Свет
Северна Кореја ги обвинува САД за зголемените тензии на Корејскиот Полуостров

Министерството за надворешни работи на Северна Кореја ги обвини САД за растечките тензии на Корејскиот Полуостров, објави севернокорејската државна агенција, пренесува „Ројтерс“.
Шефот на Одделот за надворешни работи во тоа Министерство ги обвини САД дека ја комплицираат ситуацијата критикувајќи ја денешната воена вежба на САД, во која беше вклучен и бомбардерот „Б-52“.
Јужна Кореја и САД почнаа заеднички воени вежби, во кои учествува најмалку еден американски бомбардер со нуклеарен врв „Б-52Х“, објави претходно денеска јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Трамп: Газа е неверојатно вреден недвижен имот, би било добро да го поседуваат САД

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повтори дека сака САД да ја преземат контролата врз Појасот Газа, опишувајќи ја палестинската енклава како „неверојатно вреден и важен недвижен имот“.
„Да има мировни сили како САД таму, да го контролира и поседува Појасот Газа, би било добра работа“, рече Трамп во говорот од Белата куќа придружуван од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Trump on Gaza: I think it’s an incredible piece of important real estate. And I think it’s something that we would be involved in…controlling and owning the Gaza Strip would be a good thing… if you move the Palestinians around to different countries, you really have a freedom… pic.twitter.com/SaBDIToASB
— Republicans against Trump (@RpsAgainstTrump) April 7, 2025
Трамп повторно предложи раселување на палестинското население од Газа и изјави дека „многу земји“ ќе ги прифатат 2,1 милиони раселени Палестинци.
Регионалните сојузници веќе го отфрлија планот што би вклучувал принудно преместување на населението бидејќи тоа би можело да претставува воено злосторство.
Според Обединетите нации, израелската војна против Хамас раселила 90 отсто од населението во Газа.
„Ако ги земете овие луѓе, Палестинците, и ги преместите во различни земји – и имате многу земји што би го направиле тоа – тогаш всушност имате зона на слобода. Може да ја наречете зона на слобода, слободна зона, зона во која луѓето нема да умираат секој ден“, рече Трамп.
„Тоа е проклето добар простор. Знаете како го нарекувам – одлично место во кое никој не сака да живее“, додаде тој.
Трамп, исто така, се запраша зошто Израел ја „препуштил Газа“ на прво место.
„Земете земја покрај морето и им ја давате на луѓето за мир. Како заврши тоа“, праша Трамп, кој претходно предложи Газа да се претвори во „Ривиера“ во американска сопственост.
Свет
Бил Гејтс: Моите деца ќе добијат помалку од еден процент од вкупното богатство, решив дека нема да им правам услуга

Иако е еден од најбогатите луѓе во светот, Бил Гејтс не планира да го пренесе своето богатство на своите деца.
Милијардерот има три деца со поранешната сопруга Мелинда: Џенифер Кетрин Гејтс (29), Рори Џон Гејтс (25) и Фиби Адел Гејтс (22). Неодамна се појави на подкастот Figuring Out With Raj Shamani, каде отворено зборуваше за тоа како ги воспитувал своите деца.
Гејтс, чие богатство се проценува на 107 милијарди долари (околу 99,8 милијарди евра), објасни дека неговите деца ќе наследат само мал дел од неговото богатство кога ќе умре, поточно помалку од еден процент.
Во подкастот, тој беше прашан што мисли за тоа дали родителите, богати или сиромашни, треба да заштедат пари за да им ги остават на своите деца или треба да најдат друга употреба на своето богатство.
„Секој сам одлучува, а во мојот случај моите деца имаа одлично детство и образование, но ќе добијат помалку од еден процент од вкупното богатство, бидејќи решив дека нема да им правам услуга ако наследат повеќе“, одговори тој.
„Не се работи за династија, не барам од нив да го водат Мајкрософт. Сакам да им дадам можност сами да заработат пари и успех“, рече тој и додаде дека сака неговите деца да изградат нешто свое, а не цел живот да ги следи „сенката на неверојатната среќа и привилегија што ја имал нивниот татко“.
Гејтс, исто така, ја истакна важноста на отворената комуникација со децата за овие теми.
„Не сакате вашите деца никогаш да бидат збунети околу вашата поддршка и љубов кон нив. Затоа мислам дека е важно рано да ја објасните вашата филозофија: дека ќе ги третирате сите подеднакво и ќе им пружите неверојатни можности, но дека највисоката цел на тие ресурси е да се вратат на најпотребните преку фондацијата Гејтс“, рече тој, додавајќи дека основата на сите негови деца е многу успешна.
Гејтс, исто така, истакна дека видел примери каде децата на богатите поединци ги охрабруваат своите родители да бидат пофилантропски настроени.
„Видов случаи кога децата им кажуваа на своите родители да бидат подарежливи. Мислам дека помладите генерации понекогаш всушност ја отфрлаат идејата дека богатството едноставно се наследува“, рече тој.
Минатата година, во интервју за „Форбс“, Гејтс потврди дека поголемиот дел од своето богатство ќе биде дониран во хуманитарни цели, вклучувајќи ја и фондацијата Гејтс.
Свет
Се шири страв од новото руско електромагнетно оружје – способно да ја парализира целата непријателска опрема, велат аналитичарите

Москва развива оружје со електромагнетни импулси (EMP) што би можело суштински да ја промени природата на модерното војување, предупредуваат западните аналитичари. Се повеќе воено-технолошки достигнувања доаѓаат од Русија, веднаш откако во јавноста беше претставен ракетниот систем Орешник. Новото руско оружје е способно да го парализира НАТО без да испука ниту еден истрел. Оружјето, познато под името „Алабуга“, според западни извори би можело да ја неутрализира целата инфраструктура на непријателот – без потреба од употреба на нуклеарно оружје.
Според странските медиуми, рускиот претседател Владимир Путин ја разгледува можноста за употреба на ново тајно оружје.
Во екот на растечките тензии меѓу Москва и ЕУ, особено за улогата на НАТО алијансата во Украина, рускиот претседател Владимир Путин наводно дал зелено светло за забрзан развој на супероружје базирано на технологијата на електромагнетни импулси (EMP).
Оружјето засновано на овој принцип функционира со создавање на интензивен електромагнетен пулс кој може да ја уништи или оневозможи целата електронска опрема во голем радиус. Руската програма „Алабуга“ го користи овој концепт со поставување на високоенергетски електромагнетен генератор на балистичка ракета, која експлодира на височина од 200-300 метри.
Ракетата може буквално да го оневозможи речиси целото непријателско оружје и воена опрема, вклучувајќи проектили, системи за противракетна одбрана, бродови и тенкови, како и секаков вид на воена опрема од воздух, море и копно.
Проектилот „Алабуга“ предизвикува дефект на сите микро-кола.
Ефектот е разорен, се случува електронски колапс на површина со дијаметар од 3,5 километри.
Таквиот напад нема да предизвика директна физичка штета на луѓето или зградите, туку ќе ги остави парализирани воените системи, комуникациските мрежи, интернет инфраструктурата и здравствените установи.
Според британскиот новинар Питер Хиченс, кој пишуваше за таблоидот „Дејли мејл“, оружје како „Алабуга“ може да и овозможи на Русија „да победи во војната без да испука куршум и без да убие ниту еден човек“.
За „Алабуга“ првпат се слушна во 2014 година, кога протекоа информации од руски воени извори. Во 2017 година, високи функционери од компанијата „Радиоелектронске технологија“ потврдија дека проектот активно се развива и дека се работи за иднината на електронското војување.
Тогаш, пред осум години, британскиот таблоид „Дејли стар“ објави предупредување и сторија за радио-електронското оружје на кое работат во Русија, пренесувајќи мислење дека тоа ќе биде помоќно од нуклеарна бомба и ќе може да нокаутира цели армии.