Свет
Светските лидери: Израел треба да се откаже од катастрофалната операција во Рафа
Светските лидери предупредуваат на катастрофални последици за 1,5 милион Палестинци заробени во Рафа доколку Израел не се откаже од најавената силна операција во тој град во Газа.
Австралија, Канада и Нов Зеланд го предупредија Израел во ретка заедничка изјава „да не оди по тој пат“.
„Продолжена воена операција би била катастрофална. Цивилите немаат каде да одат на друго место“, пишуваат тие во соопштението.
Воената кампања на Израел протера стотици илјади Палестинци во најјужниот град Газа, каде што побараа засолниште во голем импровизиран камп во близина на границата со Египет.
И покрај притисокот од странски влади и хуманитарни агенции, Израел инсистира да навлезе во Рафа со цел да ги елиминира баталјоните на Хамас.
„Ќе се бориме до целосна победа, што вклучува силна акција во Рафа откога ќе дозволиме цивилното население да ги напушти борбените зони“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Неговите најави за инвазија на Рафа доаѓаат во време кога посредниците брзаат да посредуваат за примирје во четиримесечната војна, која порамни огромни делови од Газа, расели поголем дел од населението и ги турна луѓето на работ на глад.
„Ако израелскиот напад врз Рафа продолжи, ризикот од злосторства е сериозен, реален и голем“, рече во средата Алис Ваириму Ндериту, специјален советник на Обединетите нации за спречување геноцид.
Посредниците од Соединетите Американаски Држави, Катар и Египет се обидуваат да постигнат договор во Каиро, со кој би се запреле борбите и ќе бидат ослободени околу 130 заложници во Газа во замена за палестинските затвореници што ги држел Израел.
„Израел не доби никаков нов предлог од Хамас во Каиро за ослободување на нашите заложници“, велат од канцеларијата на Нетанјаху откако израелските медиуми објавија дека на делегацијата на земјата ѝ било кажано да не се враќа на преговорите додека Хамас не ја омекне својата позиција.
Иако директно не ги коментира медиумските извештаи, Нетанјаху рече: „Инсистирам Хамас да се откаже од своите налудничави барања, а кога ќе се откажат од тие барања, можеме да продолжиме напред“.
Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, се приклучи на разговорите во вторникот со Дејвид Барни, шеф на израелската разузнавачка служба Мосад, а делегација на Хамас вчера беше во Каиро.
Претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, кој управува со Западниот Брег, окупиран од Израел, го повика Хамас брзгу да се согласи на прекин на огнот и да престане со понатамошната трагедија за Палестинците.
Преговорите за прекин на огнот влегуваат во трет ден, а израелската армија продолжува да ја бомбардира Газа. Министерството за здравство, со кое раководи Хамас, денеска објави дека 107 лица, главно жени и деца, биле убиени во нападите во текот на ноќта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рејтингот на Трамп достигна ново најниско ниво
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува нова анкета.
Според анкета спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 проценти од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Истражувачите велат дека рејтингот на неодобрување од 60 проценти е највисок од нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Како што истакнуваат, ова е најниското ниво на поддршка во тековниот дел од неговиот втор мандат.
Рејтингот на претседателот би можел да игра клучна улога на претстојните среднорочни избори, на кои ќе се изберат претставници и сенатори во клучните федерални држави. Исходот би можел да го промени балансот на моќта во Вашингтон, бидејќи Републиканската партија се стреми да одржи тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Иако Трамп нема да биде директно на гласачкото ливче, изборите се сметаат за еден вид референдум за неговите перформанси.
Анкетата беше спроведена од 12 до 17 февруари меѓу 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од ±2 процентни поени.
Статистичарот и политички аналитичар Нејт Силвер минатата недела објави на својот блог „Силвер билтен“ дека рејтингот на одобрување на Трамп паднал на нето минус 15 поени, со 40,5 проценти одобрување и 55,5 проценти неодобрување, што исто така го означува најниското ниво од неговиот втор мандат. До недела, тој резултат малку се подобри на минус 13,6 поени.
Во исто време, анкетата од 5 до 8 февруари спроведена од Асошиејтед Прес и NORC на Универзитетот во Чикаго покажа дека Трамп има 36 проценти одобрување и 62 проценти неодобрување, нето минус 26 поени, што е изедначување на неговиот најнизок резултат во ноември со истиот анкетар.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешен шеф на ДЕА: За фаќањето на Ел Менчо заслужно е Мексико, а не Трамп и Америка
Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја преземат заслугата за вчерашната операција предводена од мексиканските сили, изјави поранешниот шеф на Агенцијата за борба против дрога на САД.
Синоќа насилството се прошири низ Мексико откако еден од најбараните мексикански нарко-босови, Ел Менчо, беше убиен во акција.
Во разговор за канадската CBC News, поранешниот висок функционер на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), Мајк Вигил, рече дека операцијата е спроведена со поддршка на американското разузнавање, но дека тоа не е победа што Вашингтон би можел да ја прогласи.
„Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да ја преземе заслугата за оваа операција, која е 100 проценти дело на Мексико… и тие ја заслужуваат целата заслуга“, рече Вигил.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Мексико мора „да ги зголеми напорите против картелите и дрогата“.
Вигил, исто така, оцени дека ликвидацијата на водачот на картелот Немесио Осегуеро Сервантес, познат како „Ел Менчо“, ќе предизвика психолошки превирања во неговата организација, бидејќи членовите го сметале за „непобедлив“.
фото/ЕПА
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА

