Свет
САД и Израел подготвуваат договор за взаемна одбрана

Амриканскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа изјави дека телефонски разговарал со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за можен договор за взаемна одбрана на двата народа.
Потегот може да ја засили актуелната кандидатура на Нетанјаху за реизбор на функцијата на само неколку дена пред Израелците да излезат на избори, пренесуваа агенцијата „Ројтерс“.
„Разговарав со премиерот Нетанјаху за можноста да се тргне напред кон договор за взаемна одбрана меѓу САД и Израел, што дополнително ќе го зацврсти огромниот сојуз меѓу нашите две земји“, напиша Трамп на „Твитер“.
Тој додаде дека се радува на продолжението на нивниот разговор кое треба да се реализира месецов на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Нетанјаху му се заблагодари на Трамп со порака на „Твитер“ во која се вели дека Израел никогаш немал поголем пријател во Белата куќа, додавајќи дека се радува на средбата во ОН со цел да се унапреди историскиот договор за одбрана меѓу САД и Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Белата куќа: Трамп се чувствува лошо затоа што Израел го нападна Хамас токму во Доха

На брифинг во Белата куќа, портпаролката Каролин Ливит изјави дека израелскиот напад врз Доха, кој погоди комплекс каде што престојуваа високи лидери на Хамас, „не придонесува за израелските или американските цели“. Сепак, таа додаде дека претседателот Доналд Трамп сè уште верува дека елиминацијата на Хамас е „достојна и легитимна цел“.
Ливит нагласи дека Катар е близок сојузник на Соединетите Американски Држави и дека Трамп се чувствува многу лошо во врска со локацијата на нападот. Таа додаде дека претседателот работи „активно и решително“ за да постигне мир.
Според неа, по нападот, Трамп разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и емирот на Катар.
Израелскиот премиер Нетанјаху претходно потврди дека лично одобрил „хируршки прецизен удар“ врз лидерите на Хамас во Доха, а израелската армија и Шин Бет објавија дека станува збор за заедничка операција против „врвното раководство“ на таа организација. Катар остро го осуди нападот, нарекувајќи го грубо кршење на меѓународното право, додека Хамас соопшти дека неговата преговарачка делегација преживеала, но во нападот загинале шест лица, вклучувајќи го и синот на главниот преговарач Калил ал-Хаја.
Свет
Хамас: Нашиот преговарачки тим го преживеа израелскиот напад

Хамас објави дека неговата преговарачка делегација го преживеала израелскиот напад врз главниот град на Катар, тврдејќи дека Израел се обидел да ги убие нивните преговарачи.
„Потврдуваме дека непријателот не успеа да ја убие нашата преговарачка делегација“, се вели во соопштението. Се додава дека нападот „несомнено потврдува дека Нетанјаху и неговата влада не сакаат да постигнат никаков мировен договор“.
Во истото соопштение, Хамас наведува дека во нападот биле убиени уште шест лица.
„Ги сметаме Соединетите Американски Држави за соодговорни за ова злосторство, поради нивната континуирана поддршка за агресија и злосторства на окупација против нашиот народ“, соопшти Хамас.
Хамас претходно објави дека израелскиот напад бил насочен конкретно кон нивната преговарачка делегација за време на состанокот во Катар, додека израелската армија потврди дека бил насочен кон високото раководство на Хамас. Ал Арабија објави дека главниот преговарач на Хамас, Калил ал-Хаја, е убиен, што Хамас сега го негира.
Свет
Извор од Белата куќа потврди дека Израел ја информирал Америка пред нападот врз Катар

Израел ги предупредил САД дека подготвува воздушни напади врз претставници на Хамас во Катар, изјави висок функционер на Белата куќа.
„Информирани сме“, рече функционерот, кој сакаше да остане анонимен. Според агенциите, во заедничката изјава на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац се наведува дека по нападот во Ерусалим, израелскиот премиер им наредил на своите безбедносни агенции да подготват напад врз раководството на Хамас.
Се вели дека можноста се појавила денес попладне и дека, со целосна поддршка од одбранбените лидери на Израел, тие заедно одлучиле да дадат зелено светло за нападот.
Се додава дека ИДФ и Шин Бет биле информирани за плановите за нападот синоќа.
Во соопштението се наведува дека Нетанјаху и Кац веруваат дека нападот бил оправдан бидејќи раководството на Хамас стоело зад нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година и пукањето во Ерусалим во понеделник.
Денес, Хамас ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз автобуската станица во Ерусалим, во кој беа убиени шест Израелци, а неколку беа повредени.
Ниту Израел ниту Хамас официјално не потврдија дали лидерите на Хамас го преживеале нападот во Катар или биле убиени.