Свет
Северна Кореја се обиде да лансира нов шпионски сателит во вселената, леталото експлодира за неколку минути
Северна Кореја вчера се обиде да лансира нов воен извидувачки сателит, но обидот не успеа, а потегот беше осуден од Јужна Кореја, Јапонија и САД.
Јужна Кореја објави снимка за која нејзината војска тврди дека го покажува неуспешниот обид за лансирање. Едноминутно црно-бело видео објавено од воениот штаб на Јужна Кореја покажува нешто што изгледа како експлозија на небото проследено со блесоци на светлина. Видеото е снимено со уред за надзор на јужнокорејски патролен брод.
Северна Кореја соопшти дека нејзиниот последен обид да лансира нов воен извидувачки сателит не успеа. Првата анализа покажа дека причината е новоразвиениот ракетен мотор со течно гориво, но се истражуваат други можни причини, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА.
Обидот дојде само неколку часа откога Пјонгјанг издаде предупредување дека ќе се обиде да го лансира сателитот до 4 јуни, што ќе биде негов втор шпионски сателит во орбитата.
Јужнокорејските и американските власти веруваат дека ракетата експлодирала неколку минути по летот, а јужнокорејскиот воен штаб соопшти дека открил голема количина ракетни остатоци во морето само две минути по лансирањето.
Проектилот истрелан од Северна Кореја исчезна над Жолтото Море, изјави за новинарите главниот секретар, Јошимаса Хајаши. Тој ја обвини Северна Кореја дека со лансирањето ги прекршила резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
Соединетите Американски Држави го осудија лансирањето, „кое вклучуваше технологии директно поврзани со програмата за балистички ракети на КНДР и се случи спротивно на повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН“, рече портпаролот на Стејт департментот.
Лансирањето дојде неколку часа откако Кина, Јужна Кореја и Јапонија го заклучија трипартитниот самит во Сеул, забележува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

