Свет
Се борев, не сакав да се откажам, раскажа 17-годишната Алејна, која беше спасена по 248 часа под урнатините
Седумнаесетгодишната Алејна Олмез беше спасена од урнатините 248 часа по разорните земјотреси што ги погодија јужна Турција и Сирија, јавува „Анадолија“.
Таа беше спасена од урнатините во населбата Кајабаси во Кахраманмараш.
Олмез моментно се наоѓа на лекување во болница во Анкара, а вчера беше посетена од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Таа е среќна поради посетата на претседателот и првата дама на Турција.
„Нашиот претседател дојде во посета, се чувствував добро, се гордеам. Убаво е чувството да се има толкава поддршка“, рече Олмез.
Како што изјави таа, поминала низ тежок период.
„Се борев, не сакав да се откажам. Сите ми даваа голема поддршка и ми помагаа. Ви благодарам многу за сè“, нагласи Алејна.
Нејзината тетка Ѓулер Думан рече дека е среќна што Алејна била спасена од под урнатините.
„Не очекувавме дека тоа ќе се случи, но кога Алејна излезе, тоа беше чудо за нас. Доживеавме и радост и тага во исто време“, истакна Думан, која им се заблагодари на сите, особено на лекарите што се грижеа за Алејна.
Кога Алејна беше извлечена од урнатините, д-р Џенгиз Дилбер рече дека е неверојатно што таа е во толку добра здравствена состојба со оглед на тоа што била под урнатините 248 часа.
„Бевме изненадени што нејзините телесни функции се добри и што функцијата на бубрезите не ѝ беше влошена. Тоа е неверојатна работа. Нејзиното здравје е многу добро. Се разбира, има и трауми“, изјави тогаш Дилбер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Тој се занимава со избори, а не со војна“: Зеленски критикуван, обвинет дека се обидува да ја спаси сопствената популарност
Зимскиот пакет за поддршка предложен од администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски наиде на остри критики, пишува Киев Индепендент.
Владата подготвува серија мерки за ублажување на економскиот притисок врз граѓаните додека земјата влегува во уште една тешка зимска сезона обележана со руски напади. Планот вклучува еднократна исплата од 1.000 гривни (околу 24 евра) за сите граѓани, 3.000 километри бесплатно патување со воз во Украина вон сезона и дополнителни 6.500 гривни (околу 154 евра) за најранливите групи, како што се внатрешно раселените лица и семејствата со ниски приходи.
Сепак, критичарите се прашуваат дали таквото трошење државни пари додека војната сè уште трае има смисла.
„Нема финансиска логика да се даваат 1.000 гривни на секој граѓанин без оглед на околностите, наместо да се помага на оние на кои навистина им е потребна помош“, изјави за „Киев Индепендент“ Володимир Ланда, раководител на одделот за проценка на инвестициите во Советот за економска безбедност на Украина.
Државниот буџет е под притисок
Според проценките, најмалку 450 милиони долари ќе бидат издвоени од државниот буџет за програмата. Владата даде спротивставени информации за бројот на граѓани кои би можеле да побараат исплата – премиерот споменува 10 милиони, додека другите министри наведуваат 15 милиони.
Во посебно соопштение, владата објави и 4,4 милијарди гривни (околу 104 милиони долари) за исплата на помош од 6.500 гривни за најранливите. Сè уште не е познато колку ќе чини бесплатниот воз.
„Сите државни приходи одат за финансирање на војната, а буџетот се одржува благодарение на странските партнери, кои нема да бидат задоволни ако Киев ги троши своите средства на овој начин“, предупреди Ланда. „Ова не е ефикасен начин за трошење пари. Само на оние на кои навистина им е потребна помош треба да им се помогне.“
Пакетот доаѓа во време кога Украинците очекуваат тешка зима со можни прекини во снабдувањето со електрична енергија и нови руски напади врз енергетската инфраструктура. Стапката на сиромаштија во земјата се искачи на 37 проценти. Во исто време, незадоволството на јавноста расте поради слабите подготовки за одбрана на енергетскиот систем.
