Свет
САД испраќаат 1.000 војници на Блискиот Исток
САД ќе испратат речиси илјада војници и воена опрема на Блискиот Исток како одговор на заканата од Иран. Патрик Шанахан, вршител на должноста министер за одбрана на САД, потврди дека одобрил префрлање околу илјада војници за одбранбени цели поврзани со закани од воздух, море и од копно на Блискиот Исток.
Според него, мерката е во прилог на безбедноста на веќе присутните воени служби и заштита на националните интереси на САД во регионот. Тој додаде дека САД вршат мониторинг на теренот и може да донесат одлука за раширување на военото присуство во зависност од разузнавачките извештаи и кредибилните закани.
Пентагон објави нови снимки за зајакнување на обвинувањата дека Иран бил одговорен за нападите врз два танкера за нафта минатата недела во Ормускиот Залив. Повеќето од снимките биле направени од американски воен хеликоптер и на нив се прикажува како иранските сили отстрануваат неексплодирана мина од јапонскиот танкер. Според Вашингтон, станува збор за отстранување на доказите од местото на настанот.
Иран се наоѓа под строги санкции наметнати од САД кога Вашингтон истапи од Заедничкиот продлабочен план (ЈЦПОА) или таканаречаниот нуклеарен договор склучен меѓу Иран и петте постојани членки на ОН плус Германија. Експертите сметаат дека САД и Иран влегуваат во конфликт, особено по вчерашното соопштение од иранско официјално лице дека Техеран ќе ги намали обврските кон ЈЦПОА и ќе почне со збогатување на ураниумот за изградба на атомска бомба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Претседателот на Колумбија: Ги раскинуваме дипломатските односи со Израел
Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Газа.
Петро претходно силно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.
„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има претседател геноциден“, рече Петро на собир по повод Меѓународниот ден на трудот.
Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, додаде тој.
Во шестмесечната воена операција на Тел Авив загинаа 34.488 Палестинци, а ранети се 77.643, според здравствените власти во Газа. Војната ги расели повеќето од 2,3 милиони жители на Појасот Газа и го уништи најголемиот дел од крајбрежната енклава.
Најавата на Петро за прекин на дипломатските односи со Израел доаѓа во екот на се почестите шпекулации дека Израел наскоро ќе го нападне градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци раселени од своите домови.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Свет
Хамас: Одговор за предлогот за примирје и ослободување на заложниците веројатно утре
Водачите на Хамас вечерва рекоа дека го проучуваат предлогот за примирје и ослободување на заложниците што им го претставија египетските посредници и велат дека се надеваат оти ќе го испратат својот одговор до утре, се вели во соопштението на палестинската милитантна група испратена до „Асошиејтед прес“.
Тековната рунда разговори за примирје меѓу Израел и Хамас изгледаат сериозни, но страните се во несогласување за едно клучно прашање – дали војната треба да заврши како дел од договорот, објави „Тајмс оф Израел“.
„Многу веројатно утре, односно четврток, ако даде Господ, посредниците ќе добијат одговор“, соопшти Хамас.
Преговорите меѓу Хамас и Израел, преку посредници како САД, Катар и Египет, траат со недели, а по Париз се водат нови рунди разговори во Каиро.