Свет
САД ја зацврстуваат одбраната од балистички ракети во Источна Азија

Еден од најнапредните американски уништувачи на ракети, УСС „Милијус“, во вторникот пристигна во Јапонија за да ја зацврсти одбраната од севернокорејските балистички ракети или, пак, од кој било во Источна Азија, пренесува „Ројтерс“.
Пристигнувањето на воениот брод во морнарската база „Јокосука“ доаѓа на три недели пред средбата помеѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, во Сингапур.
Демонстрацијата на сила од страна на САД е потсетувањето за воениот притисок кој може да се искористи над Северна Кореја, со оглед на тоа што Вашингтон инсистира земјата да се откаже од своите нуклеарни оружја и програмата за балистички ракети.
„Милијус“ ќе ја поддржи „безбедноста и стабилноста во Индопацифичкиот Регион преку носењето на зголемените безбедносни капацитети во вид на одбрана од балистички ракети“, изјавија од американската морнарица.
Претходно, Северна Кореја најави дека сè уште размислува околу одржувањето на средбата помеѓу Трамп и Ким, откако ги откажа одвоените разговори со Јужна Кореја како протест поради заедничките воздухопловни воени вежби на Вашингтон и Сеул, додава „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Европската комисија: Транспарентноста ни е најважна, ќе ја проучиме одлуката за пораките на Фон дер Лајен

Европската комисија денес реагира на пресудата на Судот на правдата на ЕУ велејќи дека ја зема предвид, дека внимателно ќе ја проучи и ќе одлучи за следните чекори. „Комисијата сега внимателно ќе ја проучи одлуката на Општиот суд и ќе одлучи за следните чекори. За таа цел, Комисијата ќе донесе нова одлука со подетаљно образложение“, се вели во соопштението на Комисијата.
Општиот суд на Европската Унија пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување за тоа што не ги поседувала бараните документи, СМС-пораките меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, во кои разговарале за набавка на вакцина против коронавирус.
Во соопштението на Комисијата се наведува дека Општиот суд смета дека Комисијата требало да даде подетаљно објаснување во својата одлука дека не поседува документи од бараниот тип.
„Општиот суд не ја доведува во прашање политиката на Комисијата за регистрација во врска со пристапот до документи. Целта на овие правила е да се обезбеди интегритетот на евиденцијата на Комисијата и целосна транспарентност преку обезбедување на важните документи составени или примени од Комисијата да бидат лесно достапни за заинтересираните граѓани на ЕУ“, истакнува Комисијата.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и за претседателката Урсула фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до воспоставената робусна законска рамка за спроведување на нашите обврски“, додаде Комисијата.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, размениле пораки, чија содржина останува непозната за јавноста, во време кога Комисијата преговараше за договори вредни повеќе милијарди евра за набавка на вакцини против коронавирусот.
Свет
Кремљ го критикува Макрон за изјавата за нуклеарното оружје во Европа

Кремљ ги критикува коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон, дека Париз е отворен за распоредување воени авиони со нуклеарно оружје во други европски земји велејќи дека тоа нема да ја зголеми безбедноста на континентот.
„Американците имаат бомби во авионите во Белгија, Германија, Италија, Турција“, изјави Макрон за француската телевизиска станица „ТФ 1“. „Подготвени сме да ја отвориме оваа дискусија. Ќе ја дефинирам рамката на многу специфичен начин во наредните недели и месеци“, рече тој.
Кога беше прашан за коментарите на Макрон, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „пролиферацијата на нуклеарно оружје на европскиот континент не е нешто што ќе додаде безбедност, предвидливост и стабилност“.
„Во моментот целиот систем на стратешка стабилност и безбедност е во жална состојба од очигледни причини“, рече Песков.
Макрон првпат ја изнесе идејата за проширување на заштитата на нуклеарниот арсенал на Франција во други европски земји во март. Кремљ во тоа време изјави дека ова претставува француско барање за „нуклеарно водство во Европа“ и го нарече „многу, многу конфронтативно“.
Регион
Додик: Кога историјата се препишува, жртвите стануваат џелати, а ослободителите криминалци

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека се гордее на фактот што Српска денес стои рамо до рамо со Русија во борбата против заборавот посочувајќи дека ревизионизмот не е само опасност за историјата туку и опасност за сегашноста и иднината бидејќи ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви.
Додик го изјави ова во колумна за бањалучкиот „Глас Српска“ по враќањето од Москва, каде што присуствуваше на парадата по повод Денот на победата над фашизмот, каде што, како што истакнува, Република Српска е препознаена како горд, достоинствен, цврст и искрен меѓународен актер.
„И таму, на Црвениот плоштад, стоев рамо до рамо со оние што знаат што значи да се бориш и да умреш за слобода“, изјави Додик истакнувајќи дека Република Српска е пречекана во Москва како пријател и дека се гордее што е под нејзиното име и што Република Српска има свое место меѓу оние што се бореле против фашизмот и кои денес стојат зад вистината.
„Советскиот Сојуз направи незамисливи жртви. Повеќе од 27 милиони луѓе загинаа за време на Втората светска војна. Да, 27 милиони. Тоа се повеќе жртви отколку Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција заедно. Тоа е бројка што сведочи за тоа колку Русите ја платија цената за слободата на светот. Гледајќи ја парадата, се сетив на тие жртви. Се сетив дека без нив можеби немаше ни да постои денешна Европа, можеби немаше ни да постои слободата што ја земаме здраво за готово денес“, рече Додик.
„Двајца од тројцата најголеми светски лидери – Владимир Путин и кинескиот претседател – покажаа дека се искрени пријатели на Република Српска. И во време кога светот минува низ големи промени, кои може да се споредат само со оние по победата над нацизмот, Република Српска има пријатели на силни места. Пријатели што знаат што значи да се бориш против хегемонијата, против препишувањето на историјата и вистината“, рече претседателот на Република Српска.
Ревизионизмот, истакнува тој, не е само опасност за историјата – тој е опасност за сегашноста и иднината.
„Затоа што ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви? Ако историјата се препишува, тогаш жртвите стануваат џелати, а ослободителите криминалци. Затоа денес, со ова искуство од Москва, велам: Нема да заборавиме. Нема да дозволиме да ни ја одземат вистината за нашата борба против фашизмот. Нема да заборавиме 27 милиони Руси и стотици илјади Срби, кои ги дадоа своите животи за слобода“, изјави Додик.