Свет
САД подготвуваат воена инвазија во Венецуела, предупредува руски функционер
Висок руски претставник во вторникот обвини дека САД распоредуваат војници во Порторико и Колумбија подготвувајќи се за воена интервенција во Венецуела и соборување на власта на претседателот Николас Мадуро.
Венецуела минува низ политичка криза, а во текот на викендот дојде до жестоки судири. САД и голем број други земји го поддржаа опозицискиот водач во земјата како привремен претседател, а Русија и Кина стојат зад Мадуро.
„САД се подготвуваат за воена инвазија во независна држава“, рече Николај Патрушев, секретар во Советот за безбедност на Русија, во интервју за неделникот „Аргументи и факти“.
„Трансферот на американските сили за специјални операции во Порторико, доаѓањето на американските сили во Колумбија и други факти покажуваат дека Пентагон собира војска во тој регион за да ја искористи во операција за отстранување на Мадуро од власт“, истакна тој.
Патрушев во интервјуто рекол дека Вашингтон побарал од Москва консултации за Венецуела и дека Русија се согласила со нив, но дека американските официјални лица постојано ги одложуваат под лажни изговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кран падна врз израелски војници во Газа: двајца загинати
Двајца израелски војници загинаа, а осум се повредени во несреќа што се случи синоќа во Појасот Газа кога кран паднал поради силниот ветер, соопшти војската.
Според информациите, во несреќата загинал Надав Коен (21), додека името на другиот војник ќе биде објавено подоцна.
Од осумте војници повредени при падот на кран, еден се здобил со тешки телесни повреди.
Според првичните сознанија од истрагата на ИДФ, кранот паднал поради екстремно силниот ветер.
Свет
Израел подготвува план за заминување на Палестинците од Газа: „Нека ги примат Шпанија, Ирска, Норвешка, Канада“
Министерот за одбрана на Израел и нареди на војската денеска да подготви план за да се дозволи „доброволно заминување“ на жителите од Газа, објавија израелските медиуми, откако американскиот претседател Доналд Трамп привлече меѓународна осуда за неговиот план да го преземе Појасот Газа.
Директивата уследи по шокантната најава на Трамп дека САД планираат да ја заземат Газа, да ги преселат Палестинците и да ја трансформираат територијата во „Ривиера на Блискиот Исток“.
„Го поздравувам смелиот план на претседателот Трамп, на жителите на Газа треба да им се даде слобода да заминат и да емигрираат, што е норма во целиот свет“, рече израелскиот министер за одбрана Израел Кац, според израелскиот Канал 12.
„Шпанија, Ирска, Норвешка, Канада нека ги прифатат Палестинците“
На прашањето кој ќе ги прими Палестинците, Кац рече дека тоа треба да бидат земји кои се противат на израелските воени операции во Газа.
„Земјите како Шпанија, Ирска, Норвешка и други, кои изнесоа обвинувања и лажни тврдења против Израел за неговите акции во Газа, се законски обврзани да дозволат секој Газанец да влезе на нивната територија“, рече Кац.
„Ако одбијат да го сторат тоа, нивното лицемерие ќе биде разоткриено. Има земји како Канада, која има структурирана програма за имиграција, кои претходно изразија подготвеност да ги прифатат Газаните“, рече израелскиот министер.
Бес на Блискиот Исток
Контроверзната идеја на Трамп, која предизвика бес на Блискиот Исток, доаѓа во време кога Израел и милитантната група Хамас треба да почнат разговори за втората фаза од кревкиот план за прекин на огнот за ставање крај на речиси 16-месечните борби во Газа.
Планот на Кац ќе вклучува опции за напуштање на Газа преку копнени премини, како и посебни аранжмани за поаѓање по море и воздух, објави Канал 12.
Остра меѓународна осуда
Светските сили како Русија, Кина и Германија во средата го критикуваа планот на Трамп за Газа, велејќи дека тој ќе поттикне „ново страдање и нова омраза“.
Саудиска Арабија веднаш го отфрли предлогот, а јорданскиот крал Абдула, кој ќе се состане со Трамп во Белата куќа следната недела, во средата рече дека ги отфрла сите обиди за анексија на земјата и раселување на Палестинците.
Иранското Министерство за надворешни работи на Х објави дека планот на Трамп е дел од напорите на Израел „целосно да го избрише палестинскиот народ“.
