Свет
Секој нелегален мигрант во карантин ја чини Италија над 4.000 евра месечно

Илегалните мигранти, кои беа ставени во карантин на бродот „Моби Заза“ откако стигнаа во Италија како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, се проценува дека ги чинат италијанските даночни плаќачи повеќе од 4.000 евра месечно по човек, пренесува „Ил џорнале“.
На траектот, кој треба да биде закотвен на три до пет километри од брегот од сицилијанскиот град Порто Емпедокле, има околу 250 лица, вклучувајќи 35-член медицински персонал за да им помогне на мигрантите кои ќе бидат ставени во карантин за да се потврди дека не се заразени од вирусот.
Алесандро Пагано, член на „Лига“ на Матео Салвини, откри дека владата ѝ дала повеќе од милион евра на компанијата „Моби Лајн“ за изнајмување на траектот од нив.
„Компанијата ‘Моби Лајн’ ќе добие помеѓу 900 илјади и 1,2 милиони евра: значи околу 4.210 евра месечно по мигрант“, рече тој.
„Тука не зборуваме за бротче, туку за брод опремен со ресторан за самопослужување, пицерија, сладоледџилница, паб со специјален асортиман на вино, простории за игра и видеосала, двокреветни и четворокреветни кабини, па дури и луксузни апартмани. Сето ова додека италијанските семејства и бизниси се на колена поради сериозната економска криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19“, додаде Пагано.
Италија забележа нов мирантски бран во последните неколку недели и покрај мерките за изолација поради коронавирусот кои ги донесе владата на премиерот Џузепе Конте.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија и Кина со заедничка поддршка и фокус на Украина и САД

Шефовите на дипломатиите на Русија и Кина, Сергеј Лавров и Ванг Ји, денеска во Пекинг одржаа средба на која разговараа за перспективите за завршување на војната во Украина, како и за односите со САД, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Средбата се одржа во пресрет на учеството на Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на Шангајската организација за соработка (ШОС), каде Русија и Кина имаат клучна улога.
Според соопштението, двајцата министри ја потврдиле взаемната поддршка околу прашањата што се однесуваат на суверенитетот, територијалниот интегритет и националното единство на двете земји.
„Министрите изразија задоволство од позитивната динамика на руско-кинеската сеопфатна соработка и ја разгледаа билатералната агенда со фокус на спроведување на договорите од мајскиот самит во Москва“, информира руското МНР.
Во разговорот било опфатено и продлабочувањето на хуманитарната и практична соработка меѓу двете земји, како и деталите околу претстојниот самит на шефови на држави на земјите-членки на ШОС, како и проширениот формат „ШОС плус“.
Дополнително, Лавров и Ванг Ји разговарале и за односите со САД и решавањето на украинската криза, при што ја нагласиле важноста од тесна координација на глобалната сцена, особено преку Обединетите нации, Советот за безбедност, БРИКС, Г20 и АПЕК.
Кина и Русија во февруари 2022 година воспоставија стратешко партнерство без ограничувања, што беше официјализирано за време на посетата на Владимир Путин на Пекинг.
Свет
(Видео) 11 лица се повредени откако џип се заби во градина на ресторан во Атина

Црн џип се заби во градина на ресторан во населбата Колонаки во Атина со голема брзина доцна синоќа, од сè уште непознати причини, а според властите, во несреќата се повредени 11 лица.
Еден од повредените е задржан на интензивна нега на набљудување, додека две жени се оперирани поради сериозни скршеници, објавија грчките медиуми.
Според медиумските извештаи, возилото било паркирано на надолнина, а според првичните информации, 35-годишниот обезбедувач не ја активирал рачната сопирачка при паркирање.
Кога се обидел повторно да го паркира возилото на слободно паркинг место од другата страна на улицата, го оставил автомобилот без надзор, што му овозможило на џипот да се движи сам и да ја предизвика несреќата.
Возилото се урнало по скалите, се искачило на тротоарот, искорнало дрво, а потоа се забило во градината на ресторанот, повредувајќи неколку гости кои седеле на масите пред ресторанот.
Η στιγμή του τρομακτικού τροχαίου στο Κολωνάκι #tanea #taneagr #kolonaki #κολωνακι pic.twitter.com/96u3efOsvg
— TA NEA (@ta_nea) July 13, 2025
„Слушнав силен тресок. Некој извика кола! Пред да сфатам што се случува, бев на земја, покриен со крв. Имав среќа, дрвото го запре возилото пред целосно да стигне до масата каде што седев“, рече една од повредените гостинки во ресторанот, додавајќи дека имала скршена рака, повреди на главата и ребрата.
Очевидци рекоа дека слушнале силен тресок, кршење стакло и вресоци, а кога се приближиле до местото на несреќата, ги пронашле повредените на тротоарот, возилото се удрило во ѕид и маси расфрлани наоколу.
Веднаш по инцидентот, осомничениот обезбедувач бил уапсен, а против него е покрената постапка за нанесување тешки телесни повреди и кршење на прописите за безбедност во сообраќајот.
Сопственикот на возилото исто така бил приведен, но подоцна бил пуштен на слобода. Седум амбулантни возила биле веднаш испратени на местото на настанот, а сите повредени биле префрлени во болница.
Пет лица биле пуштени дома по добивањето на лекарска помош, додека шест биле задржани на лекување, соопшти грчкото Министерство за здравство, истакнувајќи дека сите пациенти во моментов се надвор од опасност, а нивната состојба е стабилна и под контрола.
Истрагата за точните околности што доведоа до несреќата е во тек.
Свет
Зеленски: 1.800 дронови и 1.200 бомби врз Украина за една недела, Русија го засилува теророт

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за ескалација на теророт врз цивилното население, откривајќи дека во последната недела врз Украина биле лансирани најмалку 1.800 беспилотни летала, над 1.200 лизгачки бомби и 83 ракети.
„Русите го зголемуваат теророт врз нашите градови и општини со цел дополнително да го заплашат народот“, изјави Зеленски преку Телеграм, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Според него, воздушните напади стануваат сè поинтензивни, особено ноќе, а Русија секојдневно ја напаѓа Украина од воздух.
Зеленски ја пофали ефикасноста на украинската противвоздушна одбрана, нагласувајќи дека специјално развиени дронови-пресретнувачи успешно собориле стотици ирански борбени дронови „Шахед“, кои Русија ги користи за напади.
Претседателот на Украина информираше и дека неодамна имал интензивни разговори со западните партнери, со цел понатамошен развој на овие одбранбени технологии.
Како што наведува ДПА, Русија во средата го извела најголемиот напад со беспилотни летала досега, при што украинската одбрана успеала да пресретне повеќе од 700 дронови во еден ден.
Инаку, Украина веќе повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија, со голема поддршка од западните земји во оружје, технологии и воена обука.