Свет
СЗО свика итен состанок поради ширење на нова смртоносна болест
Светската здравствена организација соопшти дека е свикан итен состанок поради ситуацијата во Екваторијална Гвинеја, која го потврди ширењето на смртоносниот вирус Марбург.
Тоа е многу заразна и смртоносна болест слична на еболата.
Екваторијална Гвинеја го потврди избувнувањето, откако најмалку девет лица починаа, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Малата централноафриканска земја стави во карантин повеќе од 200 луѓе и го ограничи движењето минатата недела во провинцијата Ки-Нтем по откривањето на непозната хеморагична треска, пренесува Ројтерс.
Соседниот Камерун, исто така, го ограничи движењето долж својата граница поради загриженоста за ширењето на инфекцијата.
Покрај деветте смртни случаи, 16 случаи на сомнителен Марбург вирус се пријавени во Екваторијална Гвинеја, кои вклучуваат симптоми на треска, замор, како и повраќање и крвава дијареа, соопшти СЗО.
Според организацијата, Марбург вирусната болест може да има стапка на смртност до 88 отсто, без одобрени за лекување вакцини или антивирусни третмани.
Локалните здравствени власти првично пријавија случај на непозната болест која предизвикува хеморагична треска, а примерокот беше испратен во лабораторија во Сенегал минатиот понеделник, кој беше позитивен на вирусот Марбург.
Соопштено е дека специјални тимови вршат трагање и следење на контакти, изолација и третман на сомнителни случаи,пренесе Телеграф.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Орбан: Срамно е како ЕУ се однесува кон Србија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Србија е клучна земја во Западен Балкан и дека начинот на кој Европската унија се однесува кон Белград е срамен и неправеден.
Орбан го изјави ова пред самитот на Европската унија и земјите од Западен Балкан во Брисел, одговарајќи на прашање за отсуството на Србија од состанокот, објавија регионалните медиуми.
Тој изјави дека Западен Балкан претставува економска резерва на злато за Европската Унија и дека Србија игра клучна улога во регионалната стабилност и заштитата на Европа од мигрантските текови.
„Не можеме ништо да направиме без Србија. Она што се случува тука, мислам на третманот и однесувањето кон Србија, е срамно. Тоа е целосно неправедно и неприфатливо“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер истакна дека Србија сочинува повеќе од една третина од вкупното население на Западен Балкан, додека, според него, најмалку половина од економијата на регионот е поврзана со таа земја. Тој додаде дека околу две третини од извозот на Западен Балкан е поврзан со Србија.
„Без Србија, невозможно е да се направи нешто на Западен Балкан“, тврди Орбан.
Тој оцени дека, за да се најдат решенија за постојните предизвици, Европската унија прво треба да ја прифати Србија како членка, а дури потоа да го продолжи процесот на проширување со другите земји во регионот.
„Ние го правиме токму спротивното. Не е добро. Лошо е, неправедно и срамно. Затоа ние Унгарците мора да ја поддржиме Србија да продолжи напред“, заклучи Орбан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави доцна синоќа дека Србија нема да присуствува на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, наведувајќи дека не сака владата на земјата да трпи притисок, но повтори дека Белград останува посветен на членството во ЕУ.
фото/депозитфотос
Свет
Убиен почитуван професор од МИТ, бил застрелан пред неговиот дом
Шок и неверување владееше во престижниот Масачусетски институт за технологија (МИТ) и во мирното бостонско предградие Бруклин по веста за бруталното убиство на почитуван професор.
Нуно Ф.Г. Луреиро, 47, професор по нуклеарни науки, инженерство и физика и директор на Центарот за наука за плазма и фузија на МИТ, беше застрелан повеќе пати во понеделникот вечерта во својот дом на улицата Гибс. Починал од повредите во болница рано наутро во вторник, потврди канцеларијата на окружниот обвинител на округот Норфолк, Мајкл В. Морисеј, според „Бостон тајмс“.
