Свет
Санкциите на Палестинската Самoуправа за Појасот Газа се погубни
Член на политичкото биро на Народниот фронт за ослободување на Палестинците (ПФЛП) во неделата изјави дека санкциите на палестинските власти на Појасот Газа се катастрофални, објави новинската агенција „Шехаб“.
Маријам Абу Дага тврди дека санкциите мора да бидат укинати што е можно побргу. Таа додаде дека платите на јавните службеници во Појасот Газа мора да бидат исплатени и сите одлуки на претседателот на Палестинската Самоуправа, Махмуд Абас, за номинирање судии мора да бидат поништени.
Претставничката на ПФЛП рече дека многу бргу треба да се формира изборниот суд со цел да се осигури дека нема никакви пречки пред изборите. Таа исто така истакна дека ПЛО претставува 13 милиони Палестинци внатре во Палестина и во дијаспората, така што нејзиниот претседател не треба да биде иста личност со претседателот на Палестинската Самоуправа.
Од ПФЛП, посочи Абу Дага, би сакале да видат сеопфатен национален дијалог и преуредување на палестинските институции пред издавањето на изборниот декрет.
Критикувајќи го непочитувањето од страна на Палестинската Самоуправа на препораките дадени на конференцијата на генералните секретари пред три месеци, таа ја истакна важноста да се има национално раководство што ги почитува палестинските амбиции и права.
„Потребен ни е транспарентен демократски процес заснован на резултатите од националната согласност. За ова е потребен разговор за сите отворени прашања и да се договори национален кодекс на однесување, кој гарантира дека резултатите од изборите ќе бидат почитувани какви и да се“, заклучи Абу Дага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски дипломат: На работ сме на договор за мир во Украина
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави во интервју за Еј-Би-Си дека верува оти страните во војната се „на работ“ на дипломатско решение што би го завршило руско-украинскиот конфликт.
„Подготвени сме да постигнеме договор“, рече Рјабков, додавајќи дека се надева оти спогодбата може да биде постигната „поскоро отколку подоцна“.
Неговите изјави доаѓаат откако претставници на американската администрација сигнализираа дека мировен договор можеби е поблизу од кога било, наведувајќи дека околу 90 проценти од спорните прашања веќе се решени.
И покрај оптимистичкиот тон, Рјабков повтори дека Русија не се откажува од контролата врз Крим, како и врз делови од украинските области Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, што Киев ги смета за неприфатливи услови.
Тој истакна дека Русија нема да прифати присуство на НАТО-сили во Украина, дури ни како безбедносна гаранција по завршувањето на војната.
Разговорите се водат со посредство на САД, како дел од мировната иницијатива на Белата куќа за ставање крај на руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos

