Свет
САД нема намера да ги укине санкциите за кинескиот министер за одбрана
САД не планираат да ги укинат санкциите за кинескиот министер за одбрана, Ли Шангфу, став што се чини дека отстапува од коментарите дадени еден ден претходно од претседателот Џо Бајден на самитот на Г-7 во Јапонија, пренесува „Ал Арабија“.
Говорејќи пред новинарите во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, негираше во понеделникот дека американската влада размислува за укинување на санкциите за Ли.
Тој додаде дека претседателот Бајден јасно кажал оти САД не планираат ниту размислуваат да укинат некои санкции кон Ли или кон Кина пошироко.
Прашан во неделата дали САД ќе ги укинат санкциите кон Ли за да може да се сретне со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, Бајден рече: „Тоа е во тек на преговори во моментов.
Освен тоа, Бајден изрази оптимизам дека односите меѓу САД и Кина ќе почнат да се затоплуваат откако соборувањето на наводниот кинески шпионски балон го спречи позитивниот моментум што произлезе од средбата меѓу американскиот претседател и кинескиот лидер Шји Џинпинг минатата година.
Тензиите меѓу двете нации остануваат високи на голем број фронтови.
Кина ги обвинува САД дека се обидуваат да го потиснат нејзиниот подем со ограничување на пристапот до напредна технологија и со поддршка на Тајван, за кој Пекинг тврди дека е нејзина територија.
Поради санкциите, Кина го отфрли барањето на Остин да се сретне со Ли следниот месец на Форумот за одбрана во Сингапур.
Но и покрај вжештената реторика, Белата куќа во последно време почна да комуницира со Кина на повеќе фронтови.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан се сретна претходно овој месец со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји во Виена, а кинескиот министер за трговија Ванг Вентао треба да се сретне неделава со американскиот министер за трговија, Џина Раимондо, во Вашингтон и со американската трговска претставничка Кетрин Таи во Детроит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

