Свет
СЗО: Условите се идеални за појава на нови варијанти на вирусот

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Гебрејсус, денеска изјави дека би било опасно да се мисли дека екстремно заразниот вид омикрон е последен што ќе се појави во светот и дека ова е крајот на пандемијата.
Сепак, Тедрос додаде дека е можно оваа година да заврши акутната фаза на пандемијата, каде што Ковид-19 претставува глобална здравствена закана, под услов стратегиите и помагалата како тестовите и вакцините да се користат правилно, објави „Ројтерс“.
Говорејќи на отворањето на состанокот на извршното тело, Тедрос истакна дека омикрон е откриен пред речиси 10 недели и дека оттогаш во светот се регистрирани 80 милиони случаи, повеќе отколку во 2020 година.
„Условите се идеални за појава на уште повеќе видови“, додаде директорот на СЗО.
Тедрос посочи дека човештвото може да стави крај на коронавирусот како глобална здравствена закана со исполнување повеќе цели, како што е намерата на СЗО за вакцинирање 70 отсто од населението во сите земји до средината на годината, особено оние што се изложени на најголем ризик од Ковид-19, како и со внимателно следење на вирусот и новите варијанти што се појавуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп и Путин не постигнаа договор за прекин на војната во Украина

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, не постигнаа договор за прекин на војната во Украина по тричасовен разговор. Средбата, според нив, беше многу продуктивна. Трамп рече дека ќе контактира со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и со лидерите на НАТО за да ги пренесе информациите од состанокот.
Путин изјави дека е постигнат договор, но не даде детали, пренесува Фокс њуз.
„Денешната спогодба ќе биде почетна точка не само за решение во Украина, туку ќе ни помогне и да го обновиме бизнисот… меѓу Русија и САД“, рече Путин.
Путин ја опиша нацијата Украина како „братска нација“, но продолжи велејќи дека „примарните корени“ на конфликтот мора да бидат „елиминирани“.
Трамп потоа го опиша самитот како „исклучително продуктивен“ и рече дека е постигнат договор за „многу точки“, но не прецизираше кои договори се постигнати.
Но, Трамп исто така рече дека страните „сè уште не ја достигнале целната линија“ во постигнувањето мировен договор.
„Имаше многу, многу точки за кои се согласивме, повеќето од нив, би рекол. Не стигнавме до целта за неколку големи точки, но постигнавме одреден напредок. Нема договор додека не e постигнат договор“, рече Трамп.
Трамп јасно стави до знаење дека се надева оти следниот чекор ќе биде лична средба меѓу Зеленски и Путин, иако не е јасно дали е постигнат напредок во реализацијата на оваа средба.
Во интервју за Фокс њуз по средбите, Трамп рече: „Сакам луѓето да престанат да умираат. Мислам дека Путин сака ова да заврши.“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков зборуваше во име на кабинетот на Владимир Путин. Песков ја оцени средбата меѓу Путин и Трамп како „многу позитивна“.
„Разговорот беше навистина многу позитивен и двајцата лидери го кажаа тоа. Ова е вид разговор што ни овозможува цврсто да се движиме по патот на заедничко барање опции за мирно решение“, заклучи Песков.
Свет
(Видео) Прашањето за цивилите, возењето во лимузината и ракоплескањето во фокус во јавноста по стартот на средбата меѓу Трамп и Путин

За време на средбата во Алјаска, американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, позираа пред собраните фоторепортери. Во толпата што се појави, новинарите се обидоа да добијат изјави, извикувајќи прашања до двајцата светски лидери.
Во еден момент, еден од присутните новинари гласно го праша рускиот претседател: „Дали ќе престанете да убивате цивили?“. „Дали ќе се согласите на прекин на огнот?“ беше исто така едно од прашањата.
⚡️ Reporters asked Putin when he will stop killing civilians, but he pretended not to hear and gave no answer. pic.twitter.com/16bYXtpkJ0
— UNITED24 Media (@United24media) August 15, 2025
Владимир Путин не одговори со зборови. Наместо тоа, само покажа со прст на увото, јасно ставајќи до знаење дека не слуша, потоа ги крена рамената, пренесуваат западните медиуми.
Потоа Путин му се придружи на Трамп во претседателската лимузина што е ретка привилегија за странските државници бидејќи тие обично се возат во свои автомобили. Но, Трамп очигледно го поканил Путин да седне со него во автомобилот. Дел од руските медиуми го протолкуваа овој чин како знак на пријателство и ран почеток на разговорите.
Внимание привлече и сцената со ракоплескањето. Откако авионот со затворени врати стоеше некое време на пистата, Трамп беше првиот што излезе од „Ер Форс Уан“, а многу брзо потоа следеше Путин од рускиот владин авион. Кога Путин излезе од авионот и му се приближи на Трамп, Трамп беше забележан како ракоплеска.
Свет
(Видео) Трамп и Путин на историска средба во Алјаска, состанокот би можел да трае со часови

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин се сретнаа во Алјаска. Откако се поздравија, се ракуваа и се фотографираа, тие се упатија кон своите автомобили.
Средбата меѓу Трамп и Путин ќе се одржи во воздухопловна база од времето на Студената војна во Алјаска и ќе биде нивниот прв разговор во живо откако Трамп се врати во Белата куќа.
Тоа ќе биде и првата средба меѓу американски и руски лидер од 2021 година, кога Џо Бајден се сретна со рускиот претседател во Женева.
По разговорите, се очекува на Трамп да му се придружи Путин на ретка заедничка прес-конференција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски не беше поканет на самитот во Алјаска, но Трамп рече дека следната рунда разговори со Русија и Украина би можела да се одржи многу наскоро ако средбата со Путин помине добро.
Средбата ќе трае со часови?
Песков претходно објави дека самитот во Алјаска би можел да трае шест до седум часа.
Трамп, кој за време на изборната кампања повтори дека ќе ја заврши војната на Русија во Украина во рок од 24 часа, за време на летот на „Ер Форс Уан“ до Алјаска рече дека не може да каже што би го направило неговиот состанок со Путин успешен, но нагласи дека сака прекин на огнот.
На прашањето што би го направило самитот успешен, тој им рече на новинарите во „Ер Форс Уан“: „Не можам да ви кажам тоа. Не знам. Ништо не е зацврстено. Сакам одредени работи. Сакам прекин на огнот.“
„Сакам да видам брзо прекин на огнот… Нема да бидам среќен ако тоа не се случи денес. Сакам убивањето да престане“, рече тој.