Свет
Северна Кореја ги врати посмртните останки на 55 американски војници
Северна Кореја испрати 55 мали кутии со посмртни останки од американски војници убиени во Корејската војна, изјавија официјални лица.
Според „Ројтерс“, ова е првиот чекор во спроведувањето на договорот постигнат на самитот во јуни на американскиот и севернокорејскиот лидер, Доналд Трамп и Ким Џонг-ун.
„По толку години, ова ќе биде важен момент за многу семејства. Му благодарам на Ким Џонг-ун“, изјави Трамп на „Твитер“.
Белата куќа исто така издаде соопштение два часа пред тоа по повод предавањето на можните посмртни остатоци.
„Ние сме охрабрени од делата на Северна Кореја и од моментот на позитивни промени“, се вели во соопштението.
Забележано е дека еден американски воен авион за транспорт слетал во градот Вонсан на североистокот од Северна Кореја за да ги пренесе посмртните останки во воздухопловната база „Осан“ во Јужна Кореја.
Војниците биле облечени во униформи, со бели ракавици, полека носејќи 55 мали кутии покриени со знамиња на ОН и ставајќи ги една по една во сребрени комбиња паркирани на асфалтот во „Осан“.
Официјалната церемонија за враќање на посмртните останки ќе се одржи в среда, соопшти Белата куќа.
Како исчезнати во Корејската војна (1950-1953) се водат околу 7.700 американски војници, а останките уште на 5.300 војници сè уште се во Северна Кореја.
Милиони луѓе беа убиени во војната вклучувајќи и 36.000 американски војници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

