Свет
САД се дистанцираат од украинскиот прекуграничен напад во Русија
Вашингтон не поддржува напади надвор од границите на Украина, нагласи во понеделникот американскиот Стејт департмент откако беше прашан за нападот на група саботери во рускиот регион Белгород, пренесува РТ.
Новиот портпарол на одделот, Метју Милер, не се осврна на извештаите за украинските милитанти кои користеле американска воена опрема за време на нападот, но потврди дека обезбедувањето на Украина со повеќе оружје, потенцијално вклучувајќи борбени авиони Ф-16, е приоритет за американската влада и за нејзините сојузници.
„Многу јасно им ставивме до знаење на Украинците дека не помагаме или поттикнуваме напади надвор од границите на Украина, но мислам дека е важно да се направи чекор назад, да се потсетиме на сите и да го потсетиме светот дека Русија е таа што ја почна оваа војна. Значи, Украина треба да одлучи како сака да ги спроведе своите воени операции, но Русија е агресорот во оваа војна “, истакна Милер.
Најмалку осум цивили беа ранети во нападот на група украински милитанти кои во понеделникот ја преминаа границата кон Русија во регионот Белгород. Руските безбедносни сили беа распоредени за да ги елиминираат, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.
Москва го опиша нападот како рекламен трик за да се одврати вниманието на јавноста од поразот на Украина во Артјомовск, градот во Донбас претходно познат како Бахмут, за време на викендот.
САД и нивните сојузници ѝ обезбедија на владата во Киев до крајот на 2022 година оружје, опрема и муниција во вредност од најмалку 100 милијарди долари, покажуваат проценките на руското Министерство за одбрана.
Москва постојано предупредува дека ако Западот продолжи да ја „пумпа“ Украина со оружје, ситуацијата може да ескалира со директна конфронтација, но западните официјални лица тврдат дека давањето воена, финансиска и политичка помош на Украина не ги прави страна во конфликтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

