дека е целосно ослободен од каква било вина поврзана со случајот на Џефри Епстин.
„Јас сум на некој начин експерт за тоа бидејќи сум целосно ослободен од обвиненијата“, рече Трамп, додавајќи дека аферата била искористена за да му се нанесе политичка штета.
Свет
Поранешниот принц, Ендрју, пуштен од полициски притвор, но и натаму под истрага
Ендрју Маунтбатен-Виндзор е ослободен од полициски притвор по неговото апсење под сомнение за злоупотреба на јавната функција.
Поранешниот принц беше приведен од полицајците за време на рација во 8 часот наутро во неговиот нов дом во Вуд Фарм, на имотот Сандрингем, објави „Дејли Меил“.
Полицијата појасни дека истрагата против Ендрју е во тек, иако тој е ослободен.
Поранешниот војвода од Јорк беше уапсен во врска со наводите дека му пренел чувствителни информации на осудениот финансиер и педофил, Џефри Епстин додека дејствувал како трговски претставник на британската влада.
Братот на Ендрју, кралот Чарлс III, не бил однапред предупреден за апсењето, се дозна денес. Тој изјави дека „законот мора да се почитува“ и повика на „фер судење“.
Свет
(Видео) Трамп за претседателот на Парагвај: Млад и згоден, но јас сакам жени
Денеска беше одржан првиот состанок на Одборот за мир на Доналд Трамп, на кој говореше и американскиот претседател. Покрај заканите упатени до Иран и планот за Газа, тој го коментираше и физичкиот изглед на 47-годишниот претседател на Парагвај, Сантијаго Пења.
„Млад, згоден човек. Секогаш е убаво да се биде млад и згоден. Тоа не значи дека мора да го сакаме. Не сакам млади, згодни мажи. Сакам жени. Мажите воопшто не ме интересираат“, рече Трамп.
Trump: Young, handsome guy. Always nice to be young and handsome. Doesn’t mean we have to like you. I don’t like young, handsome men. Women I like. Men I don’t have any interest. pic.twitter.com/E7P1qhExyp
— Acyn (@Acyn) February 19, 2026
За време на основачкиот состанок во Вашингтон, Трамп испрати и порака до Иран дека мора да постигне „суштински договор“ за запирање на својата нуклеарна програма или, како што рече, „ќе се случат лоши работи“.
Тој додаде дека други земји веќе придонеле со повеќе од седум милијарди долари за помош за Газа во рамки на иницијативата на Одборот за мир.

