Свет
САД најавија дополнителна воена помош за Украина од 325 милиони долари
САД ќе ѝ испратат на Украина околу 325 милиони долари дополнителна воена помош, која вклучува, меѓу другото, и огромно количество артилериска и друга муниција, соопшти Пентагон во средата, пренесува „Њујорк тајмс“.
Иако нема официјална потврда за точната содржина, овој пакет помош личи на другите неодамнешни пакети со кои Украина доби ракети за хаубици и за артилериските ракетни системи со висока мобилност (HIMARS), што Пентагон вели дека Украина ги користи ефикасно, како и серија други проектили и противтенковска муниција.
HIMARS се системи поставени на камиони кои може бргу последователно да лансираат наведувани проектили со дострел до 80 километри.
Американскиот државен секретар Ентини Блинкен посочи дека пакетот содржи и противоклопни системи, мало оружје, четири возила за логистичка поддршка и поддршка за одржување неопходна за зајакнување на бранителите на Украина на бојното поле.
Пакетот исто така вклучува и муниција со прецизно наведување, повеќе од девет милиони куршуми муниција за мало оружје, муниција за уривање за расчистување на пречките, како и резервни делови и опрема за безбедност и одржување и поправка на пристаништата.
Ова е 36-та транша американско оружје и опрема за Украина откако Русија ја почна својата инвазија, со која вкупната помош од САД достигна повеќе од 35,4 милијарди долари, посочува американскиот Стејт департмент.
„Русија уште денес може да стави крај на војната, но сè додека не го стори тоа, САД и нашите сојузници и партнери ќе останат обединети со Украина колку што е потребно“, истакна Блинкен.
Оружјето и опремата вклучени во пакетот ќе бидат повлечени од резервите на Пентагон, што значи дека можат бргу да стигнат на линијата на фронтот додека Украина се подготвува да почне контраофанзива против руските сили.
„Оваа нова безбедносна помош ќе ѝ овозможи на Украина да продолжи храбро да се брани од руската брутална, неиспровоцирана и неоправдана војна“, додава Блинкен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Самит ЕУ-Западен Балкан без Србија: Вучиќ вели дека никој нема да оди во Брисел
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да оди во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан, односно дека Србија нема да има свој претставник.
„За прв пат во последните 13 или 14 години, ниту јас ниту некој друг нема да одиме на таа меѓувладина конференција. Никој нема да ја претставува Република Србија, па затоа Западниот Балкан ќе биде без Република Србија“, изјави претседателот за РТС.
Тој изјави дека донел таква одлука за да не биде обвинет никој друг и дека Владата нема да трпи никаков притисок.
Тој рече дека во претходните 24 часа разговарал со голем број европски лидери.
„Искрено сум благодарен за почитта што Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта ја покажаа кон Србија. Исто така, сум благодарен и на претседателот Макрон, со кого разговарав синоќа. Сметам дека сè што правам, го правам за граѓаните на Србија. Без оглед на тоа што знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, и во Брисел и од оние кои секогаш критикуваат, дури и кога не знаат точно што критикуваат. Верувам дека со ова ја штитам Република Србија и нејзините интереси, бидејќи мора да покажеме што сме направиле“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија ќе го продолжи својот европски пат додека тој е претседател, а потоа, како што рече, ќе видиме, пренесува РТС.
Фото: депозитфотос
Свет
Сијарто предупредува: На економијата на ЕУ ѝ се заканува колапс во случај на конфискација на руски средства
Конфискацијата на замрзнатите руски резерви може да предизвика колапс на економијата на Европската Унија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Руската национална банка ja чува својата имовина и средства во Белгија.
Сосема е очигледно дека ако ЕУ ги конфискува своите резерви, глобалната доверба во белгискиот пазар ќе исчезне, а преку него и целиот финансиски пазар на ЕУ.
Ако довербата во европската инвестициска средина исчезне, тоа може да доведе до колапс на европската економија“, рече тој во програмата „Час Правде“.
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврдија за време на разговорите дека таков чекор од Брисел нема да помине без одговор од Москва.
Ова ќе зависи од ставот на поединечните земји во Европската Унија, истакна Сијарто.
„Конфискацијата на руски државен имот е една од најсериозните ескалации на ризикот во последните четири години, а запленувањето на резервите од страна на ЕУ е решение кое се заканува со ескалација на војната“, нагласи дипломатот.
И покрај фактот дека се чини дека дипломатското решение за украинската криза се приближува, Европејците всушност се обидуваат да ја продолжат и влошат војната со целосно непотребно присвојување на руски средства, резимираше тој.
На 12 декември, Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на суверените руски средства, пренесува Спутник.
Европската комисија се надева дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани на платформата „Јуроклир“ во Белгија.
Фото: депозитфотос
Свет
Унгарија ќе увезува американски гас: „Ова е ново златно доба на соработка со САД“
Унгарија денес објави дека потпишала петгодишен договор за снабдување со гас со американската енергетска компанија „Шеврон“.
Новиот договор, потпишан од „Шеврон“ и унгарската јавна енергетска компанија „МВМ“, предвидува испорака на 400 милиони кубни метри течен природен гас годишно во текот на следните пет години, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на заедничка прес-конференција со заменик-секретарот за енергетика на САД, Џејмс Денли.
Сијарто го поздрави новото „златно доба“ на соработка меѓу двете земји, пишуваат медиумите во регионот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец на средбата со рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи да увезува руски фосилни горива, и покрај планот на ЕУ да го забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Фото: депозитфотос

