Свет
Северна Кореја им се заканува на Американците со нова светска војна

Висок севернокорејски воен претставник ги критикуваше САД за испраќањето на воена помош за Украина, објави државната новинска агенција „КЦНА“.
Парк Јонг Чон, еден од највисоките воени претставници на Северна Кореја, рече дека Русија има „право да одлучи за секаков вид одмазднички напад“, додавајќи дека Вашингтон „продолжува да ја турка Украина во војна против Русија, што може да предизвика посилен одговор од Москва и нова светска војна“.
САД и Јужна Кореја се вознемирени од продлабочувањето на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја и ги обвинија за кршење на меѓународните закони за трговија со оружје.
Се верува дека Русија од август до јануари примила околу 1,6 милиони артилериски гранати од Северна Кореја, објави Вашингтон пост.
Владимир Путин и Ким Џонг Ун потпишаа пакт за време на посетата на Путин на Пјонгјанг минатата недела. Тие ветија дека секоја страна ќе обезбеди „итна воена помош на другата во случај на вооружена агресија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија и Украина почнаа мировни преговори во Истанбул – Кремљ: Ќе бидат тешки

Русија и Украина денеска ја почнаа третата рунда директни мировни преговори во Истанбул, јавува руската новинска агенција ТАСС.
Делегациите на двете земји веќе пристигнаа во главниот град на Турција, но и двете страни предупредуваат дека разговорите нема да бидат лесни.
Од Кремљ порачаа дека процесот ќе биде сложен, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговите очекувања не се високи, бидејќи разговорите за прекин на огнот не се на дневен ред.
Според Зеленски, денешната средба треба да се фокусира на теми како враќањето на украинските воени заробеници и децата кои, како што тврди Киев, биле одведени од Русија. Покрај тоа, ќе се разговара и за можноста за организирање лидерска средба на претседателско ниво.
Претходните две рунди преговори, одржани во Истанбул на 16 мај и 2 јуни, не донесоа напредок во однос на прекин на огнот. Единствен резултат од тие средби беше договор за размена на заробеници и враќање на телата на загинатите војници.
Мировниот процес, според дипломатски извори, бил поттикнат и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна јавно го критикуваше Кремљ за недоволен ангажман околу прекинување на војната, најавувајќи и нови санкции доколку нема резултати.
Украина бара итен и безусловен прекин на огнот како основа за натамошни разговори. Русија, пак, и натаму стои на своите барања – вклучувајќи целосно повлекување на украинските сили од источните територии што Москва ги анектираше.
Руската делегација повторно ја предводи претседателскиот советник и поранешен министер за култура, Владимир Медински. Од украинска страна, делегацијата ја води поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој сега е на чело на Советот за национална безбедност и одбрана.
Свет
Страшни сведоштва од болница во Сирија: „Пукаа во пациентите додека спиеја“

Силите на сириската влада се обвинети за масакр во болница во јужната провинција Суеида, за време на судирите што почнаа пред нешто повеќе од една недела. Новинар на „Би-би-си“ ја посети Националната болница во Суеида, каде што медицинскиот персонал тврди дека војници ладнокрвно убивале пациенти во болничките оддели.
„Тоа беше масакр“, изјави д-р Висам Масуд, неврохирург во болницата.
„Војниците дојдоа со тврдење дека носат мир, а убија десетици пациенти, од најмлади до најстари.“ Докторот споделил и снимка што наводно го прикажува моментот по нападот – на видеото се гледа жена која се движи низ болницата, додека на подот лежат тела на пациенти, завиткани во крвави чаршафи.
Сите – лекари, медицински сестри и волонтери – ја раскажуваат истата приказна. Тврдат дека минатата среда навечер, владините сили на Сирија насилно влегле во болницата, насочени кон верската заедница на Друзите, и таму извршиле масовни убиства.
„Кој е нивниот грев? Само тоа што се малцинство во демократска земја?“, прашува волонтерката Кинес Абу Мотаб.
„Тие се криминалци. Тие се чудовишта. Немаме ни трошка доверба во нив“, рече Осама Малак, наставник по англиски, пред влезот на болницата.
„Му пукаа во глава на осумгодишно дете со инвалидитет. Болниците според меѓународното право треба да бидат заштитени, но тие не поштедија никого – влегоа и почнаа да пукаат на сите. Пукаа во луѓе додека спиеја во креветите.“
Сите вклучени страни во овој конфликт се обвинети за злосторства – и бедуинските и друзиските борци, како и сиријската армија. Се зборува за убиства на цивили и егзекуции без судење. Сѐ уште нема независно потврдена слика за тоа што точно се случило во болницата. Неформални проценки велат дека бројот на загинати минатата среда надминува 300, но овие бројки засега не се официјално потврдени.
Сириското Министерство за одбрана објави дека е запознаено со извештаите за „шокантни прекршувања“ од страна на лица во воени униформи во Суеида. Министерот за управување со катастрофи, Раед Салех, изјави дека сите обвинувања за злосторства ќе бидат темелно истражени.
Пристапот до Суеида е строго ограничен, што го отежнува прибирањето директни докази. Градот е речиси под опсада, со тоа што владините сили го контролираат влезот и излезот. Новинарската екипа на „Би-би-си“ морала да помине бројни контролни пунктови. На влезот во градот, сведочеле за уништени продавници и згради, како и автомобили здробени од тенкови – доказ за жестоки борби меѓу друзиските и бедуинските борци.
Иако владините сили повторно презедоа контрола над неколку друзиски села, самиот град Суеида, со над 70.000 жители, и натаму останува под целосна контрола на Друзите.
Свет
ЕУ и Трамп се многу блиску до договор за царините, тврдат дипломати

Европската унија и САД се на добар пат да постигнат договор со кој царините за поголем дел од производите би се фиксирале на 15 отсто, пренесуваат „Блумберг“ и „Ројтерс“, повикувајќи се на дипломати запознаени со текот на преговорите.
Според истите извори, земјите членки на ЕУ се подготвени да прифатат 15 проценти царина, а европските претставници се залагаат договорот да ги опфати и клучните сектори, како автомобилската индустрија. Еден од дипломатите додал дека увозот на челик и алуминиум над одредени квоти сепак ќе остане подложен на висока царина од 50 проценти.
Иако во Брисел преовладува претпазлив оптимизам дека е можно да се постигне договор, дипломатите предупредуваат дека конечната одлука ја носи американскиот претседател Доналд Трамп, чии одлуки често се тешко предвидливи.
Иако се вели дека страните се блиску до договор, еден претставник на американската администрација предупредил дека преговорите и натаму се променливи и дека договор сè уште не е на повидок.
Двете страни ги засилија преговорите последниве недели со цел да избегнат целосна трговска војна, предизвикана од низата царини кои Трамп ги воведе кон партнери ширум светот. Преговарачите од ЕУ и САД биле блиску до договор пред две недели, но разговорите се закочиле откако Трамп се заканил со 30 отсто царина за поголем дел од европските производи доколку не се постигне договор до 1 август.
Доколку не се постигне договор до тогаш и Трамп ја реализира својата закана, ЕУ подготвува соодветен одговор.
Во случај на неуспех, Европската унија планира да воведе царини на американски производи во вредност од околу 100 милијарди евра (приближно 118 милијарди долари), со стапки кои би одговарале на најавените 30% од страна на Трамп.