Свет
СДФ нема да ѝ ги предадат притворените милитанти на ИД на Сирија или Турција
Сириските демократски сили (СДФ) нема да ѝ ги предадат илјадниците затворени милитанти на Исламската држава (ИД) и нивните семејства на која било сила вклучувајќи го и сирискиот режим, изјави командантот на СДФ, Мазлум Кобани Абди, доцна во средата, а пренесе курдската информативна мрежа „Рудоу“.
„Судбината на притворениците и семејствата на ИД е во наши раце. Ние ги уапсивме и ќе решиме за нивната судбина“, рече Абди за „ТВ Ронахи“, поврзана со СДФ.
Абди рече дека тие исто така нема да прифатат Турција или сирискиот режим да преземат контрола врз притворените лица од ИД, дури и ако извршат инвазија во област под контрола на СДФ.
СДФ во северна Сирија има приведени околу 12.000 осомничени борци на ИД, меѓу кои и речиси 2.000 странци. Исто така, има околу 70.000 члена на семејствата и поддржувачи на ИД, кои се чуваат во кампови во регионот.
Најмалку 750 милитанти поврзани со ИД избегаа од логорот „Аин Иса“ под контрола на СДФ кога Турците гранатираа област во близина на кампот и притворениците предизвикаа немири. Постојат стравувања дека повеќе борци и поддржувачи на ИД би можеле да избегаат ако операцијата на Турција продолжи и фокусот на СДФ се пренасочи кон бојното поле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон воведува доброволен воен рок поради руската закана
Францускиот претседател Емануел Макрон во четврток ќе го претстави нов модел на доброволен воен рок, пренесе „Политико“. Проектот не предвидува враќање на задолжителното регрутирање, туку обука што ќе ги насочи доброволците кон активниот состав или резервата.
Потегот доаѓа поради растечката руска закана, а планот има широка политичка поддршка. Елисејската палата соопшти дека за реформата ќе бидат потребни законски измени и дека ажурираниот закон за воено планирање ќе биде претставен до 21 декември.
Франција има цел до 2035 година да формира резервен состав од 105.000 лица, значително повеќе од околу 44.000 во 2024 година.
Свет
Кремљ: Европскиот контрапредлог за мир во Украина е неконструктивен
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, го оцени европскиот контрапредлог на американскиот мировен план за Украина како „целосно неконструктивен“.
„На прв поглед, европското дополнување изгледа целосно неконструктивно и не е прифатливо за Русија“, изјави Ушаков.
Тој додаде дека многу точки од првичниот американски план, испратен до Киев минатата недела, се прифатливи, но дека други бараат детална дискусија.
Ушаков изјави дека постојат „некои сигнали“ за организирање средба меѓу руски и американски претставници, но дека конечен договор сè уште нема.
Европските лидери претходно ја изразија загриженоста околу американскиот план од 28 точки, особено поради идејата дека Украина треба да прифати територијални отстапки и намалување на вооружените сили, поради што изготвија свој контрапредлог. По вчерашните разговори во Женева, САД и Украина соопштија дека составиле „ажуриран и доработен мировен рамковен документ“.
Свет
Зеленски и Трамп би можеле да се сретнат oваа седмица
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да се сретнат во Белата куќа уште оваа недела за да разговараат за новиот мировен план, тврдат извори запознаени со преговорите. Киев значително го изменил американскиот предлог, отстранувајќи дел од максималистичките барања на Русија.
Првичниот американско-руски план од 28 точки, составен минатиот месец од специјалниот пратеник на Владимир Путин Кирил Дмитриев и претставникот на Трамп, Стив Виткоф, од Украина барал повлекување од градови под контрола на Киев во Донбас, ограничување на војската и откажување од членството во НАТО.
По неделните преговори во Швајцарија меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, планот бил драстично ревидиран – новата верзија има 19 точки. Киев и европските партнери инсистираат линијата на фронтот да биде почетна основа за територијалните разговори.

