Свет
САД, Франција, Германија и Австрија: Рано е за признавање на Палестина
САД, Франција, Германија и Австрија порачаа дека се уште нема услови за признавање на Палестина и дека е потребно да се водат преговори за решение со две држави за блискоисточниот спор.
Ирска, Норвешка и Шпанија претходно најавија дека ќе ја признаат Палестина на 28 мај. Вашингтон, Париз, Берлин и Виена сметаат дека е рано за тоа.
Американскиот претседател Џо Бајден смета дека палестинската држава треба да се постигне со преговори, а не со еднострано признавање, објави во средата Белата куќа.
„Претседателот е силен поддржувач на решението за две држави и го поддржуваше во текот на неговата кариера“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
„Тој смета дека палестинската држава треба да се реализира преку директни преговори меѓу страните, а не преку еднострано признавање.
Условите за официјално признавање на Палестина како држава сè уште не се исполнети, рече во средата францускиот министер за надворешни работи, откако групата европски нации го објавија потегот со надеж дека ќе помогне да се донесе мир во регионот.
„Ова не е само симболично прашање или прашање на политичко позиционирање, туку дипломатско средство во служба на решение на две држави кои живеат една до друга во мир и безбедност“, рече Стефан Сежурн во изјавата. „Франција не смета дека се уште се исполнети условите оваа одлука да има вистинско влијание врз тој процес.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи ја истакна поддршката на Берлин за решението за две држави, одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на европските земји да ја признаат Палестина.
„Независна палестинска држава останува цврста цел на германската надворешна политика“, рече портпаролот на редовната прес-конференција во Берлин, додавајќи дека за таа цел е потребен дијалог.
„Симболичното признавање нема да им помогне на Палестинците во овој момент“, изјавија од австриското Министерство за надворешни работи за австриската новинска агенција АПА. Тие уверуваат дека и покрај тоа, Австрија е долгогодишен поддржувач на решението за две држави.
Шпанија, Ирска и Норвешка внајавија дека ќе ја признаат независната палестинска држава на 28 мај, на што Израел веднаш реагираше со повлекување на амбасадорите од тие земји. Трите западноевропски земји со тоа и се приклучија на Шведска, која во 2014 година беше првата членка на ЕУ што го стори тоа. Чешка, Унгарија, Полска, Бугарија, Романија ја признаа Палестина во 1988 година како дел од советскиот блок, а истата година, тоа го направи и Кипар.
Признавањето на Палестина најавија Малта и Словенија, а дека оваа можност постои најави и Австралија. Палестина како држава во моментов е призната од 143 од 193 членки на Обединетите нации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