Нетанјаху за изјавата на Трамп: Ова е првата добра идеја што ја слушнав
Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека предлогот на Трамп е извонредна и повика да се истражи бидејќи не е сигурен што нуди Трамп. Нетанјаху рече дека не верува дека Трамп предложил испраќање американски војници да се борат против Хамас во Газа или дека Вашингтон ќе ја финансира реконструкцијата.
„Ова е првата добра идеја што ја слушнав“, додаде тој. „Тоа е извонредна идеја и мислам дека навистина треба да се охрабри, испита и спроведе бидејќи мислам дека ќе создаде различна иднина за сите“, рече Нетанјаху.
Хамас, кој владееше со Појасот Газа пред војната, рече дека предлогот на Трамп е „смешен и апсурден“.
Трамп претходно предложи арапските нации да ги преземат Палестинците
Трамп постојано сугерираше од 25 јануари дека регионалните арапски нации како Египет и Јордан треба да ги преземат Палестинците во Газа, идеја што беше отфрлена и од арапските држави и од палестинските лидери. Тој не соопшти никакви детали за неговиот предлог за преземање на Газа.
Соработниците на Трамп го бранеа неговиот предлог, но се оградија од неговите елементи по меѓународната осуда. Групите за човекови права го осудија предлогот на Трамп како етничко чистење.
Воениот напад на американскиот сојузник Израел врз Газа, кој сега е запрен со кревкиот прекин на огнот, уби повеќе од 47.000 Палестинци во изминатите 16 месеци, соопшти Министерството за здравство на Газа, што предизвика обвинувања за геноцид и воени злосторства. Израел го негира ова.
Нападот внатрешно го раселе речиси целото население на Газа и предизвика криза со глад. Причината за војната беше бруталниот напад на Хамас врз Израел, во кој беа убиени 1.200 луѓе, а повеќе од 200 беа киднапирани и однесени во Газа.
Свет
Австралија воведува задолжителни затворски казни за нацистички поздрави
Австралискиот парламент донесе нови закони со кои ќе се казнува употребата на нацистички поздрави и симболи на омраза со задолжителни затворски казни од една до шест години. Овие измени на законите за криминал од омраза доаѓаат во време на бранот антисемитски напади што предизвикаа жестока дебата во земјата.
Владејачката Лабуристичка партија ги нарекува овие мерки „најстрогите закони за криминал од омраза во австралиската историја“.
Отсега, давањето нацистички поздрав ќе резултира со задолжителни затворски казни.
Според новите закони, секој јавен чин на истакнување нацистички симболи или изведување нацистички поздрав автоматски носи минимум една година затвор. Дополнително, финансирањето тероризам сега носи минимална казна затвор од три години, додека оние кои се осудени за планирање или извршување терористички напади ќе добијат минимум шест години затвор.
Поранешниот сенатор на Лабуристичката партија Ким Кар ја обвини сопствената партија за кршење на сопствената платформа и отстапување од нејзината политика против задолжителните затворски казни. Лабуристите досега тврдеа дека таквите казни не ја намалуваат стапката на криминал, ја поткопуваат независноста на судовите и често се дискриминаторски во пракса.
Но, ниту опозициските партии не го дочекаа законот со ентузијазам. Либералниот сенатор Џејмс Патерсон го обвини премиерот дека бил принуден да го донесе законот под притисок на јавноста.
„Парламентот не ги донесува овие закони поради решителноста на Лабуристичката партија“, изјави Патерсон на новинарите во Канбера. „Премиерот беше буквално принуден да воведе силни закони кои ќе обезбедат вистинска казна за ваквото однесување.
Забраната за нацистичкиот поздрав и симболите на омраза беше воведена во Австралија уште во јануари 2024 година, со казна затвор до една година. Но, со последните измени на законот оваа затворска казна сега е задолжителна, без можност за условна.
Министерот за внатрешни работи Тони Бурк го бранеше законот, велејќи дека „ова не е политичко прашање“.
„Ова е за тоа дали австралискиот парламент ќе испрати јасна порака дека не е прифатливо да се заканува, да се залага или да врши насилство врз некого поради тоа кој е, на која религија припаѓа или кого сака“, рече Бурк во парламентот.
Овие промени доаѓаат по неколку сериозни антисемитски напади во Австралија во последните месеци.
Минатата недела австралиските власти пронајдоа караван во Сиднеј со експлозиви и антисемитска порака. Само една недела претходно беше запалена градинка во близина на еврејско училиште и синагога, а на нејзините ѕидови се појавија графити со антисемитски пораки.
Во декември минатата година беше разгорен пожар во синагога во Мелбурн додека верниците беа внатре. Никој не е сериозно повреден, но инцидентот ја потресе целата земја.