Свет
САД го почнаа процесот на напуштање на Парискиот договор за климата
Соединетите Американски Држави (САД) ги известија Обединетите нации дека го почнале процесот на напуштање на Парискиот договор за климата од 2015 година. Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека предал официјално известување до ООН. Со тоа почнува процесот на повлекување, кој трае една година.
Помпео го нарече Парискиот договор за климата „економски нефер товар“ за американската економија. Речиси 200 земји го потпишаа Парискиот договор за климата, според кој секоја земја поставува цели за намалување на емисијата на штетни гасови што доведува до климатски промени.
САД се првата земја што се повлече од договорот. Иако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за напуштање кон средината на 2017 година, САД не можат да го сторат тоа до денес, бидејќи договорот забранува повлекување на земјата во првите три години од неговото ратификување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Војник облечен како Дедо Мраз со руско знаме на снимка од Мирнохрад – спротивставени тврдења за контролата на градот
Украинските и руските сили објавуваат спротивставени тврдења за контролата врз Мирнохрад, град на првата линија на фронтот североисточно од Покровск. Додека Киев тврди дека ги држи клучните позиции, Москва шири видеа на кои се гледаат руски војници како креваат знамиња во уништени делови од градот, пренесува „Киев Индепендент“.
Украинската армија соопшти дека и понатаму контролира важни точки во Мирнохрад и оцени дека руските видеа се дел од пропагандни акции наменети за домашната публика. Како доказ беа објавени снимки од борбени операции во областа.
Од друга страна, руските државни медиуми и онлајн канали објавуваат видеа на кои наводно се гледаат руски војници како поставуваат знамиња, меѓу кои и снимка со војник облечен како Дедо Мраз. Украинската страна признава дека имало изолирани случаи на тајна инфилтрација на руски групи во централните делови на градот.
🇺🇦🇷🇺 Russian Santa Claus took Myrnohrad and waves the Russian flag pic.twitter.com/OhWQRWcXE1
— Lord Bebo (@MyLordBebo) December 27, 2025
Мирнохрад е сателитски град на Покровск, стратешки важен пункт во Донецката област, каде со месеци траат жестоки борби. Украинскиот Генералштаб ги отфрли руските тврдења за целосна окупација, оценувајќи ги како дел од дезинформациска кампања.
Свет
Имав продуктивен разговор со Путин, рече Трамп пред состанокот со Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека имал добар и многу продуктивен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Соопштението доаѓа пред средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, која е закажана да се одржи подоцна денес во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго во Флорида.
Портпаролот на рускиот лидер, Дмитриј Песков, ја потврди оваа информација за државните новински агенции, но без да даде дополнителни детали.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп: ОН не направи ништо за да помогне со катастрофата во Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес на својата социјална мрежа „Тру соушал“ објави дека им честита на лидерите на Тајланд и Камбоџа за постигнатото примирје, кога двете земји се согласија во саботата да ги прекинат неколкудневните гранични конфликти.
Во соопштението, Трамп остро ги критикуваше Обединетите нации, наведувајќи дека организацијата „многу малку помогнала“ во решавањето на глобалните конфликти, додека особено ја истакна „катастрофата што моментално се случува меѓу Русија и Украина“.
„Обединетите нации мора да почнат да стануваат активни и вклучени во светскиот мир!“, рече Трамп.
Се очекува Трамп подоцна денес во својот дом во Мар-а-Лаго да разговара за рамката за мировен договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

