Свет
САД: Ограничувањето на цената на руската нафта веднаш ќе го прекине главниот извор на приход на Путин
Новото ограничување на цената на руската нафта, што вчера го договорија членките на Европската унија, а денеска го потврдија членките на Г7 и Австралија, веднаш ќе го прекине главниот извор на приход на Путин, сметаат САД.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен рече дека ограничувањето, кое вчера беше официјално одобрено од западните сојузници, дошло по месеци напорна работа.
Ограничувањето ги спречува земјите да плаќаат повеќе од 60 долари за барел за извоз на руска сурова нафта преку море. Тоа треба да стапи на сила на 5 декември или набргу по него.
„Земјите со низок и среден приход, кои беа во голема мера погодени од високите цени на енергијата и храната, особено ќе имаат корист од ова ограничување“, рече Јелен.
Таа, исто така, додаде дека тоа дополнително ќе ги ограничи финансиите на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги ограничи приходите што тој ги користи за финансирање на неговата брутална инвазија, истовремено избегнувајќи глобално нарушување на снабдувањето што може да доведе до скок на цените на горивото ширум светот.
„Со оглед на тоа што руската економија веќе се намалува, ограничувањето на цената веднаш ќе го прекине најважниот извор на приход на Путин“, рече Јелен.
Целта на ценовната граница, која е идеја на групата Г7, е да се намалат приходите на Русија од продажбата на нафта,
Варшава се спротивстави на предложената цена и размислуваше да ја задржи цената под нејзиното пазарно ниво. Во преговорите со ЕУ, Полска се залагаше цената да биде што е можно пониска со цел да се намали приходот на Русија и да се ограничи способноста на Москва да ја финансира војната во Украина.
Амбасадорот на Полска во ЕУ, Анджеј Садош, во петокот изјави дека земјата ја дала својата поддршка за договорот, кој вклучува механизам за задржување на ценовната граница најмалку пет отсто под нивото на пазарот. Американските власти рекоа дека станува збор за договор без преседан, што ја покажува решителноста на коалицијата да се спротивстави на руската војна.
Портпаролот на Чешка, која моментално претседава со Советот на ЕУ и ги надгледува преговорите во Унијата, по согласноста на Полска изјави дека неговата земја го почнала писмениот процес со кој сите 27 земји-членки официјално ќе го одобрат договорот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ограничувањето на цената значително ќе ги намали руските приходи.
„Тоа ќе ни помогне да ги стабилизираме цените на енергијата ширум светот, што ќе им користи на економиите во развој ширум светот“, напиша фон дер Лајен на Твитер, додавајќи дека ограничувањето ќе биде „прилагодливо со текот на времето“ за да одговара на развојот на пазарот.
Ограничувањето ќе им овозможи на земјите надвор од ЕУ да продолжат да увезуваат руска нафта во странство, но ќе им забрани на превозниците и осигурителните компании да ракуваат со руската нафта ширум светот, освен ако не се продава по цена под ограничувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