Соседка која живее во станот над Луреиро рече дека слушнала повеќе истрели во понеделник вечерта. Кога ја отворила вратата, затекнала ужасна сцена – Лоуреиро лежел на грб на влезот од зградата.
Полициските службеници на местото на настанот пронашле чаури во лобито и куршуми во ѕидот. Информациите за убиецот се спротивставени; еден полицаец пријавил сив седан кој возел со исклучени светла, додека друг споменал син или црн седан.
Шефицата на полицијата во Бруклин, Џенифер Пастер, изјави дека истрагата за убиство е активна и во тек. „За да го заштитиме интегритетот на истрагата, ограничени сме во информациите што можеме да ги споделиме во овој момент и бараме разбирање и трпение од заедницата“, рече Пастер.
Иако ФБИ понуди помош на државните власти, таа во овој момент не е побарана. Специјалниот агент Тед Докс нагласи дека злосторството не изгледа поврзано со пукањето што се случи во саботата на Универзитетот Браун, каде што беа убиени двајца студенти.
Во вторник вечерта на улицата Гибс се одржа бдение во спомен на убиениот професор. Според соседите, Лоуреиро имал три деца, а неговата смрт ја потресе целата заедница.
Претседателката на МИТ, Сали Корнблут, изрази сочувство до семејството. „Соочени со оваа шокантна загуба, нашите мисли се со неговата сопруга и нивното семејство, како и со неговите многубројни посветени студенти, пријатели и колеги“, рече Корнблут, додавајќи дека универзитетот ги поддржува сите погодени од оваа трагедија.
Лоуреиро пораснал во малиот град Визеу, Португалија, и уште од мал знаел дека сака да биде научник. Тој дипломирал физика од Лисабон, докторирал од Империјал колеџ во Лондон и продолжил со постдокторски истражувања на престижниот универзитет Принстон и Националната лабораторија за истражување на фузија во Велика Британија.
По враќањето во Португалија, се приклучил на МИТ во 2016 година. Опишан како „признаен теоретски физичар и научник за фузија“, во 2024 година бил именуван за директор на Центарот за плазма и фузиска наука на МИТ, кој има повеќе од 250 истражувачи и студенти.
Неговото почитување во научната заедница се одразува во фактот дека ја добил Претседателската награда за научници и инженери во рана кариера, највисокото признание што владата на САД им го доделува на научниците во рана кариера.
Свет
Зеленски бара конкретни чекори против Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сојузниците на Украина да му дадат поддршка на Киев и да и покажат на Русија дека војната е бесмислена, пред клучниот самит на Европската унија на кој треба да се разговара за замрзнатите средства на Русија.
„Исходот од овие состаноци – исходот за Европа – мора да биде таков што Русија ќе почувствува дека нејзината желба да продолжи со борбите следната година ќе биде бесмислена бидејќи Украина ќе има поддршка“, рече Зеленски во своето вечерашно обраќање.
Тој ги повика украинските партнери да донесат одлука за користење на речиси 250 милијарди долари замрзнати руски државни средства во Европската унија, од кои повеќето се чуваат во белгискиот Euroclear, за поддршка на заем за Украина.
Владите на ЕУ минатата недела се согласија да ги задржат средствата замрзнати до понатамошно известување, наместо да гласаат на секои шест месеци дали да го продолжат статусот.
Некои европски лидери се спротивставија на планот, плашејќи се дека тоа би можело да претставува правни ризици за нив.
„Ни треба сите наши партнери да имаат храброст да ја видат вистината, да ја признаат вистината и да дејствуваат соодветно“, рече Зеленски. Тој додаде дека постапките на Русија покажуваат дека таа има намера да продолжи да се бори следната година.
„Сојузниците во Соединетите Американски Држави често велат дека се чини дека Русија сака да ја заврши војната. Но, Русија испраќа сосема поинаква реторика и сигнали, вклучително и официјални наредби до својата војска“, рече Зеленски.
фото/депозитфотос

