Свет
Руски мировник ранет, а азербејџански војник убиен од нагазна мина во Нагорно-Карабах
Еден руски мировник е ранет, а еден азербејџански војник е убиен во спорниот регион Нагорно- Карабах во понеделникот кога експлодирала нагазна мина за време на потрагата по телата на загинатите во неодамнешните борби, пренесува РТ.
Потрагата беше изведена во согласност со примирјето меѓу Ерменија и Азербејџан со посредство на Москва. Мировниот договор, потпишан пред една недела, стави крај на речиси два месеца интензивен конфликт меѓу соседите поради кој руски мировници се распоредени во Нагорно- Карабах за да ги разделат страните и да спречат какви било провокации.
Мината се активирала кога екипата за пребарување – составена од руски и азербејџански воени лица, како и од претставници на Министерството за вонредни состојби во Нагорно-Карабах и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – работела во близина на селото Магадиз во понеделникот, соопшти руското Министерство за одбрана.
Азербејџански офицер го загубил животот во експлозијата, а ранети биле руски мировник и четворица спасувачи од Нагорно-Карабах. Рускиот офицер бил веднаш пренесен во главниот град на Азербејџан, Баку, на лекување, а официјалните лица изјавија дека тој не е во животна опасност.
Напорите за извлекување на телата на убиените во борбите за спорната територија се спроведуваат кохерентно и ефикасно веќе една недела, се вели во соопштението. Сите откриени тела се предадени на соодветните страни за да може да се организираат погреби.
Во моментот примирјето се почитува по целата линија на контакт во Нагорно-Карабах. Повеќе од 11.000 бегалци, кои избегаа од конфликтот, се вратија во своите домови од почетокот на примирјето, вклучително и речиси 2.300 само во понеделникот.
Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е главно населен со етнички Ерменци, е причина за расправија меѓу Баку и Ереван со децении. Двете нации претходно водеа крвава војна за регионот помеѓу 1988 и 1994 година со сериозни борби, што повторно се разгореа во септември по повремените пресметки во тоа време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел почна широк бран напади врз Техеран, ИДФ тврди дека фрлил над 1.200 парчиња муниција
Израелската војска соопшти дека почнала широк бран напади врз цели на иранскиот режим во срцето на Техеран, во рамки на операцијата наречена „Рик на лавот“.
„Воздухопловните сили, водени од военото разузнавање почнаа широк бран напади врз цели на иранскиот терористички режим во срцето на Техеран“, се наведува во соопштението на армијата. Војската додава дека во текот на изминатиот ден биле спроведени обемни напади со цел да се обезбеди воздушна надмоќ и да се „отвори патот кон Техеран“.
Од Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираат дека во последните 24 часа израелски борбени авиони фрлиле повеќе од 1.200 парчиња муниција врз Иран. Според ИДФ, биле погодени стотици ирански воени цели, вклучувајќи лансери на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, трет круг сирени за тревога поради проектили се огласил на северот на Израел. Силни детонации биле слушнати и во подрачјето на Ерусалим, но засега нема информации за повредени или материјална штета.
Нови сирени се огласиле во регионот на Ерусалим, како и низ Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата, по предупредувања за дојдовен ракетен напад од Иран.
Свет
Иран тврди дека нападнал 27 американски објекти на Блискиот Исток
Во услови на континуирана размена на ракетни напади на Блискиот Исток, Иран соопшти дека гаѓал во 27 американски воени локации во регионот. Иранската револуционерна гарда наведе дека цел биле и израелската воздухопловна база Тел Ноф, воено седиште и голем одбранбен комплекс во Тел Авив.
Според ИРГЦ, станува збор за шести „бран“ одмазднички напади во кои биле користени ракети и дронови. Гарда порача дека ќе продолжи со воените дејствија, но овие тврдења не се независно потврдени.
„Вооружените сили на Исламската Република Иран нема да дозволат да замолкнат сирените за воздушна опасност на окупираните територии и во американските бази. Ќе продолжиме со повторени и болни удари, што претставува нов и многу тежок чекор на одмазда“, се наведува во соопштението што го пренесуваат државните медиуми ИРИБ.
Фото: depositphotos
Свет
Кој е Али Ларијани, човекот што ја презема лидерската функција во Иран?
Иранскиот политички ветеран Али Ларијани во неделата соопшти дека ќе се воспостави привремено раководство откако во воздушен напад беше убиен врховниот водач ајатолах Али Хамнеи, пренесе Ројтерс. Ларијани минатата година повторно се издигна како една од највлијателните фигури во безбедносната структура на Иран.
Тој раководел со широк спектар прашања – од нуклеарните преговори и регионалните односи, до одговорот на властите на внатрешните немири. Во август беше именуван за секретар на Врховниот совет за национална безбедност, функција што ја извршувал и претходно.
Како близок соработник на Хамнеи, Ларијани учествувал во подготовките за индиректни нуклеарни разговори со САД во Оман, а во изминатите месеци повеќепати патувал и во Москва на средби со руското раководство. Тој зазема прагматичен тон за нуклеарното прашање, наведувајќи дека загриженоста на САД може да се реши, но истовремено истакнал дека иранската нуклеарна технологија „не може да се уништи“.
САД во јануари му воведоа санкции, обвинувајќи го дека имал водечка улога во задушувањето на антивладините протести. Американското Министерство за финансии соопшти дека Ларијани повикал на насилен одговор против демонстрантите, додека организациите за човекови права наведуваат дека во пресметките биле убиени илјадници лица.
Ларијани бил претседател на парламентот од 2008 до 2020 година и важи за влијателна фигура која одржува односи со различни фракции во системот. Роден е во 1958 година во Наџаф, во угледно клерикално семејство, а докторирал филозофија во Иран.
Фото: ЕПА

