Свет
Семејството на истражувачот што загина во експлозијата на подморницата „Титан“ бара огромна отштета
Семејството на францускиот истражувач што загина во експлозијата на „Титан“ поднесе тужба барајќи повеќе од 50 милиони долари отштета од операторот на подморницата.
Пол-Хенри Наргеолет беше меѓу петте луѓе што загинаа кога подморницата „Титан“ имплодира додека патуваше кон потонатиот брод „Титаник“ во северниот дел на Атлантикот во јуни 2023 година. .
Познат како г. Титаник, Наргеолет го посетувал местото на „Титаник“ многупати и се смета за еден од луѓето што најмногу се запознаени со познатиот брод. Адвокатите рекоа дека подморницата осудена на пропаст имала проблематична историја и дека „Оушн гејт“ не успеал да ги открие клучните факти за нејзината издржливост.
Во тужбата понатаму се наведува дека иако Наргеолет бил назначен од „Оушн гејт“ како член на екипажот, многу детали за дефектите и недостатоците не биле откриени и биле намерно скриени, се вели во изјавата на адвокатот. Портпаролот на „Оушн гејт“ одби да ја коментира тужбата, која беше поднесена во вторникот во округот Кинг, Вашингтон.
Тони Базби, еден од адвокатите во случајот, рече дека една од целите на тужбата е „да се добијат одговори точно како се случило ова, кој бил вклучен и како инволвираните можеле да дозволат тоа да се случи“.
По катастрофата, се наметна прашањето дали „Титан“ бил осуден на пропаст поради неговиот неконвенционален дизајн и одбивањето на неговиот креатор да се подложи на независните проверки, кои се стандардни во индустријата, пишува „Гардијан“.
Имплозијата на „Титан“ исто така ги иницира прашањата за одржливоста и иднината на приватното истражување на длабокото море. Американската крајбрежна стража бргу свика истрага на високо ниво, која сè уште е во тек. Клучната јавна расправа е закажана за септември.
„Титан“ го направи своето последно нуркање на 18 јуни 2023 година, во недела наутро и изгуби контакт со бродот за поддршка околу два часа подоцна. По мисијата за пребарување и спасување, која привлече светско внимание, остатоците од „Титан“ беа пронајдени на дното на океанот на речиси 300 метри од „Титаник“.
Извршниот директор и коосновач на „Оушн гејт“, Стоктон Раш, управувал со „Титан“ кога тој експлодирал. Освен Раш и Наргеолет, во имплозијата загинаа и британскиот авантурист Хамиш Хардинг и двајца членови на угледно пакистанско семејство, Шахзада Давуд и неговиот син Сулеман Давуд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

