Свет
СЗО: Не постои доказ дека излекуваните пациенти од Ковид-19 не можат пак да се заразат
Не постои доказ дека пациентите што оздравеле од Ковид-19 и имаат развиено антитела се заштитени од повторна инфекција, соопшти Светската здравствена организација, по повод најавите за издавање на „пасоши за имунитет“.
„Некои влади сугерираа дека детектирањето на антитела кај излекуваните пациенти од Ковид-19 ќе служат како основа за „пасош за имунитет“ или „сертификат дека не постои ризик“ што ќе им овозможи на лицата да патуваат или да се вратат на работа, под претпоставка дека се заштитени од повторна инфекција. Во моментов нема докази дека луѓето кои се опоравиле од Ковид-19 и имаат антитела се заштитени од втора инфекција“, нагласуваат од СЗО.
Затоа, велат од таму, употребата на вакви сертификати може да ги зголеми ризиците од постојан пренос на вирусот.
Од СЗО, исто така, наведуваат дека треба дополнителна валидација на лабораториските тестови кои откриваат антитела на коронавирусот, вклучувајќи ги и брзите тестови, за да се утврди нивната точност и сигурност.
„Неточни тестови можат лажно да ги категоризираат луѓето на два начина. Првата е дека тие можат лажно да ги етикетираат луѓето кои биле заразени како негативни, а втората е дека луѓето кои не биле заразени се лажно означени како позитивни. И двете грешки имаат сериозни последици и ќе влијаат на напорите за контрола на болеста“, велат од СЗО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сијарто предупредува: На економијата на ЕУ ѝ се заканува колапс во случај на конфискација на руски средства
Конфискацијата на замрзнатите руски резерви може да предизвика колапс на економијата на Европската Унија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Руската национална банка ja чува својата имовина и средства во Белгија.
Сосема е очигледно дека ако ЕУ ги конфискува своите резерви, глобалната доверба во белгискиот пазар ќе исчезне, а преку него и целиот финансиски пазар на ЕУ.
Ако довербата во европската инвестициска средина исчезне, тоа може да доведе до колапс на европската економија“, рече тој во програмата „Час Правде“.
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврдија за време на разговорите дека таков чекор од Брисел нема да помине без одговор од Москва.
Ова ќе зависи од ставот на поединечните земји во Европската Унија, истакна Сијарто.
„Конфискацијата на руски државен имот е една од најсериозните ескалации на ризикот во последните четири години, а запленувањето на резервите од страна на ЕУ е решение кое се заканува со ескалација на војната“, нагласи дипломатот.
И покрај фактот дека се чини дека дипломатското решение за украинската криза се приближува, Европејците всушност се обидуваат да ја продолжат и влошат војната со целосно непотребно присвојување на руски средства, резимираше тој.
На 12 декември, Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на суверените руски средства, пренесува Спутник.
Европската комисија се надева дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани на платформата „Јуроклир“ во Белгија.
Фото: депозитфотос
Свет
Унгарија ќе увезува американски гас: „Ова е ново златно доба на соработка со САД“
Унгарија денес објави дека потпишала петгодишен договор за снабдување со гас со американската енергетска компанија „Шеврон“.
Новиот договор, потпишан од „Шеврон“ и унгарската јавна енергетска компанија „МВМ“, предвидува испорака на 400 милиони кубни метри течен природен гас годишно во текот на следните пет години, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на заедничка прес-конференција со заменик-секретарот за енергетика на САД, Џејмс Денли.
Сијарто го поздрави новото „златно доба“ на соработка меѓу двете земји, пишуваат медиумите во регионот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец на средбата со рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи да увезува руски фосилни горива, и покрај планот на ЕУ да го забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Фото: депозитфотос
Регион
ГП Евзони блокиран поради протестот на грчките земјоделци
Денеска во 18:00 часот поради протестот на грчките земјоделци, ГП Евзони е блокиран за сите видови на сообраќај за влез во Р. Грција, соопшти АМСМ.
Од таму додаваат дека граничниот премин за излез од Грција работи само за тешки моторни возила.

