Свет
САД и Велика Британија го ракетираа главниот град на Јемен откако Хутите нападнаа американски танкер

Јеменските бунтовници Хути го нападнаа американскиот танкер „МВ Торм Тор“ во Аденскиот залив, соопшти денеска портпаролот на оваа милитантна група Јахја Сареа, додека САД и Велика Британија извршија воздушни напади врз Сана, главниот град на Јемен.
Групата го гаѓала танкерот со нафта „со неколку бродски проектили“, рекол Сареа.
Американската централна команда (ЦЕНТКОМ) соопшти дека американскиот воен брод „Ју-Ес-Ес Мејсон“ вчера соборил противбродска ракета истрелана кон Аденскиот Залив од територијата контролирана од Хутите. ЦЕНТКОМ додава дека ниту „Ју-Ес-Ес Мејсон“ ниту „МВ Торм Тор“ не претрпеле никаква штета, ниту пак има повредени.
Главната ТВ станица Ал Масира под контрола на Хутите, синоќа објави дека американските и британските сили извршиле серија воздушни напади врз главниот град на Јемен, Сана.
Американските и британските сили вчера извршија напади врз повеќе од десет цели во Јемен. Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, почнаа да гаѓаат комерцијални бродови на 19 ноември во знак на протест против израелските напади на Појасот Газа.
Како одговор, САД и Велика Британија почнаа напади врз цели на Хутите во Јемен и ја нарекоа групата терористичка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија ја осудува острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран

„Русија е загрижена и ја осудува острата ескалација на тензиите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува руски Интерфакс.
Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин добива онлајн извештаи за настаните што се случуваат меѓу Израел и Иран.
„Претседателот Путин добива извештаи во реално време од руското Министерство за одбрана, Службата за надворешно разузнавање и Министерството за надворешни работи за настаните во регионот“, рече Песков.
Според него, руското Министерство за надворешни работи, по наредба на претседателот на Русија, наскоро ќе издаде детално соопштение за ситуацијата меѓу Израел и Иран, „кое потоа ќе биде дистрибуирано до Обединетите нации“.
Свет
Израел ги скри патничките авиони на тајна локација надвор од земјата

Израелските авиокомпании „Ел Ал“, „Аркија“ и „Исраир“ ги преместија своите авиони надвор од земјата на непозната локација, како подготовка за можен ирански напад врз аеродромот „Бен Гурион“, јавува дописникот на „Скај њуз“ од Блискиот Исток.
Авионите беа транспортирани без патници, како дел од однапред подготвени безбедносни протоколи во случај на понатамошна ескалација и напади врз клучна инфраструктура.
Ноќеска Израел изврши голем воздушен напад врз повеќе цели во Иран. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц.
Свет
Германија ја зајакнува заштитата на еврејските и израелските институции по нападот врз Иран

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Израел има право да го брани своето постоење, а по израелските напади врз Иран, наредил зголемена заштита на еврејските и израелските објекти во Германија.
Утрово телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и свика состанок на кабинетот за безбедност во Берлин, објави германската влада.
Мерц нагласи дека целта останува да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје и го обвини Техеран дека продолжува да ги крши своите обврски од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и дека претставува сериозна закана за регионот, особено за Израел.
Тој ги повика двете страни да се воздржат од потези што би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот и да го дестабилизираат Блискиот Исток.
Синоќа Израел изврши воздушен напад врз повеќе цели во Иран како дел од операцијата „Стоечки лав“. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување на ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивото на зрачење.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијална закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел. Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територии контролирани од проирански групи.