Свет
СЗО: Годишното време не влијае на коронавирусот
Светската здравствена организација соопшти дека годишното време не влијае на коронавирусот, пренесува „Хил“.
„Вирусите може да покажат сезонски облици. Тоа сигурно го гледаме кај грипот. Но, овој вирус досега не покажа вакви сезонски облици“, рече Мајк Рајан, кој ја предводи програмата за итни случаи на СЗО.
Некои се надеваа дека топлината и влажноста ќе ја спречат трансмисијата на коронавирусот. На почетокот на ширењето на пандемијата во текот на зимските месеци, американскиот претседател Доналд Трамп тврдеше дека пандемијата ќе заврши кога ќе затопли. Но, студиите покажаа дека тоа не е случај.
Во овие летни месеци коронавирусот се шири во американските градови Хјустон, Остин, Далас и Феникс. Двете најпогодени земји, покрај САД – Индија и Бразил – имаат и топла клима. Но, во Русија, каде што климата е постудена, повеќе од 890.000 луѓе се позитивни на коронавирусот.
Но, директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека постои причина за оптимизам. Тој го наведе Нов Зеланд како добар пример, каде што нема инфекција со коронавирус повеќе од сто дена, и Руанда, каде што на сите им е овозможено бесплатно тестирање. Тој исто така истакна дека има земји каде што трансмисијата е многу ниска, како Карибите и на пацифичките острови.
Од СЗО изјавија дека пандемијата ќе трае со месеци, но дека многу мал број од заразените се одговорни за ширење на инфекцијата. Од 10 до 20 проценти од случаите се одговорни за 80 отсто од трансмисијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

