Свет
САД го признаа противкандидот на Мадуро за победник на претседателските избори

Соединетите Американски Држави денеска го признаа противкандидатот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и опозицискиот кандидат Едмунд Гонзалес за победник на претседателските избори, а во исто време го отфрлија и прогласувањето на победата на Мадуро.
„Со оглед на огромните докази, на Соединетите Држави и уште поважно на народот на Венецуела им е јасно дека Едмундо Гонзалес Урутија освои најмногу гласови на изборите одржани на 28 јули“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен, објави Ројтерс.
Изборната комисија го прогласи Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за победник со 51 отсто освоени гласови, додека опозицијата наведува дека врз основа на преброените 90 отсто гласови нејзиниот кандидат добил двојно повеќе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Маск има канадско државјанство, повеќе од 150.000 Канаѓани потпишаа петиција да му биде одземено

Повеќе од 150.000 луѓе од Канада потпишаа петиција со која бараат од нивната земја да му го одземе канадското државјанство на Елон Маск поради неговиот сојуз со Доналд Трамп, пишува Гардијан. За време на неговиот втор мандат како претседател на САД, Трамп постојано се заканува дека ќе ја претвори Канада во 51-та американска држава.
Авторката од Британска Колумбија, Квалија Рид, покрена петиција во канадскиот дом на општините, каде што беше поддржана од пратеникот на Нова демократска партија и отворен критичар на Маск, Чарли Ангус. Маск е роден во Јужна Африка, а исто така има и канадско државјанство преку неговата мајка.
Петицијата на Рид, поднесена на 20 февруари, го обвинува Маск дека учествувал во активности насочени против националниот интерес на Канада додека дејствувал како советник на Трамп.
Трамп ги налути Канаѓаните со заканите дека ќе воведат високи царини за канадските производи и изјавите за припојување на Канада кон САД.
Во петицијата се наведува дека соработката на Маск со Трамп го прави „член на странска влада која се обидува да го избрише канадскиот суверенитет“. Тие бараат од канадскиот премиер Џастин Трудо да му го одземе канадскиот пасош на Маск и веднаш да му го одземе државјанството.
Трамп често го исмејуваше Трудо нарекувајќи го гувернер, титула која им се доделува на лидерите на американските држави. На „Икс“, социјалната мрежа што ја купи во 2022 година за 44 милијарди долари, Маск ги коментираше изјавите на канадскиот премиер дека ќе поднесе оставка како лидер на Либералната партија на Канада откако партијата ќе избере нов лидер, а исто така ги пофали видеата со истакнатиот лидер на канадската конзервативна партија Пјер Полиевре.
Свет
Кремљ за германските избори: Можеме да се надеваме само на трезвен поглед на реалноста

Руската влада изрази претпазлива надеж за подобрување на односите со Германија по изборната победа на германските демохристијани.
„Секојпат, човек би сакал да се надева на трезвен поглед на реалноста“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги резултатите од германските избори на кои германските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) добија најмногу гласови.
Тој додаде дека прашање е што би можело да биде од заеднички интерес и корист. „Но, ќе видиме што ќе се случи кога победничката ЦДУ/ЦСУ ќе ја преземе функцијата“, рече тој.
Германско-руските односи се на работ на прекин откако Русија ја започна инвазијата на Украина пред три години.
Москва особено внимателно следи дали Германија, под новиот канцелар, кој најверојатно ќе биде Фридрих Мерц од ЦДУ, ќе и обезбеди на Украина крстосувачки ракети Таурус кои би можеле да се употребат за напад на руска територија.
Мерц рече дека е подготвен да го стори тоа под одредени околности, додека претходниот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц беше категорично против тоа за да не ескалира војната.
Свет
Кремљ: Трамп се обидува да ги разбере причините за конфликтот

Кремљ денеска ја пофали администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за обидот да ги разбере основните причини на конфликтот во Украина и да го прекине она што, како што се наведува, е во спротивност со пристапот на Европа.
Овие изјави се меѓу најјасните признанија на Кремљ дека има голема промена во американската политика кон војната откога Трамп ја презеде функцијата пред пет недели.
Поништувајќи ги тригодишните напори на САД да ја казнат и изолираат Москва под администрацијата на Џо Бајден, Трамп бргу се фокусира на поправка на односите со рускиот претседател Владимир Путин и поддржа делови од наративот на Кремљ за конфликтот.
Минатата недела Трамп го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски диктатор.
Запрашан за изјавите на Трамп за Зеленски и Бајден, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека самата администрација на Трамп објавила дека го менува својот пристап кон Русија.
„Тоа е она што го поздравуваме и поддржуваме. Тоа е првата работа. Второ, се надеваме дека Вашингтон целосно ќе ги анализира основните причини за украинскиот конфликт – тоа е всушност она на што се обидовме да ги натераме нашите противници во Европа да обрнат внимание, што тие секогаш одбиваа да го прават, исто како и претходната администрација во Вашингтон“, рече Песков.
Русија тврди дека била принудена да ја почне војната за да ги заштити оние што говорат руски јазик во Украина и да обезбеди Украина да не му се приклучи на НАТО. Украина и Западот велат дека ова биле само изговори за грабеж на земјиште во колонијален стил.
„Без длабока анализа и разбирање на основните причини за конфликтот во Украина, во суштина е невозможно правилно да се работи на (мировно) решение. И тука ги гледаме обидите на Вашингтон вистински да разбере што го предизвика овој конфликт и се надеваме дека оваа анализа ќе помогне во напорите во контекст на решавање на конфликтот“, рече Песков.
Од друга страна, Песков тврди дека во овој момент нема основа Русија да го обнови дијалогот со европските земји, кои денеска воведоа уште еден пакет-санкции кон Москва, вклучително и забрана за увоз на алуминиум. Песков ги опиша санкциите како „целосно предвидливи“.
Кремљ нагласи дека сака да најде решение за конфликтот во Украина преку разговори со САД обвинувајќи ја Европа дека сака да ги продолжи непријателствата во услови на зближување меѓу Русија и САД, што доведе до тоа Доналд Трамп да заземе попомирлива позиција кон Москва.
„Европејците продолжуваат по патот (…) на нивното убедување за неопходноста од продолжување на војната. Ова убедување на Европејците е во целосна спротивност со желбата да се најде решение за Украина, што во моментот го правиме со Американците“, додаде Песков на третата годишнина од рускиот напад врз соседната земја.