„Ова е катастрофален популизам“, изјави за Киев Индепендент пратеникот на партијата Холос, Јарослав Железњак, оценувајќи дека владата се обидува да ја врати популарноста.
„Владата гледа кон изборите, а не кон бојното поле“
Сличен став изрази и Јевген Махда, извршен директор на Институтот за светска политика, кој тврди дека владата е повеќе загрижена за изборите отколку за војната.
„Наместо да се фокусира на бојното поле, каде што се водат тешки борби во близина на Покровско, владата размислува за избори кои се уште се далеку“, рече Махда.
Премиерката Јулија Свириденко ги отфрли обвинувањата за популизам на брифингот на 3 ноември, велејќи дека владата го гледа пакетот како мерка за поддршка на граѓаните во текот на зимата. Таа додаде дека граѓаните можат да ги донираат добиените пари на вооружените сили, наместо да ги трошат на сметки или други трошоци.
Само 4 проценти од парите завршиле кај армијата
Според владините податоци, само 4 проценти од корисниците ја донирале уплатата на армијата. Мнозинството, 63 проценти, потрошиле пари за комунални услуги, а 17 проценти за сметки за мобилни телефони.
Свириденко, исто така, најави дополнителна државна субвенција за украинските железници во износ од 16 милијарди гривни (околу 380 милиони долари) следната година.
„Владата обезбедува финансиска поддршка на државните железници во овој тежок период, па затоа граѓаните треба да добијат нешто за возврат“, рече Свириденко, објаснувајќи ја програмата за бесплатни 3.000 километри патување.
Фото: принтскрин
Свет
Шок во Германија: Автомобили и куќи извалкани со човечка крв и кукасти крстови
Германската јавност беше потресена од ужасен случај од градот Ханау, каде што во текот на ноќта речиси 50 автомобили, фасади на куќи и поштенски сандачиња беа извалкани со човечка крв, во некои случаи во форма на свастики.
Полицијата соопшти дека сè започнало кога еден маж пријавил дека видел црвеникава течност на хаубата на неговиот паркиран автомобил со нацртана свастика на неа доцна во средата навечер. За време на претресот во областа, полицајците наишле на десетици слични случаи, објавува „Билд“.
Blut-Schock in Hanau Hakenkreuze aus Blut – Stadt unter Schock nach nächtlichem Horror-Fund https://t.co/QMQifC5yDO #Hanau #Hessen #Hakenkreuze #Polizei #Politik #Blut pic.twitter.com/Va1yUUzN2e
— FreiePresse (@PRESSECOP) November 6, 2025
Според првите резултати од посебен тест, станува збор за човечка крв, но нејзиното потекло засега е непознато. Полицијата истакнува дека нема траги од повредени лица во областа и дека мотивот и околностите на настанот се целосно нејасни. Покрената е истрага за оштетување на имот и употреба на симболи на забранети организации.
Ханау, град во сојузната покраина Хесен, е познат по терористичкиот напад во 2020 година, кога десничарскиот терорист Тобијас Ратјен уби девет лица во напад врз барови за наргиле, по што ја уби својата мајка и себеси, потсетува медиумот.
Фото: принтскрин
Свет
Се урна конструкција во електрана во Јужна Кореја: 7 лица останаа заробени
Властите во Јужна Кореја стравуваат дека седум лица се заробени откако се урна голема структура во електрана во градот Улсан во четврток, објави новинската агенција Јонхап.
Официјален претставник на противпожарната служба на округот не можеше веднаш да го потврди бројот на исчезнати. Претходно, Јонхап и други медиуми објавија дека шест лица се исчезнати, а две се спасени.
Спасувачката операција е во тек
Јужнокорејските медиуми објавија фотографија на која се гледа масивна челична структура во југоисточниот град Улсан која се урнала и се превртела.
Во тек е спасувачка операција.
Инцидентот се случил во подружница на државната комунална компанија „Ист-Вест Пауер Ко.“, соопштија официјални лица, според „Јонхап“.
Детали за причината за несреќата и состојбата на заробените работници засега не се познати.
фото: принтскрин

