Свет
САД се обидуваат да го замрзнат конфликтот во Донбас по поразот на Порошенко

Политиката на Вашингтон е насочена кон замрзнување на конфликтот во југоисточна Украина, изјави директорот на Центарот за актуелна политика во Русија, Алексеј Чеснаков, за ТАСС коментирајќи ја интернет-конференцијата што ја водеше специјалниот претставник на САД за Украина, Курт Вокер, во вторникот.
„Судејќи според вчерашните изјави на Вокер, САД го поставија курсот за замрзнување на конфликтот во југоисточна Украина. Тврдејќи дека Украина не може да стори повеќе за спроведувањето на договорите од Минск, тој всушност побара од Киев да не прави ништо повеќе за да се усогласи со резолуцијата на ОН за Донбас. Вокер се обидува да го замрзне мировниот процес како и самиот конфликт”, рече тој.
Според Чеснаков, откако го поддржа Петро Порошенко за време на изборите, Вокер очигледно беше изненаден кога неговиот кандидат претрпе комплетен неуспех. Тој е загрижен поради тоа што не го познава Зеленски доволно добро и стравува дека новиот украински претседател, како популист, ќе го послуша мислењето на народот и ќе ги спроведе договорите од Минск.
„Вокер има потреба од пауза за да изврши притисок врз Зеленски и да го убеди дека украинскиот народ погрешил и дека војната е всушност добра работа. За да се потврди дека Вашингтон не е заинтересиран за решавање на конфликтот, може да се спомене фактот дека американскиот државен секретар Мајк Помпео воопшто не го покрена украинското прашање на неодамнешните преговори во Сочи”, додаде Чеснаков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Палестинското прашање и понатаму останува нерешено

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план за Газа на Доналд Трамп не го решава целосно израелско-палестинскиот конфликт, пренесе RT.
Тој нагласи дека Русија го оценува планот како „најдобро што моментално е на преговарачката маса“, но додаде дека „палестинското прашање со тоа не е решено“.
Лавров порача дека конечно решение би било можно само со создавање на палестинска држава во границите од 1967 година, во согласност со резолуциите на ОН, и повтори дека Москва останува посветена на решението со две држави.
Свет
Трамп: Не сум сигурен дека ќе влезам во рајот, но на многумина им го разубавив животот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дека ќе може да влезе во рајот, но додаде дека на многумина им го направил животот подобар.
Изјавата ја даде во претседателскиот авион Air Force One. За време на летот, еден од новинарите што го придружуваа 79-годишниот претседател го праша за неговите претходни коментари кои ги дал во контекст на преговорите за мировниот договор во војната меѓу Русија и Украина.
Трамп уште во август, во емисијата „Fox and Friends“, изјави: „Ако можам да спасам 7.000 луѓе неделно, мислам дека тоа е прилично добро – сакам да се обидам да влезам во рајот, ако е можно. Слушам дека не ми оди добро. Навистина сум на дното на листата. Но ако успеам да влезам во рајот, ова ќе биде една од причините“
На прашањето дали неговите шанси се подобриле по договорот меѓу Израел и Хамас, Трамп сега одговори: „Малку се шегувам. Мислам дека ништо нема да ме одведе во рајот. Можеби не сум предодреден за тоа. Можеби сум во рајот токму сега, додека летаме со Air Force One,“ рече Трамп.
Тој повторно ја обвини администрацијата на Џо Бајден за неспособност и додаде дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку изборите во 2020 година не биле наместени.
Свет
Египетскиот претседател до Израелците: Претворете го овој историски момент во нов почеток

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси ги повика Израелците моментот на потпишување на мировниот договор за Газа да го претворат во нов почеток за поправеден и помирен живот во регионот.
„Погледнете кон подобра иднина за нашите деца,“ рече Сиси по потпишувањето на договорот во Шарм ел-Шеик.
На самитот присуствуваа Доналд Трамп и бројни меѓународни претставници. Обраќајќи му се на Трамп, Сиси додаде: „Господине претседателе, нека војната во Газа биде последната војна на Блискиот Исток.“