Свет
Семејството на починатиот Флојд бара усвојување закон за полициска реформа
Семејството на Џорџ Флојд, кој беше убиен од полицијата пред една година, денес се состана со американскиот претседател Џозеф Бајден во Белата куќа и повика на усвојување закон за полициска реформа, што ќе го носи неговото име.
Тие се состанаа на првата годишнина од убиството на Флојд, а на состанокот не присуствуваше сестрата на Џорџ Флојд, која ја бојкотира средбата велејќи дека Бајден го прекршил ветувањето оти законот ќе биде донесен до годишнината од смртта на нејзиниот брат.
„Одев во Вашингтон кај Бајден за да го потпише предлог-законот, но тој не го потпиша“, рече таа.
По состанокот со семејството, претседателот издаде соопштение, во кое ветува дека ќе продолжи да го поддржува законодавството.
„Битката за душата на Америка е постојано влечи – потегни прашање помеѓу американскиот идеал дека сите сме создадени еднакви и суровата реалност дека расизмот нè разделува предолго“, рече претседателот додавајќи дека е време да се усвои законот бидејќи помина една година од убиството на Џорџ Флојд.
Флојд, 46-годишен црнец, кој почина со лисици на рацете додека полицаецот му го притискаше вратот со коленото, стана лице на бурно национално соочување со историјата на расна неправда и полициска бруталност.
Неговите зборови „Не можам да дишам“ станаа слоган на масовните демонстрации што ги потресоа САД и целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Самит ЕУ-Западен Балкан без Србија: Вучиќ вели дека никој нема да оди во Брисел
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да оди во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан, односно дека Србија нема да има свој претставник.
„За прв пат во последните 13 или 14 години, ниту јас ниту некој друг нема да одиме на таа меѓувладина конференција. Никој нема да ја претставува Република Србија, па затоа Западниот Балкан ќе биде без Република Србија“, изјави претседателот за РТС.
Тој изјави дека донел таква одлука за да не биде обвинет никој друг и дека Владата нема да трпи никаков притисок.
Тој рече дека во претходните 24 часа разговарал со голем број европски лидери.
„Искрено сум благодарен за почитта што Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта ја покажаа кон Србија. Исто така, сум благодарен и на претседателот Макрон, со кого разговарав синоќа. Сметам дека сè што правам, го правам за граѓаните на Србија. Без оглед на тоа што знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, и во Брисел и од оние кои секогаш критикуваат, дури и кога не знаат точно што критикуваат. Верувам дека со ова ја штитам Република Србија и нејзините интереси, бидејќи мора да покажеме што сме направиле“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија ќе го продолжи својот европски пат додека тој е претседател, а потоа, како што рече, ќе видиме, пренесува РТС.
Фото: депозитфотос
Свет
Сијарто предупредува: На економијата на ЕУ ѝ се заканува колапс во случај на конфискација на руски средства
Конфискацијата на замрзнатите руски резерви може да предизвика колапс на економијата на Европската Унија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Руската национална банка ja чува својата имовина и средства во Белгија.
Сосема е очигледно дека ако ЕУ ги конфискува своите резерви, глобалната доверба во белгискиот пазар ќе исчезне, а преку него и целиот финансиски пазар на ЕУ.
Ако довербата во европската инвестициска средина исчезне, тоа може да доведе до колапс на европската економија“, рече тој во програмата „Час Правде“.
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврдија за време на разговорите дека таков чекор од Брисел нема да помине без одговор од Москва.
Ова ќе зависи од ставот на поединечните земји во Европската Унија, истакна Сијарто.
„Конфискацијата на руски државен имот е една од најсериозните ескалации на ризикот во последните четири години, а запленувањето на резервите од страна на ЕУ е решение кое се заканува со ескалација на војната“, нагласи дипломатот.
И покрај фактот дека се чини дека дипломатското решение за украинската криза се приближува, Европејците всушност се обидуваат да ја продолжат и влошат војната со целосно непотребно присвојување на руски средства, резимираше тој.
На 12 декември, Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на суверените руски средства, пренесува Спутник.
Европската комисија се надева дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани на платформата „Јуроклир“ во Белгија.
Фото: депозитфотос
Свет
Унгарија ќе увезува американски гас: „Ова е ново златно доба на соработка со САД“
Унгарија денес објави дека потпишала петгодишен договор за снабдување со гас со американската енергетска компанија „Шеврон“.
Новиот договор, потпишан од „Шеврон“ и унгарската јавна енергетска компанија „МВМ“, предвидува испорака на 400 милиони кубни метри течен природен гас годишно во текот на следните пет години, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на заедничка прес-конференција со заменик-секретарот за енергетика на САД, Џејмс Денли.
Сијарто го поздрави новото „златно доба“ на соработка меѓу двете земји, пишуваат медиумите во регионот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец на средбата со рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи да увезува руски фосилни горива, и покрај планот на ЕУ да го забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Фото: депозитфотос

